Денес, кога во светот многу луѓе се соочуваат со егзистенцијални проблеми, ликот и делото на Свети Никола може да послужат како пример за одговорни единки пред општеството
Охриѓанецот Ефтим Спространов запишал дека Свети Никола бил тој „шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј“. Пишувањето на Спространов укажува дека Свети Никола или Свети Николај Чудотворецот кај нашиот народ, но и кај христијаните воопшто, се смета за заштитник на морињата. Роден е во 270 година во Мала Азија, а при крстењето го добил името Никола, кое означува народен победник. Уште како дете започнал да ја изучува Библијата, а подоцна се замонашил во манастирот „Нов Сион“. Во времето на владеењето на римските императори Диоклецијан и Максимилијан бил прогонуван и затворан. Уште додека бил жив, луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош.
Меѓутоа, кој бил навистина Свети Никола, архиепископот мирликински? Потекнувал од богато и влијателно семејство. По смртта на неговите родители Теофан и Нина, го продал целиот наследен имот, а парите од продажбата им ги поделил на сиромашните. Свети Никола, слично како и Свети Василиј Велики, се одликувал со добродушност и ги заштитувал и им помагал на сите луѓе, без разлика на нивното етничко потекло или општествен статус. Денес, кога во светот многу луѓе се соочуваат со егзистенцијални проблеми, ликот и делото на Свети Никола може да послужат како пример за одговорни единки пред општеството.
Според последните податоци, Македонија има највисока инфлација во регионот, а македонски семејства трошат повеќе од 35 отсто од својот буџет за храна. Според експертите, трошоците за храна се тесно поврзани со бруто-домашниот производ (БДП), односно со слабите перформанси на македонската економија. Параметрите покажуваат дека „македонската економска активност, во третиот квартал оваа година, се одликува со раст на трошоците и забавен економски раст“. Оваа состојба била „резултат на воениот конфликт во Украина и санкциите кон Руската Федерација“.
Надлежните државни институции презедоа одредени активности што имаат цел да ја ублажат состојбата. Дали се тие доволни или не, секојдневието на граѓаните е огледало за ефектите на преземените мерки и активности.
И иако државата (не) е единствениот чинител што (треба да) мисли и дејствува за своите граѓани, во вакви услови (а тоа значи сѐ почесто), на ум ми паѓа една интересна и вистината анегдота…
Имено, жителите на неколку населени места (засега не споменувам кои), повеќе од една деценија ги повикувале надлежните институции да го асфалтираат патот, за кој од поодамна постоеле комунални дозволи за градба. И покрај многубројните поплаки, асфалтирањето на неколкукилометарската траса никогаш не започнало. Но едно утро жителите биле разбудени од звуците на механизацијата и работниците што започнале со обложување на патот. По едномесечната активност, патот бил завршен!
Денес трасата поврзува неколку населени места, но она што е најчудно во оваа приказна е тоа што селаните до ден-денес никогаш не го дознаа инвеститорот што ја финансирал изградбата. Работниците им одговарале на збунетите селани дека се испратени од приватна компанија-изведувач, но дека не знаат кој стои зад проектот, а општинските власти посочиле дека тие не се финансиери. До ден-денес сѐ уште не се знае кој го изградил патот, затоа што никој јавно не се пофалил со овој зафат. Какво ли чудо се случило? Долго време селаните трагале да го идентификуваат својот добротвор, за да му се заблагодарат, но попусто. Не го пронашле, ниту го идентификувале. И така, не им преостанало ништо друго туку да му се заблагодарат на бога затоа што ги услишил нивните молби. Уште повеќе, селаните се договориле да му бидат благодарни на Св. Никола и нему да му ги припишат ваквите чудесија, бидејќи работите на патот почнале и завршиле во многу краток период пред големиот празник Св. Никола, кој чудотворно направил ем времето да не биде студено и со снег, за да може да се работи, ем патот да биде брзо завршен, на големо задоволство на селаните.
Колку и да звучи чудно, бидејќи ваквите примери се многу ретки, споменатата анегдота покажува дека некој во нашето општество сѐ уште се одликува со добродушност, сочувство и скромност. Споменатата сторија може да послужи и како пример за многу успешни личности и компании за нивната одговорност пред општеството. Во услови кога многу македонски семејства се соочуваат со егзистенцијални проблеми, секоја помош е добредојдена. Да завршиме со Свети Никола, со кого го започнавме коментарот. Овој светец е запаметен како фенерлија што праит чудесија, затоа што им помагал на сиромашните луѓе и сите оние што имале потреба од помош.
Да не бидам разбран дека ни остануваат уште само вербата и молењето на бога и на светците за да се заврши некоја општа граѓанска работа. Ова е само една метафора и потсетување во пресрет на Св. Никола, дека се вели „ниту бог не помага доколку и самиот не си помогнеш“. Затоа, со верба во бога и со добра мисла, да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа, за господ да ни помогне!
За многу години да е Свети Никола!