Јасно е дека политичките партии на власт во континуитет и систематски ги демотивираа и ги уриваа квалитетот и интегритетот во секоја гранка на власта, а и пошироко во општеството, во полза на партискиот клиентелизам. А овие метастази што се шират нема да ги спречи никој однадвор.
Откако стивнаа протестите и започна „фазата на почеток на преговорите“ со ЕУ, за малку ќе помислевме дека протекоа мед и млеко и дека навистина до 2030 година ќе станеме членка на ЕУ. Бидејќи ние сме многу подобри и побрзи од другите. Бидејќи со скринингот не само што ќе се направи рендген-снимка на состојбите во македонското општество туку ЕУ безмалку ќе спроведе принудна управа и нема да ни даде да мрднеме од реформите. А кога ќе станеме членка, истиот момент ќе се разбудиме во еден „нов свет“.
Сите наши млади од тој ден натаму ќе остануваат тука, а просперитетот ќе биде загарантиран. Наедно ќе цвета и нашата култура, врз зацврстениот и гарантиран од ЕУ македонски идентитет (сведен на македонскиот јазик). За ваквата слика се погрижи пропагандата на нашата влада, но и низа официјални претставници на ЕУ и држави-членки.
Додуша, тие повнимателно ги пакуваат изјавите, но сепак здушно ги рециклираат пораките од типот „до Брисел преку Охрид“ или „до Брисел преку Преспа“, во „до Брисел преку Софија“, односно „преку уставните измени“.
Штета што Бугарија постојано се грижи оваа внимателно креирана идилична слика да се распрсне како скршено стакло. А големо прашање е кој верува во ваквиот паралелен свет.
Пристапот на Владата кон преговорите е евидентно спроведувана тактика „салама“. Се сечка саламата (политичкиот пакет што тешко се голта одеднаш) на тенки резанки за да се подели и да се скрши отпорот. Или, „се користат повторени, ограничени fait accomplit (свршени чинови) за да се прошири влијанието во локален контекст, притоа избегнувајќи потенцијална ескалација“. А и принципот што е основа за оваа тактика „раздели, па владеј“ е стар и познат.
Досега како свршен чин се „проголтаа“ заклучоците на Советот, двете позиции на Советот на ЕУ заедно со преговарачката рамка, протоколот со Бугарија… Во нив се проголта сѐ и сешто, вклучувајќи ги едностраните изјави за македонскиот јазик, согласноста членството во ЕУ да зависи од завршетокот на работата на мешаната комисија за историски и образовни прашања… Ама, бидејќи тоа ќе биде таму некаде во 2030 година, тогаш ќе мислиме за тоа.
Сега на ред е поголемо парче од саламата – уставните измени, за да се внесат Бугарите во Уставот. Тие и не беа дел од првобитните бугарски услови, туку се дополнителен услов и влезна точка за остварување на бугарските цели преку преговарачкиот процес.
Се чини дека државниот врв сѐ уште нема согласност за тоа кога да ги отпочне – претседателот вели да не се брза, вицепремиерот за европски прашања – дека има време од една година до крајот на скринингот, а министерот за надворешни работи – да не се одложува. Ништо чудно, очекувано е на крајот сепак да се согласат, веројатно ставајќи го тоа прашање во некој пакет преговори или, подобро речено, пазарења во рамките на Владата.
Меѓутоа, се чини како да паѓаат некои тули и во ѕидот за уставните измени поставен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. По првобитниот цврст став дека ниеден пратеник од оваа партија нема да гласа за уставните измени, лидерот на оваа партија излезе со два мошне нејасни (а и ризично поставени) услови за оваа партија да се согласи на уставните измени: ЕУ да даде гаранции за идентитетот и Бугарија да не поставува нови вета врз основа на билатерални прашања. Со самата можност за прифаќање на уставните измени, оваа партија испрати лоша порака, особено до сите оние што, иако не се слепи следбеници на ВМРО-ДПМНЕ, се цврсто против уставните измени.
Видливо е дека прашањето на уставните измени партиите го третираат од аспект на нивните изборни математики. Воопшто, целото ставање на уставните измени во контекст на изборите е дегутантно и ги демотивира оние граѓани што ова прашање со право го сметаат за натпартиски национален интерес.
Во убедувањето за прифаќање на уставните измени обидот е да се сведе внесувањето на Бугарите во Уставот на безопасен потег. Па, ќе се внесат и Хрватите, и Црногорците, и други… Да, но нивните матични држави не го негираат македонскиот идентитет и ги признаваат Македонците во своите држави. За разлика од нив, Бугарија и натаму отворено го негира македонскиот идентитет.
Кога досегашните барања од бугарската држава ќе станат барања на малцинство во државата, тоа станува прашање на спроведување на уставниот поредок, а не билатерално меѓудржавно барање. Кога уставните измени ќе станат fait accomplit ќе биде доцна.
Од секој годишен пакет документи за проширување, најбитни се неколку реченици од заклучоците на стратегијата за проширување, кои, по правило, треба да бидат извлечени од најважните наоди од извештајот. Тие се „политичкиот шлаг“ на извештајот и вообичаено се појдовна точка за заклучоците на Советот на ЕУ што треба да следуваат. Во годинашните заклучоци на стратегијата за проширување, накратко се констатира дека оваа нова фаза во процесот бара широк консензус за реформите поврзани со ЕУ. Потоа, во реформските приоритети како клучни области се наведуваат владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Следува констатацијата дека „земјата дава добар пример за мултиетничко општество“ и дека „уставните измени, во согласност со преземените обврски на Северна Македонија, натаму ќе ги унапредат темелните права“.
Меѓутоа, ако барате основа и аргументација, препорака, што и да е, за последниов наод во самиот текст на извештајот во врска со уставните измени во делот за темелни права, такво нешто нема да најдете. Затоа, пак, во делот за парламентот, на самиот почеток, се повикуваат власта и опозицијата да работат заедно и конструктивно да се фокусираат врз конкретни чекори во преговарачкиот процес, вклучувајќи и „преку унапредување на реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните“. И на крајот од текстот за парламентот се потсетува дека „парламентот и Владата се обврзаа да започнат и приоритетно да ги постигнат релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат и граѓаните што живеат во границите на државата“.
Дали од овие и не толку вешто фразирани наоди произлегува дека уставните измени се дел од реформите поврзани со ЕУ? Не. Тие се политичко барање, засновано врз нашата согласност, односно преземената обврска за промена на Уставот.
Барањата за реформи поврзани со ЕУ произлегуваат од acquis на Унијата. Нив (според усвоената, но официјално необјавена) преговарачка рамка ги презентира, но и ја оценува усогласеноста на земјата со нив – Европската комисија на скринингот. Европската комисија на веќе завршениот прв дел од скринингот – аналитички скрининг/презентирањето на acquis, не ги ни спомна уставните измени, ниту пак што било друго што произлегува од бугарските барања.
Македонските претставници на билатералниот скрининг би требало да претстават што ќе преземат во врска со она што комисијата го презентирала како acquis на Унијата. За жал, не знаеме што презентираат и какви обврски ќе преземат – дали само оние поврзани со презентираното од комисијата или и други „преземени обврски“ и во која мера, според логиката на „свршени чинови“, ќе ја олеснат натамошната политизација и билатерализација на „реформите поврзани со ЕУ“. Затоа што таа неизоставно ќе се интензивира, и тоа во моментот кога досието ќе премине од комисијата во Советот.
Во периодот од летово наваму, таа политизација и билатерализација во самиот процес и не беше толку видлива. Тоа е затоа што преговорите се исклучително во рацете на Европската комисија сѐ до извештаите на скринингот, односно до предлогот за почетни одредници.
Извештаите ќе можат да се објават дури по измената на Уставот, а и самата динамика на нивното објавување е во рацете на комисијата (секако, не без влијание на државите членки). Потоа досиејата преминуваат во рацете на државите членки, кои треба едногласно да се согласат за одредниците. Во кластерот Темели, главни одредници се патоказите за владеење на правото (поглавјата 23 и 24) и за реформа на јавната администрација, но можно е да се постават и одредници од другите поглавја.
Патоказот за владеење на правото би требало да ги содржи „клучните реформски приоритети и да ги води пристапните преговори во овие поглавја и подготовките за исполнување на барањата за членство“. Но тука е и прилепениот Акциски план за малцинствата/заедниците, со содржини препознатливи од бугарските барања, кој ќе се разгледува и ќе се следи на меѓувладините конференции.
И тогаш ќе има една целосно поинаква ситуација од сегашнава – кога секоја држава членка ќе има можност да го блокира процесот во многу фази и меѓуфази. Секако, полесно ќе биде ако имаат основа за блокада во одредниците.
Бугарија, секако, во оваа фаза кога единствено нема формална улога во преговорите, не седи мирно. Продолжува со пропагандата заснована врз замена на тези. Ги поставува заседите и замките што ќе ѝ овозможат во натамошните преговарачки процедури во Советот да ги постави и да ги вгради своите барања, да се заканува со вета и да поставува вета.
По видливиот триумфализам за внесувањето на нејзините услови во преговарачкиот процес, продолжи и демонстрацијата на надмоќ. Само еден од примерите е опстојувањето на бугарските институции на нивниот став за забрана на здруженија чија цел е признавање и заштита на македонското национално малцинство, иако е ова спротивно на одлуките на Европскиот суд за човековите права. Инаку, пресудата ОМО „Илинден“ – Бугарија (предмет 59491/00) е на листата на 97 т.н. „водечки пресуди“ за оваа земја, на кои се повикува и извештајот за владеење на правото на ЕК за Бугарија.
Предупредувањето дека најголемиот ризик од вметнувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес е штетата за вистинските реформи што тој процес ги предизвика, наместо да ги поттикне, за жал, се реализира. Најголемата иронија е што непосредно пред билатералниот скрининг за поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, се случува, веројатно, најголемата хаварија во правосудството од независноста наваму. Најмал проблем е што со тоа пропаѓа приказната за магичната моќ на скринингот, односно „почетокот на преговорите“.
Веќе е извесно дека изборот на шефот на организиран криминал, околностите за изборот и оставката на претседателката на Судскиот совет, функционирањето на Советот на јавни обвинители, правосудни испити без диплома, најавеното враќање на владините реклами… и да не набројуваме, најблаго кажано, нема да бидат забележани како напредок во реформите. Доволни се опомената од американската амбасада и разочараноста на шефот на Делегацијата на ЕУ од спроведувањето на реформите во владеењето на правото.
Дел од македонската јавност беше подиректна во критиките. Јасно е дека политичките партии на власт во континуитет и систематски ги демотивираа и ги уриваа квалитетот и интегритетот во секоја гранка на власта, а и пошироко во општеството, во полза на партискиот клиентелизам. А овие метастази што се шират нема да ги спречи никој однадвор. Како и да се сврти, топката повторно се префрла на домашниот терен.
Владата изгледа дека погрешно пресмета дека отстапките кон Бугарија ќе ѝ обезбедат доволно „успех во реформите“ и доволно маневарски простор да си поигрува со реформите. Реалноста е „дупло голо“ – и билатерализација на преговарачкиот процес и назадување во вистинските реформи.
Малинка Ристевска Јорданова
Авторката е ангажирана во процесот на интеграција во ЕУ од крајот на деведесеттите години. Анализата е дел од серијата текстови „Соседска сопка на патот кон ЕУ“ на „Республика“ и „Само прашај“ за односите меѓу Македонија и Бугарија, по блокадата на македонските евроинтеграции од страна на официјална Софија