Никој овде не знае или не сака да каже зошто се врши толку голем притисок и зошто прашањето за Бугарите се наметнува како неизбежен и пресуден избор меѓу
животот и европските политички гробишта за Македонците. Ниту Пендаровски, ниту Ковачевски, ниту Али Ахмети, ниту Христијан Мицковски не се обиделе да им објаснат на своите граѓани или партиски членови зошто се таа толкава странска упорност и домашна согласност, зошто се употребува тешка политичка артилерија и се поставуваат услови што многу повеќе носат печат на уцени
Во поранешна Југославија, една убава држава пред да биде во крв растурена, еден од најпопуларните и најгледани филмови беше партизанската сторија од Втората светска војна со име „Валтер го брани Сараево“. Во неа Валтер, кого го играше Бата Живоиновиќ, испоуби, брат брату, стотина германски окупаторски војници. За да се види за колку кратко време и колку е превртлива историјата, може да се земе појавата на новиот Валтер. Рамно педесет години по славата на филмот, Германецот Франк Валтер Штајнмајер, претседателот на Германија, дојде да ја спасува Македонија од историјата на партизаните.
Тешко можам да си објаснам од кој извор извира радоста во занималната на раководната градинка во македонската влада и во нејзиниот СДСМ-клон на улицата Бихаќска б.б. по беседите на претседателот на Франк Валтер Штајнмајер. Точно е дека посетата е значајна, дека кажа убави зборови, но прашање е кој му ги избра и состави тие убави реченици и како ние, овде во Македонија, ги прочитавме. Овој 66-годишен социјалдемократ, умерен припадник на реформските сили во Германија, човек со огромно политичко и разузнавачко искуство, кој му припаѓа на десното крило на СПД, познат како тактичен и претпазлив дипломат, одржа пред македонската јавност неколку лекции што заслужуваат внимание и процена.
Почитуваниот и во светот ценет германски претседател, инсистирајќи на спроведување реформи во Македонија и во нејзиниот правосуден систем, кажа дека доколку би се случило неговиот син да стане судија пред да добие официјална диплома, тој, без да чека, ни 24 часа, ќе поднесе оставка. Можеби со синот сѐ било по закон, но самото сомневање предизвикано кај јавноста би било причина да го стори тоа како морална одговорност. Таквата постапка не е само германска туку е и европска политичка култура, кон која лажно се стремат македонските политичари. Сѐ може да се случи, оставка никако.
Доколку, пак, се откријат двесте такви феномени, наредниот ден од чинот на оставката на првиот човек оставки би поднеле и министерот за образование и министерот за правда без никаков обид да се правдаат. Можеби би паднала и владата, како што паѓа секоја европска влада по такво откритие. Таквата афера опозицијата би ја искористила неконструктивно до максимум. Медиумите не би премолчиле таков скандал и не би запреле со пишување додека не се расчисти случајот и додека секој учесник не си ја преземе одговорноста. Законска и морална. Така било секогаш во Германија. Така ќе биде во Македонија кога ќе стане Германија.
Штајнмајер не зборуваше за Уставот во Германија, но одоколу зборуваше за Уставот на Република Северна Македонија. Од почит кон граѓаните на Северна не кажа дека во неговата земја Уставот не подлежи на национални одредби и параграфи. Иако Турците во Германија, познати како германски Турци и турски Германци, го сочинуваат најголемото етничко малцинство во државата, на германските политичари не им паѓа ни на крај памет да ги стават во преамбулата на Уставот и да им дадат статус на државотворна заедница. А ги има 1,5 милион со турски пасош и уште толку со германски, според Сојузната служба за статистика. Ги уживаат сите права на живеење, ама не се германотворни. Ниту ќе бидат во наредните сто години.
Најверојатно би било невкусна шега ако се рече дека би било добро ако претседателот Штајнмајер на македонските политичари им препорача примена или препис на германскиот уставен модел при сегашните дискусии за промена на Уставот и за внесување на етничкото бугарско малцинство, кое има 3.500 бугарски Македонци или македонски Бугари. (Именувајте ги како сакате, затоа што самите тие се колебаат која двојна националност да ја прифатат.) Германскиот претседател јасно порача дека од овие 3.500 лица зависи европската иднина на два милиони граѓани на Република Северна Македонија, ако утре-другиден државата го задржи и сегашното име. Без запишување на Бугарите ќе бидат отпишани Македонците од Европа. Нема натамошни преговори, се затвораат вратите на ЕУ. Тоа е германскиот јасен став, таа се германската поддршка и помош, ако сме писмени да го прочитаме тој став и да не си фрламе пепел во очите.
Прекрасно е што во своите обраќања германскиот претседател го спомна Блаже Конески и изрече неколку реченици од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Не гледам некоја посебна храброст овие две имиња да се величат во Македонија, во која и самите се великани. Би било вистинска храброст, речиси лудо херојство, тие да се спомнуваат во Софија и да се побара нивните имиња и дела да се користат за градење добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија.
Но каков заклучок може да се изведе кога се знае дека академикот, лингвист, поет Блаже Конески, еден од главните кодификатори на македонскиот јазик, е трн во окото на бугарската наука и политика, една од најомразените македонски личности. И кога Бугарија со сите свои државни, научни и политички институции не ги признава македонскиот народ, македонското културно наследство, македонскиот јазик и писмо, сметајќи ги за бугарска сопственост и за македонски фалсификати. Кој тука треба да ја спушти топката, кој тука не смее да скршне од курсот сега, пред наводниот крај на патот кон ЕУ?
А и романот „Пиреј“ во македонската читачка свест е национална гордост, во него се говори за жилавоста на Македонецот, за неговата вековна борба за да си ги зачува идентитетот, јазикот, писмото, културата, традициите. Да им се спротивстави на сите туѓи посегања и да остане свој на своето. „Пиреј“ е роман за македонскиот непокор, извориште и симбол на патриотизмот на Македонецот, „за племето наше што не го ништи ни една војска“.
Данајските дарови што ѝ се нудеа на Македонија да го смени името, сега се повторуваат, а и натаму ќе се збогатуваат, додека не бидат запишани македонските Бугари во Уставот. Дали тие ќе се викаат само данајски или ќе си добиваат име според државите и политичарите што ќе доаѓаат со лицемерни говори или со директни закани, не е ни важно. Дали ќе бидат германски, француски, американски, натовски, сите ќе имаат иста содржина и цел. Под маската за почнување на преговорите со ЕУ се турка проектот за насилно инфилтрирање на Бугарите во македонското државно устројство и во виртуелниот проект „Едно општество за сите“. Еднакво за сите, тешко на тие што ќе поверуваат, како што наивно се верува дека впишувањето на Бугарите има иста безопасност како впишувањето на Црногорците, Хрватите, Косоварите, Русите, Русините, Белорусите, Полјаците и Јакутите.
А никој овде не знае или не сака да каже зошто се врши толку голем притисок и зошто прашањето за Бугарите се наметнува како неизбежен и пресуден избор меѓу животот и европските политички гробишта за Македонците. Ниту Пендаровски, ниту Ковачевски, ниту Али Ахмети, ниту Христијан Мицковски не се обиделе да им објаснат на своите граѓани или партиски членови зошто се таа толкава странска упорност и домашна согласност, зошто се употребува тешка политичка артилерија и се поставуваат услови што многу повеќе носат печат на уцени.
Кој може да каже која е крајната цел што цел свет, со Америка на чело, е запнат, покрај нападната Украина, да се спасува Македонија преку предавање во рацете на Бугарија. Оттаму, во тој меѓународен контекст, не е излишно да се постави прашањето: Кого го бранеше во своите неколку политлитерарно убаво стокмени беседи германскиот претседател Штајнмајер во Скопје – Македонија или Бугарија? Чии интереси застапуваше во поголема мера почитуваниот прв човек на германската држава?