Денес ниту метрополата ниту, пак, жителите ја немаат таа предновогодишна енергија, елан, верба, со еден збор душа како порано. Денес сѐ повеќе нѐ обзема некое сивило, неизвесност, беспарица. Нѐ навјасале кризи, тешки како планини. Те енергетски, те економски. Кризи што како аждери ги копаат мирот и спокојот во домовите, во душите, во семејствата, како ламји ја горат надежта за подобро утре. И како тогаш да се радувате на малите нешта, како елки, лампиони, новогодишни честитки, кога стравувате дали ќе имате струја, како да презимите, со еден збор како да преживеете
Сѐ поизвесно станува дека новогодишниот сјај во главниот град ќе остане во некои сеќавања на скопјани, бидејќи мерките за штедење, едноставно, мора да се реализираат. Иако можеби, исто како и минатата година, градските власти во соработка со општествено одговорни компании новогодишно ќе го декорираат градот, сепак, општините нема да го сторат тоа. Што значи, единствена надеж и радост ќе ни биде централното градско подрачје, иако и тоа останува енигма, затоа што и за тоа украсување е потребна електрична енергија, која нам сега, во овие моменти, ни е луксуз, за да се расфрламе со неа. Голем дел граѓани со доза на разочарување ја дочекаа оваа вест, а морам да кажам дека и јас се разочарав, а ќе образложам и зошто. Сѐ уште се сеќавам на секој детаљ што го проживував за време на новогодишните празници кога бев мала. Тоа е периодот во почетокот на 1990-тите години, кога Скопје имаше еден сосема поинаков шарм од она што го има денес. Можеби немавме модерни билборди и разни лед-светилки, немавме огромни и масивни фонтани, но градот а и ние со него имавме душа.
Плоштадот беше со онаа стара калдрма – коцка, среде него стоеше огромна природна елка, а тука, од Камен мост, па надолу, кон средината на плоштадот, имаше новогодишни тезгиња. И тие беа стари, ни слични на овие денес модерниве, но и тие некако имаа душа и емитуваа некоја чудна енергија.
Над луѓето, кои буквално се туткаа додека шетаа, имаше новогодишни светилки, најобични, оние старските, жолтите, но беа обоени во неколку бои. На тезгите шаренило од бои – честитки, пакетчиња, лижалчиња, срми во разни бои, стаклени лампион,и фино спакувани секој во своја хартијка, за да не се скршат. Музика имаше овде-онде, ако некој на својата тезга имаше ставено радио.
Сите си го чекавме редот за да купиме цело туце честитки, кои по пошта им ги испраќавме на најблиските. Се седнуваше на маса, со свој ракопис да им ги напишеш новогодишните честитки на вујните, тетките, бабите и дедовците.
Оттаму се одеше на традиционално крукче околу елката, на која немаше ништо друго освен истите тие светилки во разни бои. И знаете што? Елката беше прекрасна. Не би ја менувала за ниту една од овие модерниве со лед-светилки што блескаат во сите бои, затоа што таа елка едноставно имаше душа. Таа беше нем сведок за среќата во која растевме, за радоста што ни ја носеа празниците.
Друг ден, пак, се подготвувавме да одиме на новогодишен панаѓур, каде што задолжително купувавме облека за новогодишната ноќ. Да бидеме дотерани, во ново руво да ја дочекаме новата година. Се шеташе со часови, се избираше облека, а ние, децата, постојано стоевме на пултот каде што се продаваа новогодишните украси или, пак, на оној другиот, каде што се продаваа зајачиња.
Тоа беше време кога Скопје имаше посебен шарм, имаше душа, кога жарот во очите се гледаше кај сите. Тогаш немаше економски, енергетски, социјални, инфлаторни или какви било други кризи, или барем ние помалите не знаевме за тоа.
Што ни остана од тоа безгрижно време? Само спомените. Денес тој жар во очите го нема кај луѓето. Ако порано сите славеа во кафеани, во ресторани, а поимотните одеа на неколкудневно зимување во околните зимски центри, денес кого и да прашаш, ќе ти одговори дека ќе слави скромно, дома, во кругот на семејството. Денес ниту метрополата ниту, пак, жителите ја немаат таа енергија, елан, верба, со еден збор душа како порано. Денес сѐ повеќе нѐ обзема некое сивило, неизвесност, беспарица.
Како да живееме под мотото „купи ден-продај“. Повисоки сметки за струја нѐ очекуваат уште од првиот ден од новата година, како новогодишна честитка. Дополнително, новогодишната ноќ ќе се дочекува многу поскромно од минатите години, бидејќи цените на производите рипнаа до небо. Веројатно некој нема ниту да зготви нешто за таа некогаш специјална вечер.
Јануари е еден од најтешките месеци во годината, а се чини дека годинава ќе биде уште потежок, како карпа. Уште не дошол, а сите уште отсега стравуваат како ли ќе заврши. И како тогаш да се радувате на малите нешта, како елки, лампиони, новогодишни честитки, кога стравувате дали ќе имате струја, како да презимите, со еден збор како да преживеете
Нѐ навјасале кризи, тешки како планини. Те енергетски, те економски. Кризи што како аждери ги копаат мирот и спокојот во домовите, во душите, во семејствата, како ламји ја горат надежта за подобро утре.
Како да не бидам разочарана? Каде да ги прошетам децата, каде барем за миг да заборавам на високите сметки за струја, н високите цени на храната, каде да се одморам од сѐ и да се забавувам и опуштам со моите деца? Каде да ја доживееме новогодишната магија јас и стотици илјади семејства заедно со мене? Каде да им го дадам на децата тоа што моите родители ми го дадоа мене?
Каде повторно да ја најдам душата на Скопје, за да ги научам колку е прекрасно да си на плоштад за време на новогодишните празници, да ги делиш прошетките со семејството? Како да им покажам дека елката не е важно да трепка, важно е да ја има, бидејќи таа е симбол и обележје на новогодишната ноќ? Како да им објаснам дека некогаш Скопје и неговите жители имаа душа, но некаде патем изгледа таа се изгуби во трката за пари и за преживување?