Овие афери што укажуваат на влијание на избор на идни судии и обвинители, како и аферите за изборите во јавното обвинителство (ЈОРМ), како и скандалозниот избор за Уставниот суд, укажуваат на жестока борба за политичко влијание, на кратки, но и долги патеки врз правосудството на Македонија
Се сеќавате на аферата „Онишченко“? Веројатно почнува да бледнее, иако се случи изминатиот месец, како што избледеа и другите пасошки афери, како скандалот „Мафија“ или „Двојник“ и „Ерменија“, на кои никој веќе не се сеќава, а се случија изминатата година. Претходните афери бледнеат зашто нови се редат! Не дека во правосудството нема афери во претходниот период, како изборот на јавен обвинител за организиран криминал, но оваа недела правосудството, со серија афери, го одзеде приматот на безбедноста. Веројатно за внимание е оставката на Павлина Црвенковска, претседателка на Судскиот совет, највисокото тело за организација на судството, како и аферата „Правосуден без диплома“.
Аферата „Правосуден без диплома“ започна како скандал поврзан со Барлет Џафери, син на Талат Џафери, претседател на Собранието, за кого Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) започна постапка, па ја запре, но набргу откри проблеми во повеќе сектори, најмалку во образованието и медиумите. Но по ред. Аферата започна со информација од ДКСК дека ја запреле постапката за Барлет Џафери, поради недостиг од документи, а за незаконско запишување на Академијата за судии и обвинители, односно дека положил правосуден испит пред да има соодветна диплома, во овој случај од Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) во Тетово. Оттука почнаа да се тркалаат работите и да растат како лавина. Недостигот од документи е всушност дека Министерството за правда наводно ги чувало досиејата за правосуден испит една година и поради тоа не може да се утврди дали Барлет Џафери имал дипломирано кога се пријавил за правосуден испит.
Еве одлична можност за Државниот архив да изврши инспекциска контрола врз Министерството за правда, да утврди дали е во согласност со законот чувањето на документите и дали пријавиле уништување документациски материјал. Но индиректно дека има проблем потврди ДКСК, бидејќи имало 449 случаи како тој на Барлет Џафери, и дека тоа отвара хипотеза дека на ЈЕИ имало проблем со правните студии пред 2010 година, односно биле три години или 180 кредити, што е недоволно за правосуден испит и лиценца за адвокат, судија итн. Па, проблемот бил решаван со дискрециски права на министерот за правда. Ова е хипотеза што институциите или истражувачки новинар може да ја проверат. Е, сега, Барлет Џафери е пред завршување на Академијата. Фактот дека ДКСК е извор на информацијата, а аферата е стара неколку години, говори во прилог дека немаме истражувачко новинарство, кое би открило ваков тип на афера. Но и изворот на ДКСК решил да ја запре постапката, што укажува на отсуство на волја за истражување на оваа афера.
Тука се надоврза и оставката на Павлина Црвенковска, претседателка на Судскиот совет. Ненајавена, ненадејна дури и за нејзините колеги од Судскиот совет, ги затекна и медиумите, кои освен цитирање на нејзината писмена изјава дека се повлекува поради медиумска хајка инспирирана од судски бизнис-групации, не успеаја да дојдат до нејзина изјава или интервју. А би било многу интересно да се чујат причините за тоа. Првите медиумски шпекулации се можен судир со новоизбраните седум члена на Судскиот совет, за прашање за избор околу Академијата за судии и обвинители. Наводно, Павлина Црвенковска на седница отишла со подготвена листа на кандидати поврзани со Академијата за судии и обвинители, на што се спротивставиле новите членови. Можно е Академијата за судии и обвинители да е поводот, бидејќи точно е дека имаше медиумски напади врз Советот на судии, но и Советот на обвинители, за избори поврзани со Академијата. Можна индикација за борба за превласт.
Аферата „Правосуден без диплома“ и оставката на Павлина Црвенковска, претседателка на Судскиот совет, на прв поглед се неповрзани. Но има една нишка што ги поврзува, а тоа е Академијата за судии и обвинители, односно влијанието на изборот на идни судии и обвинители. Доколку ми е добро сеќавањето, и еден од „чудесните“ софтвери на Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата за кого се водат судски постапки, е поврзан со приемот на Академијата за судии и обвинители, односно со манипулирање на резултатите на кандидатите за упис во Академијата. Тогаш имаше обвинувања за силен непотизам на примените кандидати. За неколку години, најмалку три афери во чија заднина е Академијата за судии и обвинители, односно изборот на идните судии и обвинители. Уверен сум во интегритетот на Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академијата. Но би свртел внимание на јавноста и на меѓународните поддржувачи во напор да се заштити Академијата за судии и обвинители од можни притисоци.
Овие афери, кои укажуваат на влијание на избор на идни судии и обвинители, како и аферите за изборите во јавното обвинителство (ЈОРМ), како и скандалозниот избор за Уставниот суд, укажуваат на жестока борба за политичко влијание, на кратки, но и долги патеки врз правосудството на Македонија. Заокружувањето на тој процес може да биде една од клучните причини зошто власта не сака предвремени избори.
Авторот е аналитичар
Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични