Неодамна во Австрија се одржа најголемиот собир на словенските малцинства на европскиот континент, на кој учествуваа и претставници на Македонците што живеат во Албанија и во Грција. Претставниците на македонските малцинства во овие држави, но и пошироко, се обидуваат преку Федералната унија на европските националности (ФУЕН) директно да влијаат врз европската општествена и политичка јавност да помогне во унапредувањето на нивните права, но и да ги заштитат националните и јазичните особености на Македонците што живеат надвор од македонската држава
МАКЕДОНЦИТЕ ШТО ЖИВЕАТ ВО ГРЦИЈА, АЛБАНИЈА, БУГАРИЈА… ГИ БАРААТ СВОИТЕ ПРАВА
Неколкупати досега претставниците на македонското малцинство од соседните држави посочија дека во услови кога отворено се негира постоењето на македонската нација и македонските национални особености, Македонија како матична држава на сите Македонци без разлика каде живеат речиси воопшто не посветува внимание на нивните напори за остварување или за унапредување на нивните малцински права.
Тие исто така нагласуваат дека и покрај тоа што македонските институции имаат уставна обврска да им помагаат, што е очигледно од амандманот 36, член 1, кој веќе е составен дел од македонскиот устав и во кој се вели дека: „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ“, како и дека „Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ“, се принудени сами да дејствуваат за афирмирање на македонските национални особености, кои можат да исчезнат како резултат на туѓи влијанија и асимилација.
Во недостиг од директна поддршка од матичната држава, македонските малцинства се принудени да дејствуваат преку лобирање пред европските институции и организации. Ова е особено карактеристично за претставниците на македонските малцинства од Република Албанија и од Република Грција, кои се обидуваат преку Федералната унија на европските националности (ФУЕН) директно или индиректно да влијаат врз европската општествена и политичка јавност, кои можат да помогнат во унапредувањето на нивните права, но и да ги заштитат националните и јазичните особености на Македонците што живеат надвор од македонската држава.
Во овој контекст беа и нивните последни активности во Австрија каде што се одржа најголемиот собир на словенските малцинства на европскиот континент во рамките на 25-от семинар на работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Споменатиот собир беше организиран од ФУЕН, во соработка со Хрватскиот центар за култура, образование и политика, Хрватското културно друштво во Бургенланд и Хрватскиот академски клуб. На собирот учествуваа неколку истакнати европски политичари, како и 52 претставници од 12 европски држави.
На споменатиот семинар учествуваа неколку истакнати личности, меѓу кои д-р Ангелика Млинар, Словенка од Австрија, која наедно е и претседателка на работната група на словенските малцинства во Европа (АГСМ), поранешна министерка одговорена за развој, стратегиски проекти и кохезија во Словенија и поранешна европратеничка, како и Олга Воглауер, Словенка од Австрија и политичарка од Партијата на зелените. Еден од најважните моменти во рамките на собирот беа разговорите со членовите на австрискиот парламент, каде што учествуваа и сите претставници на етничките групи. Во текот на овие средби акцентот бил ставен на заштитата на етничките групи, европската и меѓународната димензија, како и двојазичните образовни модели и примерите на најдобри практики од малцинскиот училиштен систем. Целиот настан беше поддржан и организиран од страна на Клубот на пратениците на зелените. Во рамките на споменатиот собир на словенските малцинства во Европа, учесниците разгледаа повеќе теми, како што се имплементирање на правата на етничките групи или зачувувањето на јазикот, образованието и малцинските медиуми.
На овие средби и состаноци, Евгенија Нацулиду, претставничка на организацијата „Крсте Мисирков (Движење за промоција на македонскиот мајчин јазик)“ на македонското малцинство во Република Грција, како и Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана од Албанија, ја презентираа положбата на македонското малцинство, како и проблемите што ги засегаат Македонците во Грција и во Албанија. Конкретно Никола Ѓурѓај ги презентирал положбата на Македонците во Албанија и положбата на македонско друштво „Илинден“ – Тирана, како и проблемите што ги засегаат Македонците во Република Албанија. Активностите на Евгенија Нацулиду беа од друга природа, односно да се запознае европската јавност со положбата на Македонците во Република Грција, односно со проблеми што се појавуваат при обидите за регистрацијата на здруженијата или промоцијата на македонските малцински права.
За последните напори, Никола Ѓурѓај вели дека ќе ги продолжат своите активности пред европските претставници и институции. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана од формирањето во континуитет лобира во меѓународната сцена за правата на Македонците во Република Албанија, а целта на последните средбите беа промоција и агитирање во полза на подобрување на малцинските права на Македонците во Република Албанија.
– Во овој контекст ќе продолжиме во континуитет како членови на ФУЕН и работната група на словенските малцинства во Европа АГСМ – вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво од Тирана.
Претставниците на македонското малцинство исто така посочуваат дека во недостиг од помош и поддршка од матичната држава се надеваат дека нивните активности пред општествената и пошироката европската јавност ќе дадат плод. Според нив, доколку се земат предвид постојните услови, лобирањето пред Европа е единствениот начин што може да придонесе за унапредување на малцинските права на Македонците, но и во заштита на македонските национални особености од асимилација. Д.Ст.