Ова не е моја прва колумна за спортот, или посебно за фудбалот. Голем број од тие што ме следат знаат дека сум голем љубител на фудбалот, па не чекам Светско (или Европско) првенство за да уживам во неговата убавина. И редовно го правам тоа со доза грижа на совест. Однатре ме „јаде“ контрадикцијата помеѓу љубовта за „спортот на обичниот народ“ и она што денес го претставува професионалниот спорт, „фабрика за правење пари“ и забава за тој напатен народ да не мисли на секојдневните грижи. Фините интелектуалци, особено на Балканот, во време на светски првенства чувствуваат потреба да нагласат дека се над овој примитивизам, трчањето по една топка и дека имаат попаметна работа. Всушност, прашање на интелектуална чест е да се каже дека фудбалот го поттикнува национализмот, па затоа е одвратен и недоволно прогресивен и „европски“ (иако најразвиените западни земји, бивши колонизатори, се оние што најмногу врескаат по стадионите).
Пред да почнам да ја пишувам оваа колумна, набрзина се потсетив на она што сум го пишувала за време на минатите првенства. Всушност, нема речиси ништо ново, сето тоа е варијација на темата: ФИФА е корпорација, организирана мафија, корумпирано здружение водено од ликови, кои се грижат да се свртат големи пари, од кои нешто (не малку) ќе падне во нивните џебови. Националните репрезентации се сè помалку национални: момчиња од мигрантски семејства или натурализирани државјани што добиле пасоши навреме за да застанат во став мирно кога се интонира химната на земјата за која играат; тоа што двајца браќа играат за различни репрезентации е честа појава, се купуваат не само играчи туку и селектори итн. Гледано низ расна призма, една слика се забележува на трибините, меѓу навивачите, и речиси сосема друга меѓу играчите. Златан Ибрахимовиќ има една цинична констатација, која мнозина не ја разбраа, па го нападнаа кога рече дека кога сите африкански репрезентации би играле во иста група, ниту една репрезентација не би минала во наредната фаза (т.е. би биле дисквалификувани со пристрасно судење). Ете, од времето кога како дете гледав фудбал со татко ми и брат ми, се сеќавам дека секогаш навивавме за послабите и за оние репрезентации што доаѓаат од т.н. Глобален југ (кој во тоа време се нарекуваше Третиот Свет). Всушност, призмата е класна, колку ова да е противречно со фактот дека големите ѕвезди се мултимилионери. Сепак, тие се само модерни гладијатори, кои можат да си ја купат слободата. Позната е онаа изрека за примитивци што играат господска игра, фудбал, и за господа што играат простачка игра, рагби. Сепак, љубовта (кон спортот) е во очите на оној што сака, па ќе ги оставиме вкусовите по страна.
Но ова сепак нема да биде колумна за фудбалот, бидејќи тој е (повторно) во сенка на (гео)политиката. Колку и човек да чувствува мачнина пред фактите за тоа како пред 12 години Катар го добил (купил) правото да биде домаќин на овој настан – па првпат во доцна есен следиме настан што по правило тече во летните месеци – сепак, уште поголема мачнина предизвикува лицемерството на Западот и неговите гласноговорници. Настрана фактот што руската репрезентација стана жртва на санкциите (некои дури бараа дисквалификација и на Иран затоа што му бил „сојузник“ на Путин, а на негово место да се вклучи Украина), тоа беше само вовед во она што знаевме дека ќе се случува. Впрочем, сè што е руско е веќе демонизирано, дури и ако авторите, уметниците или дури и научниците се одамна мртви и немаат никаква врска со сегашната војна. Спортистите не се исклучок, особено овде кога е во прашање колективен спорт што нужно претставува држава/нација. Но сега на „тапет“ е домаќинот Катар. Со години блиски сојузници на САД и на Западот, сега Катарците се „лошите момци“ во западните медиуми: не почитувале човекови права и особено тие на жените и на ЛГБТ-заедницата, не точеле алкохол на стадионите, не биле демократија итн. Патем, во Полска има преку 100 града и региони што се прогласија себеси за „зони ослободени од ЛГБТ-идеологијата“. Потоа, зарем најдобриот сојузник на САД во Заливот, Саудиска Арабија, не е иста, ако не и полоша власт (особено што има крвави раце и војува во Јемен)? Вториот факт од кој (дури сега!?) се згрозуваат активистите е третманот на работниците, најчесто мигранти, кои ги граделе оние фасцинантни зданија и стадиони небаре робови. И тука веќе ми се превртува стомакот од селективната меморија. Па зарем тоа не беше исто кога домаќин беше Јужна Африка (во 2010)? Или таа требаше да биде добриот пример на земја што иако го имаше Нелсон Мендела, го фати бранот на турбокапитализмот (или подобро, тој ја зафати земјата што наместо социјална правда по апартхејдот заврши со брутален систем и огромни социјални разлики)? И таму се изградија стадиони што беа прескапи (и непотребни), а неброен број работници ги оставија животите во тој процес. А сето тоа „народот го позлати“, т.е. беше платено од сиромаштијата, а не од богатите. Кога во случајот на Катар, Западот рони солзи над кутрите мигранти, мислат дека не се сеќаваме на телото на малечкиот Ајлин исфрлено на турскиот брег, на Медитеранот, кој стана масовна гробница на несреќници што бегаа од разурнатата Либија (која истиве западни сили ја вратија во преткамена доба и ја заборавија), и да не ги набројувам сите други што како животни се чуваат што подалеку од Тврдината Европа. Ах, тука е и американската граница и третманот на мигрантите. Да зборуваш за експлоатација на трудот на несреќници, а да живееш врз систем заснован на експлоатација и колонијализам, тоа е веќе премногу.
Еден индиски коментатор деновиве напиша дека западните коментатори, речиси сите бранители на човековите права, забораваат дека нафтата е екстрахирана со евтина работна сила, увезена главно од Индија, Шри Ланка, Пакистан, Бангладеш и Филипините. Тоа е основата на која се темели моќта, не само на заливските земји туку и на Западот. (Тогаш кога во равенката не влегуваше евтиниот руски гас.) Накусо, чудото познато како глобализација е резултат на моќта и потребата на капиталот да наоѓа евтини ресурси, евтина работна сила, дури и по цена на селење на капацитетите. Пример за ова е и фактот што најголемите градежни форми ангажирани за изградба на стадионите и хотелите за потребите на Мундијалот се од Запад, а вработените „западњаци“ се натплатени во споредба со оние што доаѓаат од Истокот.
Ми се чини дека досега не се случило домаќинот на еден ваков настан да биде дочекан на „нож“ уште на свеченото отворање (можеби Русија, но ајде да не споредувам.) Ако ги читате западните медиуми (а нашите се само препишувачи) стекнувате впечаток за тотален фијаско, за неукост, за примитивизам, за неспособност да организираат настан од ваков вид, и конечно – „шлагот на тортата“ е тезата дека тој народ нема фудбалска култура и традиција! Пази, богати! Домаќини на спортски настани треба да бидат само привилегираните, тие со традиција? Потоа, кукање дека сме ограбени од едно летно уживање и дека Европејците имале тешкотии да стигнат до Катар. Ме фати смеа од изјавата на еден француски известувач за првите впечатоци од Катар: „Има премногу џамии“. Тоа зборува за чувството на непријатност на западњаците кога ќе се најдат во опкружување различно од нивното. Впрочем, тоа е таа длабоко вкоренета ароганција на колонизаторите, кои си го земаат правото да бидат единствени носители на „културата“ и способноста, да се центар на светот, дури и во спортот. Деновиве еден наш портал ќе напише „Катар испиша историја, нема полош домаќин од нив!“, а во текстот всушност пишува дека ова е првиот домаќин на некое светско првенство што е елиминиран по само две кола. Во ваква атмосфера, не зачудува што и посетителите се исто така „бахати“ (што би рекле Хрватите), кога провоцираат со секси-облека, симболи на виножитото, па дури и облечени како крстоносци. Одат таму како да се на корида и да треба на бикот да му мавтаат со црвена крпа.
Тоа е тој ориентализам за кој пишуваше умниот Едвард Саид. Главниот уредник на еден арапски медиум ќе напише со право: „Мундијалот 2022 навистина нуди можност да се адресираат прашањата поврзани со човековите права во Катар и другите арапски држави. Но, во исто време, тој дава можност да се видат лицемерството, ориентализмот и евроцентризмот на западните медиуми. Светското првенство треба да биде прослава и можност да се подобри спортот во сите земји, низ сите континенти“.
Мнозина на фудбалот гледаат како на начин да побегнат од грдата стварност, од секојдневните стравови, но и како на симболичка битка меѓу нациите. И сакал тоа некој да го признае или не, сега речиси целиот свет навива против западните фудбалски нации, се паѓа во делириум дури и кога една Саудиска Арабија ќе ја победи Аргентина или Јапонија ќе ги победи Германците. (Да, да, Јапонија е „запад“ ама сепак убаво е да се видат „изгубени Германци“, да добијат лекција од оние што ги потценуваат како „нации без фудбалска култура“). Патем, една вест мина речиси незабележано: Катар склучи досега најдолгорочен договор за извоз на нафта во Кина! Исток, исток, ама премногу источно – до Далечниот Исток, што ќе рече скоро до западниот дел на САД.