Софија, ноември… 2019 година. Во киното „Одеон“ имаше презентација на македонскиот долгометражен документарен филм „Џезмен-формата како глагол“, документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот што ја раскажува Велибор Педевски, човекот своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен… „една од најпрестижните и најважните културни американски експорти што го освои светот, своевидна мултикултурна уметност, методолошка постапка и одредница на артистичките слобода“.
Во филм во кој учествуваат десетина најголеми ѕвезди на современиот џез, меѓу кои и корифејот на регионалниот џез-концепт, Милчо Левиев, врвен бугарски и светски пијанист и промотор на балканскиот музички вруток, за што сведочат неговите соработки со „Дон Елис оркестра“, Били Кобам и др. Долго /оправдано/ отсутен од татковината, поради несоодветни жанровски, културни и естетски несогласувања, /развалена џазова музика/ најголемиот дел од својот креативен работен век ќе го мине во Штатите /САД/. По сѐ се враќа во регионот и се вдомува во Солун, Грција. На закажаниот термин дојде во Софија, каде што го снимивме најверојатно последното интервју, на темата за балканската полиритмија, џезот, животот и сл. На премиерата во Софија, Милчо Левиев не се појави. Почина еден месец пред тоа, на 81 година. Слава му.
Пред проекцијата на филмот во киното „Одеон“ бевме и во Славјанска беседа, во салонот каде што во ноември 1900 година се случила уште една премиера. Во 1900 година во салонот на Славјанска беседа во Софија е праизведена „Македонска крвава свадба“, драмско сочинение на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, отпечатено при крајот на годината, за да доживее второ издание во 1907 година и трето во 1928 година, а некаде во тоа време и едно во САД за нашите иселеници. Тој величествен симптом и благороден обид засветил во темнината на упорно негирање на македонската историска супстанција, со возвишена цел, на вечната тема Македонија, во која низ бурните времиња и премрежиња биле запретани и заложени гордоста и достоинството на генерации Македонци и било попречувано и легитимното право на родољубиво чувствување на нештата. Скромно, чекор по чекор, се актуализират прашања на едно поинакво и поопсежно толкување на македонската политичко-историска сага и етногенеза.
Авторот и режисер на праизведбата, Војдан Чернодрински, во книгата напишал и упатство во кое, во врска со изговорот, вели: „Акцентот на зборовите обично паѓа врз првиот на едносложните, двосложните и третосложните зборови, врз вториот слог на четворосложните, врз третиот на петтосложните и сл… Кога неколку едносложни зборови ќе се најдат еден до друг, тогаш тие се сметаат како еден збор: Штоти е… НЕ, кога е како одречна честичка, слеано е со зборот…“ Всушност, Чернодрински го објаснувал тоа што денес го нарекуваме акцентски целини, а не бил лингвист. Единствена разлика е што уште немал можност да ги запознае знаците, графемите од азбуката што ќе ги објави Мисирков дури три години подоцна, па затоа се служел со буквите од бугарската азбука.
„Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на кој зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес, ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“.
Овие зборови ги кажува македонскиот војвода Славчо Ковачев во финалната сцена од ТВ-филмот „Премиера“, кој го создадовме во деведесеттите години од минатиот век и за кој со силен ентузијазам истражувавме по депоата во архивите со косценаристот Милан Банов, новинар на „Нова Македонија“. Сценариото драматуршки го поткрепи писателот Коле Чашуле. Улогата на Војдан Чернодрински ја толкуваше Ненад Стојановски, а го режира Ацо Алексов. Славчо Ковачев го одигра Петар Арсовски. Во другите улоги се и легендите на македонското глумиште Илија Милчин, Кирил Ќортошев, Снежана Коневска-Руси, Благоја Спирковски-Џумерко и други. Останува нејасно зашто овој проект долго /децении/ не е појавен, репризиран на програмите на националниот сервис. Или можеби и тој е жртва, дел од фамозниот договор за добрососедство. Нејсе. Финалната сцена на филмот „Премиера“ е снимена во железничката зграда во колонија, изградена во ропското минато во времето на кралството Југославија. Исправен на сцената во салонот на Славјанска беседа, во Софија, есента 1900-та, со нагант-револвер в рака ќе го означи почетокот на праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“, од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, произведение што на одреден начин го антиципира почетокот на борбата за културна и јазична идентификација. Во салонот на Славјанска беседа таа вечер се случува почеток на вистинско македонско историско реално шоу, кое со несмалена жестина трае и денес…
„…Секој македонски збор што ќе го изговориме, во секој стих, песна, поема, расказ, роман, драма, филм… Македонскиот јазик е најголемиот жив споменик што ние сме должни да го штитиме, да го чуваме, негуваме, унапредуваме за овие и за идните поколенија. Македонците се народ што имал и има и свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, специфики и неоспорна етничка оригиналност, со свој посебен јазик и сили што имаат јасно изградени ставови за самостојниот македонски национален идентитет и државен развиток. И имаат право да се наречат Македонци“.
Ова се редови од ракописот на публицистот, револуционер и војвода Славчо Ковачев напишани во 1924 година, кратко време пред неговото погубување во Софија, пред неговиот дом и пред очите на неговите малолетни деца. Нека се знае за никогаш да не се заборави како се сака родната земја, мисла и мечта за сплотеност, посветеност, прашања драматично актуелни и денес.
Овој текст е мало потсетување, обид, благородна обврска на искрените родољуби да се собере сила и храброст и да се одговори на европското лицемерство и глобалистичката сурова неминовност, која на овој митски простор се обидува да му ги одземе душата, питомоста и да ги модифицира според сопствените потреби.
Овој текст е повик во политичките превирања, пазарења, договарања, секогаш да се има на ум целината на „македонските состојби“ од еден поширок временски и историски дискурс.
Автор: Аљоша Симјановски