Фирмите во Македонија летоска побрзаа да постават фотоволтаици на своите покривни конструкции за да ги намалат трошоците за струја. Само во штипскиот регион 30 компании побарале дозволи за градба на фотоволтаични централи на покривите на своите објекти, покажаа податоците на Одделението за урбанизам на Општина Штип.
Една од нив е и текстилната конфекција на Кирил Нашков, кој за МИА вели дека инвестицијата била неопходна за опстанокот на компанијата.
– Фотоволтаиците на покривите на стопанските објекти станаа атрактивни со скокањето на цената на струјата. Ние, за среќа, во нашата фирма веќе имавме поставено и тоа пред да се случи енергетската криза. Така што некако полесно поминуваме. Се појавија многу фирми кои монтираат и сè уште не се регулирани сите правила на игра со државата, дозволи и некако нè затекна оваа криза – вели Нашков.
Посочува дека фирмите сега се пренатрупани од понуди од фирми, кои поставуваат фотоволтаици на покривните конструкции на објектите.
– Од причина што сега сите бараат да ставаат на своите капацитети и тоа ден порано. Летото помина, па ќе видиме сега и сончевите денови како ќе бидат. Таа инвестиција ќе треба време за да се врати. Сè зависи од цената на струјата. Бевме доведени во ситуација да мораме да поставиме, инаку, другата опција беше за месец, два или три да се затвори фирмата. Тоа беше состојбата кај повеќето фирми. Толку што беше фрапантен тој скок на цените – вели Нашков.
Забележува дека секоја фирма во кругот на индустриската зона на поранешен „Астибо“ има поставено фотоволтаици на покривите. Прашан кои се проблемите за поставување фотонапонски панели за производство и дистрибуција на струја, Нашков вели дека многу фактори се во игра.
– Сè зависи од местоположба, од местото, потоа може да има и проблеми со мрежата на ЕВН. Проблемите со вадење на дозволите се стандарди, секогаш. Мислам дека на ова Владата треба да поработи, ние имаме некое поместување за физички лица, но за фирмите ќе треба да се олесни. Јас би рекол сè зависи од ситуација до ситуација – додава Нашков.
МИА побара и мислење од Ангел Димитров, менаџер на светиниколската конфекција „Мода“, а на јавноста познат и по Организација на работодавачи. Втора година на покривната конструкција на овој стопански капацитет има две соларни централи. Неговите искуства се позитивни со производство на струја од сонце.
– Во моментов струјата од фотоволтаици ја користиме во најголем дел за нашите потреби, и тоа скоро 90 проценти од таа струја ја користиме за нашите потреби. Доколку ги немаме фотоволтаиците, сметките за струја би биле за една третина поголеми. Тоа значи дека за една третина имаме намалување на трошоците, затоа што соларните панели произведуваат само кога има сонце, кога е чисто и немаме облаци. Се случува кога сабајле ќе почнеме со работа да нема струја од фотоволтаиците, тогаш ние ја купуваме таа струја – вели Димитров.
МИА претходно информираше дека бизнис-секторот очекува неизвесна зима, иако цената на струјата на светските берзи во моментов ја оценуваат како добра. Движејќи се од 250, на моменти и до 150 евра, засега оваа цена е задоволителна за компаниите, но Димитров и Нашков велат дека ризикот им доаѓа по Нова година.
– Мислам дека тука треба да се направат добри анализи по сектори, бидејќи во слична состојба се компаниите и да се види онаму каде што учеството на електричната енергија во самите трошоци на компании е драстично големо, бидејќи ако тоа лани, на пример, било 10 посто, сега ќе биде 40 посто во вкупните трошоци. На таквите компании треба да се помогне. На компаниите на кои учеството им било еден или два проценти, сега ќе дојде да речеме пет или шест проценти, мислам дека ќе можат и самите да го изнесат тај товар – вели Димитров.
Нашков додава дека е нормално бизнис-секторот да бара мерка повеќе и дека секоја помош е добра за стопанството, а особено за нив како текстилен сектор. Посочи дека текстилните компании во моментов имаат нарачки од страна на странските партнери, но истакна дека сè зависи од моќноста на партнерите, колку можат да ја зголемуваат цената на производите.
Од Организација на работодавачи поднеле и писмено барање за одредени субвенции до Владата, што било разгледувано и на Економско-социјалниот совет.
Општините бараат начини како да постават фотоволтаици на своите институции
Општините и комуналните претпријатија се во грч од високите сметки за струја. Од почетокот на годината, па досега, сметките им се различни, во зависност од цената на струјата на светските пазари, односно од она што им го нудат добавувачите на електрична енергија. Комуналните претпријатија кои со пумпи вршат диструбуција на водата за пиење се соочија со сметки за струја кои го надминуваат и нивниот месечен приход.
Такви сметки добија комуналните претпријатија во Штип, Кочани, Битола и други градови. Општините и комуналните претпријатија бараат решенија како да останат ликвидни и да не трупаат долгови. Едно од решенијата е да постават фотоволтаици на покривните конструкции на неколку општиниски институции. Изминатиот месец како точки на дневен ред на седници на советите на општините Штип и Куманово се најдоа и иницијативи за изработка на студија за оправданост за основање на ЈП за производство и продажба на струја.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, ден по седницата на Советот на Општина Штип за медиумите изјави дека Општина Штип има формирано фирма ќерка на ЈП „Исар“, односно ДООЕЛ кое ќе има дејност за производство на електрична енергија.
– Целта е во услови на енергетска криза да произведуваат струја, да се пласира на слободниот пазар, а средствата кои ќе се обезбедат од продажбата на електрична енергија да се искористат за санирање на последиците од кризата, односно зголемените трошоци, како и да се вратат парите од издадената обврзница – потенцира Јорданов.
Општина Штип планира да постави соларни панели на покривните конструкции на зградите на Општина Штип, Филтер-станицата, Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ и на Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“. Ова се објекти кои имаат поголеми површини на покривите.