Изработката на новата национална стратегија за млади на Северна Македонија започнува и таа ќе го опфати периодот 2023 – 2027 година. Новата стратегија треба да одреди јасни цели, со конкретен и спроведлив акциски план за таргетирање на најголемите проблеми на младите, но треба да ја демонстрира и важноста од стратегиско планирање и имплементирање.
Неопходно е процесот да биде инклузивен, односно да опфаќа што е можно повеќе млади (возрастите од долната до горната граница), како што предвидува Законот за младинско учество и младински политики, и да вклучи повеќе категории на млади.
На тој начин, крајниот производ треба да ги отсликува потребите на младите, за по донесувањето на финалниот документ и неговото усвојување да започне вистинската битка – имплементацијата.
Зошто ни е потребно стратегиско планирање?
Во нашата држава популарно е да се каже „само правиме некои документи, а од имплементација ништо“. И навистина, донекаде, така е. Во изминатите триесет години независност доживеавме многу разочарувања. Не само кога станува збор за младите туку генерално, во развојот на Северна Македонија. Но еден од главните проблеми е немањето стратегиски приоритети и јасна визија како државата да се развива на среден и долг рок.
Па, така, кој како дојде на власт ги менува приоритетите, и сè што претходно било направено се остава да стагнира, додека новиот властодржец се фокусира на своите приоритети.
На тој начин, државата се врти во круг, без суштински и долгорочни квалитативни поместувања. Колку за илустрација, кога на власт беа ВМРО- ДПМНЕ и Никола Груевски, градежништвото го движеше бруто-домашниот производ. Веднаш потоа, од 2017 година, можеше да се забележи фокус на производство на масло од канабис, а сега, со новата влада, предводена од Димитар Ковачевски, во подем се изградбата на фотоволтаични електроцентрали и зелената транзиција.
Со функционирање според принципот „купи ден – помини“, не се гради држава. Според овој принцип, не само што не им се помага на младите туку и им се одмага. Неопходно е да се размислува, планира и имплементира стратегиски.
Стратегиското планирање и секоја стратегија за млади, на локално, државно, меѓународно и глобално ниво, содржат мерливи податоци за моменталната, постојна состојба на секторот. Врз основа на тоа се одредуваат целите, очекуваните резултати што заедно со визијата и мисијата одредуваат во која насока се стреми субјектот, областа, групата на граѓани.
Важечката стратегија за млади на Општина Охрид, на пример, покажува зошто е важно да се изработи една стратегија врз основа на спроведени анализи. „Младите сметаат дека недостигаат обуки за млади во Охрид и тоа: ИТ-обуки, обуки за изучување странски јазици, обуки за сексуално здравје… Најважни три приоритети во креирањето на стратегијата за млади на Општина Охрид, според испитаниците, треба да бидат: образованието, културата и вработувањето.“
Овој цитат на многу конкретен начин покажува зошто е важно да се создаде една стратегија за млади. Документот ја одредува целта на младите во одреден период, начинот на кој треба да се реализира, и сето тоа врз основа на утврдени потреби: недостиг од неформално образование и детектирање на проблемот со невработеноста. Преку овие зборови од актуелната стратегија на Општина Охрид се потврдува тоа дека стратегиите ги одредуваат моменталната состојба на младите и насоката во која треба да се движат за да ги достигнат посакуваните резултати.
Да разгледаме примери и од глобален аспект. Во Стратегијата за млади на Обединетите нации 2030 се констатира дека стратегиите овозможуваат младите да дејствуваат проактивно, наместо реактивно. Што значи тоа? Со јасна визија и цел, младите ќе покажат самоиницијативност и ќе знаат во која насока се движат, затоа што испланирале што е тоа што треба да го постигнат. Во оваа смисла, проактивно значи тие да ги иницираат процесите, а не да дејствуваат одбранбено и реактивно како одговор на веќе почнати процеси.
Според оваа констатација, младите можат да водат, иницираат и почнуваат процеси за да постигнат напредок. Од друга страна, реактивното дејствување значи само одговор и обид за вклучување во тековни процеси што ретко кога одговараат на суштината на тоа што треба да се постигне.
Крајот на овој дел, во кој се прави обид да се убеди читателот зошто е важно да се планира стратегиски и да се креираат стратегии на среден и долг рок, се заокружува со цитат на Јоги Бера, познат бејзбол-играч: „Ако не знаете каде одите, тогаш сигурно ќе завршите на друго место“.
Нова национална стратегија за млади
Процесот е веќе започнат. Во моментот, покрај формалното отворање на изработката на стратегијата, се дефинираа работни групи за креирање мисија и визија на новата национална стратегија. Веќе на првата работна средба ќе се работи по работни групи и ќе бидат опфатени повеќе аспекти, како младинско учество, младинско информирање, образование, култура и други области.
Преку тие работни групи за секоја област во стратегијата треба да се предвидат цели, да се определат и специфични цели со конкретни очекувани резултати, мониторинг, односно индикатори за степенот на реализација. Сето ова треба да биде дефинирано од доминантно млади учесници, на возраст до 29 години, граница одредена според Законот за младинско учество и младински политики, како претставници на невладини организации, претставници на институции, индивидуалци и други.
Почетокот на процесот најавува инклузивност, но како што ќе тече оваа двомесечна „акција“, ќе видиме колку ќе остане процесот инклузивен, но и колку ќе „издржат“ младите и колку ќе останат доследни до крајот на подготвувањето на овој државен документ.
На досегашниот прогрес во процесот на изработка на стратегијата му претходеше јавен повик од Агенцијата за млади и спорт, на кој заинтересираните учесници имаа можност да се пријават. Покрај младите, во процесот се вклучуваат и претставници од организации и институции што ја надминуваат старосната рамка до 29 години, што е позитивно заради инклузивноста, но и за подобро детектирање на потребите и на тековните проблеми.
По јавниот повик, на првиот настан се создаде еден збир на млади учесници, кои доаѓаат од различни области, и на повозрасни, кои имаат искуство и се експерти во бранши што директно или индиректно влијаат на младите.
Досегашната стратегија за периодот од 2016 до 2025 година е сè уште важечка и претставува процес инициран од Агенцијата за млади и спорт и Програмата за развој на Обединетите нации. Она што недостига со последната и сè уште важечка стратегија е што е изработена во време кога не се ни дискутирало за Закон за млади. Денес, обврската да се креира национална стратегија произлегува од Законот за младински политики и младинско учество, што претставува пропис да се имплементира на локално и државно ниво.
Дополнително, околностите и реалноста за младите драстично се променија во и по ковид-кризата.
Формите на младинско учество и особено младинското информирање радикално се менуваат во изминатите години од почетокот на кризата. Самиот процес на дигитализација ги менува алатките за вклучување на младите, процесот на информирање го прави покомплексен и го менува пристапот до образование.
Врз основа на Законот за младинско учество и младински политики и обврските што произлегуваат е неопходно да се спроведе нов процес на планирање. Ако Националната стратегија за млади 2016 – 2025 предвидува преземање мерки за препознавање на младинскиот работник, во новиот закон тоа е целосно регулирано и веќе се спроведуваат обуки за овој тип работници, а нивното работно место се младински центри во секоја општина, како што обврзува Законот.
Во поглед на инкорпорирањето на младинската работа во образованието, односно едукација на образовни кадри и нивно запознавање со примена на младинската работа не е направено ништо. Концептот на младинска работа сè уште е далеку од образованието.
Со новата стратегија, младинската работа и младинскиот работник треба да добијат важно место во образованието и да станат дел од наставните програми.
Иако важечка, постојната национална стратегија веќе е застарена во делот за образование. Стратегијата не предвидува чекори за воспоставување и унапредување на дигитализацијата и вклучување на младите во едукација и користење на дигиталните алатки за учење.
Стратегиските планови нè водат на конкретно место, кон остварлив резултат и јасна цел. Само стратегиското планирање, со ефикасна имплементација, може да донесе долгорочни придобивки за младите и, генерално, развој на областа и придонес за оваа група граѓани.
Имплементацијата на терен е она што е најважно, но во имплементацијата мора да се држиме до одреден план и кон нешто конкретно заради две работи. Прво, јасната визија се остварува преку конкретни и добро испланирани чекори.
Второ, стратегиската визија и мисија ги факторизираат младите, покажуваат колку тие знаат што сакаат и како аналитички им пристапуваат на работите.
Конечно, Северна Македонија треба стратегиски да продолжи да планира и да посвети повеќе ресурси на ефикасна имплементација. Тој процес започнува од младите и стратегијата во најава е одлична можност да покажеме дека планираме разумно и имплементираме целосно.
Сотир Габелоски
(Авторот е службеник за млади во Општина Крушево и имплементатор на иницијативата „Од млади за млади“, во рамките на проектот „Поддршка за изборни реформи“)