Што сакаше да каже шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, со изјавата дека „ни треба нов ‘рамковен договор’ за ЕУ, со кој партиите ќе се усогласат дека ќе ги поддржат прашањата што се однесуваат на Унијата“? Тој потоа продолжи дека „директивите на ЕУ мора да ги прифатиме, без разлика кој е на власт“ и дека „партиите што поскоро треба да склучат договор дека ќе соработуваат и дека ќе ги надминат разликите“, за да заклучи дека „граѓаните мора да бидат победници во овој процес“, поточно дека „времето е сега“ и „станува збор за натпартиска тема, за која не смее да има разлики“.
Прво, мојот одговор на една ваква иницијатива би бил многу краток: „Задоцнета изјава“! Тоа што денес ни е познато е дека во текот на првата половина на 2022 година, претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи тајно и скришно го преговараа предлогот Ковачевски – Петков (погрешно наречен „француски предлог“). Притоа, македонската платформа за преговори е јасна, дадена од претходниот премиер, Зоран Заев, господар во сенка на Македонија, при неговото интервју за бугарски БГНЕС. Исто како и при формирањето влада со ДУИ, постигнувањето на првичниот Договор за благосостојба со Бугарија и со катастрофалниот Преспански договор, Зоран Заев е конзистентен во својата преговарачка „стратегија“, која што состои од прифаќање на сите барања на другата преговарачка страна и бришење на сите црвени линии поврзани со македонските национални позиции.
Таквиот начин на преговарање ја претвори Македонија од држава во безимена територија на оспорен народ, со недефиниран јазик и со неизвесна иднина. Најлошиот процес во денешна Македонија, масовното иселување на граѓаните, произлегува токму од стравовите за сопствената лична иднина и за перспективите на сопственото семејство, кои произлегуваат од ништењето на македонската државност и на македонскиот идентитет, па граѓаните се плашат каде и како ќе завршат овие процеси што личат на злокобна реприза на агонијата на некогашна Југославија. Уште долго ќе се водат дебати во Македонија како воопшто дојдовме до Зоран Заев и до серијата македонски порази, но претходно се потребни отрезнување, темелно соочување со сите собитија, казна и лекција, со цел веќе никогаш повторно да не се случат некој нов „Зоран Заев“ и некои нови национални амбиси.
Но да се вратам на првата половина на 2022 година. На почетокот на годината, односно на 13 јануари, група од 13 македонски интелектуалци излезе со прогласот „Македонизмот е легитимна еманципаторска идеја. Чуму ѝ е на Европа една размакедончена Македонија?“ и предизвика интересна полемика во јавноста. Тоа беше прво премостување на јазот помеѓу „шарена“ и „патриотска“ Македонија по безмалку цела деценија тежок расцеп помеѓу македонските интелектуалци. Оттаму произлегоа и жестоките дебати, каде што сè уште се излеваа отров, пелин и горчина од одамна завршени битки. Но барем јадрото на оваа иницијатива опстои на ставот дека нацијата и граѓанството мора повторно да се обединат околу клучните вредности, па собравме сили за уште еден исчекор кон власта. Да, јас сум еден од трите учесници на средбата кај претседателот Пендаровски, за која новинарот Бранко Геровски неодамна пишуваше. Заедно со професорот Милчин, ние се обидовме да пружиме уште еднаш рака и да го замолиме шефот на државата за да се овозможи дијалог, под негово покровителство, и премостување на филозофските, идеолошките и политички разлики, со цел да му се помогне на „идниот“ преговарачки тим во разговорите со Софија за надминување на македонско–бугарскиот спор. Нам тогаш ни на крај памет не ни беше дека цело време во заднината течел преговарачкиот процес (можеби и веќе завршил) токму онака како што стравувавме, односно следејќи ја преговарачката „стратегија“ на Зоран Заев. За деталите од разговорот ќе се воздржам да коментирам, но навистина ми е срам што ги изложив професорот Милчин и новинарот Геровски на една ваква јалова и бескорисна дебата.
Се разбира, и опозицијата во Македонија насетуваше што се случува во заднината, па бараше дополнителни информации, кои никогаш не пристигнаа, но за сето време власта бесрамно лажеше дека не преговара, дека нема никакви тајни средби и дека македонските интереси се заштитени. Врв на лицемерството беше и настапот на министерот за надворешни Бујар Османи во Собранието, кога тој не кажа апсолутно ништо, како и негирањето на Пендаровски, Ковачевски и Маричиќ дека нема никакви разговори со Бугарија. Јас во изминативе триесет и две години демократија по вторпат сум сведок на толку брутално лажење на целата македонска јавност, влечење за нос на граѓаните и гнасна злоупотреба на јавната должност, и тоа првпат од Заев, а сега од неговите играчки од куклениот театар.
Јавноста бурно реагираше кога ја осозна длабочината на новото национално предавство, па цели 14 дена цела Македонија маршираше по улиците на сите градови. Власта тогаш се обидуваше од петни жили да ги оцрни протестите, па ги навредуваше, омаловажуваше и им лепеше гнасни етикети на граѓаните. Свесни за предавството и уплашени за својата власт, тие посегнаа дури и по меѓуетничките односи, па се обидоа да исценираат судири со кобни последици. Јас лично сум сведок на навртениот пиштол и на испуканите куршуми кон граѓаните што мирно протестираа. Еден ден „сценаристите“ ќе мора да одговараат, како и одговорните политичари што ја спречија навремената интервенција на полицијата.
Како тогаш да се согласам на „рамковен договор за ЕУ“, онака како што тоа го разбира Бујар Османи? Ајде, да ги преведеме на јасен македонски неговите зборови… Тој сака сите македонски партии да се потпишат и да застанат зад предлогот Ковачевски – Петков, да престанат да го спорат и да се обврзат дека ќе го спроведат до последната точка и запирка. Ова е во најмала рака нечесно, а јас би употребил и многу пожестоки зборови.
Но, сепак, постои шанса за „рамковен договор“. Доколку Османи има намера да се постигне консензус на сите македонски партии за да се одбие оваа и ваква преговарачка рамка од ЕУ, да се поништи предлогот Ковачевски – Петков, па да се седне повторно на маса со Бугарија и со ЕУ, со цел да се изработи нов и достоинствен предлог, како и нормална преговарачка рамка на Македонија со Европската Унија, тогаш секако дека постои простор за таква спогодба и за нејзино спроведување на дело. Да, одговорот на Бугарија и на Брисел првично ќе биде жесток и бучен, но потоа ќе се седне на маса со ладни глави, ќе се постигне нов договор и ќе се изработи нова преговарачка рамка, но во рамките на пристојното, достоинственото и прифатливото за македонскиот народ. Не може да се влегува во преговори со Европската Унија, со „Дамоклов меч“ во форма на бугаризација и одмакедончување.
Сосема, пак, друга е непристојноста при употребата на терминот „рамковен договор“ и на асоцијациите што тие историски аналогии ги будат кај мнозинството граѓани на Македонија. Прво, тој договор беше постигнат додека говореше оружјето во земјата, под силен меѓународен притисок и без право за референдумско изјаснување на граѓаните. Второ, беше јасно кажано дека Рамковниот договор претставува крајот на спорењето на македонската државност, унитарноста на нацијата и дека нема да има „територијализација“ на етничкото во земјата. Трето, договорот требаше да овозможи интеграција и обединување, но наместо тоа добивме „лазечка федерализација“ и сè понагласена етничка поделба.
Единствено нешто што произлезе како придобивка од рамковниот договор е принципот дека не смее да биде надгласана албанската заедница за прашања што задираат во идентитетот, културата и правата на Албанците во Македонија. Меѓутоа, оттогаш неколкукратно се надгласани Македонците во Македонија, доминантниот и мнозински народ, токму со гласовите на ДУИ, баш по најосетливите прашања што задираат во идентитетот, културата и правата на Македонците на овие простори. ДУИ и Али Ахмети одат дури дотаму што „некому“ му ветуваат дека токму тие се гарант за опстојување на сите решенија што го загрозуваат самиот опстанок на Македонците на овие простори, како самобитен идентитет, и на македонската државност, како унитарна, демократска и мултикултурна држава.
Времето на предавствата и на шовинизмот заврши… Време е да почне искрениот демократски дијалог!
Автор:Ивица Боцевски