Во непосредното опкружување започнаа и сѐ уште постојат процеси во кои затскриено или откриено се покажуваат големонационални посегања по самобитноста на земјава – посегања што се особено засилени и во сегашниот момент на обусловувањето на нејзината европска интеграција, особено од носителите на бугарскиот политички екстремизам! Од друга страна, можеби не беше (или не е) само влијанието на бугарскиот политички екстремизам пречка за македонската евроинтеграција – една моја „поинаква“ социолошко-безбедносна анализа упатува на поставувањето
на две „лабави“ и „незгодни“ претпоставки, односно претпоставени причини – зошто македонската држава, Република Македонија, не може(ше) да стане членка на
Европската Унија (ЕУ): 1) можеби, затоа што во македонската држава
римокатолицизмот не е доминантна вероисповед; и 2) можеби, затоа што сме хетерогено етничко општество!?
Францускиот геополитиколог Доминик Моизи во 2009 година ја презентира тезата за тоа како емоциите ја обликуваат меѓународната политика. Според Моизи, во светот доминираат три емоции: понижувањето, стравот и надежта. Иако неговата теза се однесува на долгорочното геополитичко влијание на наведените емоционални блокови на глобализацијата, сепак, според мојата размисла, низ оваа теориско-методолошка матрица на Моизи можат да се мапираат политички детерминираните и безбедносно релевантните емоционални обрасци на политички произведениот страв (политичкиот страв), понижувањето и надежта во македонската држава – Република Македонија; амалгамирани низ индикаторите изведени од развојот на внатрешната општоопштествена состојба, надворешнополитичките определби, влијанијата од непосредното и поширокото опкружување и неговите (евентуално инсталирани и присутни) „политичко-агентурни елементчиња“ во земјава, јавното мислење, политичко-партиските изјави, различните индивидуални и колективни перцепции (во кои се испреплетени естетското и политичкото!) за (не)скапите (квази)архитектонски стилови со (не)присуство на масовно/мнозинско генуино естетско доживување, (квази)уметничките продукции итн.
Оваа општа психолошка констелација на трите наведени емоционални блокови, меѓу другото, своја конкретизирана и реална релеванција има и во својот конкретен израз како последична димензија на веќе воспоставената и развиена феноменологија на бугарскиот политички екстремизам, особено на територијата на македонската држава – Република Македонија. За потребите на оваа колумна, конкретниот бугарски политички екстремизам на територијата на македонската држава, Република Македонија, ќе го дефинирам како безбедносно-загрозувачка појава на ненеасилно политичко однесување и мислење од страна на домицилна бугарска општествена група, чие однесување се наоѓа на границата на непротивправното и неказнивото (!), со тенденција за преоѓање на таа граница, односно со тенденција, наведеното политичко однесување, својата феноменолошка практичност да започне да ја остварува, од недозволено и безбедносно-загрозувачко предизвикување, односно создавање чувство на национална омраза, раздор и нетрпеливост кај македонскиот народ, но и кај (дел од) преостанатите граѓани во македонската држава – Република Македонија, како и во безбедносно-загрозувачко остварување на недозволено распалување, односно подгревање и засилување на наведените чувства, во политичко однесување, кое, меѓу другите облици на политичко-екстремистичко однесување, од кривичноправен аспект, ќе го оствари објективното битие на кривичното дело против државата – „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ (предвидено и казниво во согласност со членот 319 од Кривичниот законик на Република Македонија).
Програмско-целната ориентација на овој „внатрешен“ бугарски политички екстремизам веројатно е операционализирана во следниве веројатни цели: 1) историска цел – трајна и континуирана проблематизација на битието на македонската држава – Република Македонија; 2) стратегиска цел – овозможување непосредна, битна и квалитативна промена на позицијата на носителите на надворешниот и внатрешниот бугарски политички екстремизам во однос на оспорувањето на основните белези на македонската држава – Република Македонија; 3) тактички цели – различни облици на антимакедонски однесувања што водат кон реализација на стратегиската цел; и 4) оперативни цели – конкретни и поединечни цели, како што се, меѓу другото, основањата на бугарски културни клубови на територијата на македонската држава – Република Македонија, чии имиња претставуваат имиња на поранешни бугарски политички водачи – носители на злосторнички политички идеологии (врз чија идеолошка основа се извршени невидени злосторства на масовни убиства на цивилното население, депортации, разурнувања и сл., и чија морничавост и трајна човечка неприфатливост, меѓу другото е [историски и правно!] аргументирана со Московската декларација од 1943 година; со конференциите на сојузниците во Втората светска војна, во Техеран во 1943 година, во Крим и Потстдам во 1945 година; со Лондонската спогодба во 1945 година; како и со Нирнбершката пресуда од 1946 година – впрочем, Нирнбершката пресуда ги утврди основните начела на меѓународното кривично право по однос на одговорноста за меѓународни кривични дела [за организаторите, водачите и соучесниците во злосторничките здруженија; за организациите, групите или владите чии раководители се прогласени за воени злосторници; и сл.]). Со еден прочистен аксиолошки пристап, може да се констатира дека наведениот бугарски политички екстремизам не само што е во спротивност со правните, обичајните и културолошките норми во македонското општество и држава туку истиот тој не кореспондира со вредносниот систем на современата демократија (меѓу другото, вредносен систем изразен и низ толеранцијата, парламентаризмот, компромисот, дијалогот и сл.).
Во рамките на нашата понова политичка и безбедносна историја, како (првично видливи) надворешни извори на производство на политички страв и понижување на македонската држава – Република Македонија и на нејзините граѓан(к)и претставуваа негативните реакции не само од страна на политички елити во Република Бугарија туку и од другите соседни држави на конституирањето на Република Македонија како нова држава на Балканот – конкретно, се разви (политички) страв за осигурувањето на трајниот државен интерес, односно зачувувањето/одржувањето и унапредување на државниот идентитет, како и (политички) страв за заштитата на независноста и територијалниот интегритет. Имено, во непосредното опкружување, започнаа и сѐ уште постојат процеси во кои затскриено или откриено се покажуваат големонационални посегања по самобитноста на земјава – посегања што се особено засилени и во сегашниот момент на обусловувањето на нејзината европска интеграција, особено од носителите на бугарскиот политички екстремизам! Од друга страна, можеби не беше (или не е) само влијанието на бугарскиот политички екстремизам пречка за македонската евроинтеграција – една моја „поинаква“ социолошко-безбедносна анализа упатува на поставувањето на две „лабави“ и „незгодни“ претпоставки, односно претпоставени причини – зошто македонската држава, Република Македонија, не може(ше) да стане членка на Европската Унија (ЕУ): 1) можеби, затоа што во македонската држава римокатолицизмот не е доминантна вероисповед; и 2) можеби, затоа што сме хетерогено етничко општество!?
Понижувањето на македонската држава – Република Македонија паралелно се одвиваше со инсистирањето на промена на името на македонската држава – и, го променивме името (со чија промена никогаш нема да се помирам, и покрај тоа што сум свесен за стратегиската придобивка – нашето членство во Северноатлантската договорна организација [НАТО]).
Понатаму, промената на името се пренесе и на обид за промена на идентитетот на македонската нација, а со тоа, во долгорочна перспектива и на безбедносно-загрозувачка проблематизација на опстојувањето на Републиката како држава. Во таа проблематизација е можно да се вклучат и соседни држави што не се членки на ЕУ, а кои меѓусебниот проблем што го имаат околу Косово, можно е да се обидат да го пренесат и на земјава. Се чини дека секоја од соседните држави учествува во спомнатата безбедносно-загрозувачка проблематизација, со надеж дека токму оспорувањето на основните белези на државава ќе се пренесе и на нејзиното битие со кое ќе се појават и можности за некакво оптимално остварување и на нивните стратегиски цели во остварувањето на пошироките големонационални проекти. Надворешните извори на производство на политичкиот страв се комплементарни со внатрешните извори, притоа зголемувајќи го неговиот интензитет, кој е правопропорционален на нивото на понижување на македонската држава – Република Македонија и нејзините граѓан(к)и. Имено, ни се случува(ше) организирано и смислено нарушување (и секуритизација) на меѓуетничките (македонско-албански) односи, во облик на типизирани сценарија на оружена и неоружена безбедносна закана (еве, како пример ќе го спомнам ѕверскиот масакр кај Смилковско Езеро, со дискутабилни политички и „верски“ мотиви итн.). Но „бељиве“ по и во државава да бидат потполни и сеопфатни, латентните интраетнички и политичко-партиски конфликти се трансформираа во политичко-безбедносен факт изразен низ политички радикални партиско-граѓански и институционално-пратенички нереди во и надвор од македонскиот парламент – започна видливоста на (претходно започнатиот процес на) деформацијата на „’рбетот“ на македонската држава.
Особено произведува политички страв фактот што овој деструктивен и насилен политички процес е комплементарен и со други процеси со мистична, мрачна, ирационална и сомнителна есенција (најверојатно не сите, но одредени нејасни решенија од процесот на лустрацијата; (до)создавањето простор за стимулирање на „комшиското“, но и на руско влијание и (о)ставање на земјава во регионалната (можеби југо/српска!) сфера на неприфатливо политичко, економско, безбедносно и културолошко влијание итн.). И, во сите овие процеси најверојатно се присутни и ненасилните дејства на носителите на бугарскиот политички екстремизам.
Меѓу другите погубни последици од комплементарното производство на политички страв од внатрешни и надворешни извори, најмногу плашат и загрижуваат следниве каузално поврзани и неповолни политичко-психолошки и безбедносни последици. Имено, во рамките на можното (и непосакуваното!), веројатно е развивање масовна политичка виктимизација, која својот најразорен исход ќе го постигне тогаш кога многумина од понижените македонски граѓан(к)и ќе набљудуваат (буквално!) сè од перспектива на стравот (произведен од „невидливи“ или видливи насилни и ненасилни политички, економски и социјални процеси); е тогаш, веќе утврдената феноменологија на политичкиот страв е можно да овозможи негово трансформирање во „заразна болест“ – кога одредени граѓан(к)и ќе се уплашат и страдаат од конкретно дејствување/влијание на власта или друг (внатрешен и/или надворешен) политички субјект, тој страв е склон да се прошири и на другите, а тие, пак, го шират понатаму (во тој контекст, веродостојна е констатацијата на Франсис Бекон: „Dolendi modus, timendi non item“/„Страдањето има граници, стравот нема“). Без разлика дали постои рационална причинетост на политичкиот страв, тој создава основи за ирационално политичко размислување, кое, пак, произведува основа за безбедносно-загрозувачко однесување. Еднакво опасно на ова однесување е ако на политичкиот страв (или на обидите за негово производство) се одговори со бегство и индиферентност, наместо со активна ненасилна одбрана комбинирана со развивање и остварување на политичко-психолошкиот и безбедносен концепт на надежта за сеопфатна заштита од надворешни и внатрешни закани и ризици, меѓу нив и од заканите од позиции на бугарски политички екстремизам.
Овој концепт на надеж не претставува состојба на пасивно и нереално очекување, туку активна состојба што подразбира наоѓање најпогодни патишта, со мотив за остварување на трајната и витална цел – (до)достигнување, (до)развивање и одржување на македонската држава – Република Македонија како мирна, безбедна и правна држава, со отсуство на (евентуално присутна?) „комшиска“ политичка (о)позиција, кога и да е!
Не земајќи ги предвид и скриените опасности на политички обликуваното секојдневие, сепак би констатирал дека политичко-безбедносниот простор во земјава, меѓу другото, е исполнет и со испреплетени безбедносно релевантни и политичко-психолошки елементи амалгамирани во комбиниран и сложен културен образец, чија структура ја сочинуваат различни извори и појавни облици на политички страв и понижувања, во актуелниов момент, произведени од носителите на бугарскиот политички екстремизам, но и обиди за достигнување оптимално ниво на надеж за сеопфатна заштита на македонската држава – Република Македонија од надворешни и внатрешни закани и ризици (обиди за сеопфатни евроинтеграции, обиди за редуцирање на перманентната нестабилност на земјава итн.).
Заклучувајќи го овој оглед за политиката, емоциите и екстремизмот како безбедносно-загрозувачка појава, повикувам, барем за почеток, надлежните државни органи да се повикаат на Законот за здруженија и фондации (членот 4, став [2]; и членот 65, став [1], алинеја [2]) и да ги забранат сите здруженија чии имиња претставуваат имиња на поранешни бугарски политички водачи носители на злосторнички политички идеологии, врз чија идеолошка основа се извршени дотогаш во светската историја невидени злосторства на масовни убиства на цивилното население.
Гоце Аризанкоски
(Авторот е дипломиран криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност)