Врнежливото време деновиве, кое донесе и пад на температурите, го актуализира прашањето какво време нѐ очекува во следниот период, до крајот на месецот, па и потоа. Според прогнозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УМХР), претстојниот викенд сѐ повеќе ќе се засилува влијанието на циклонот од Атлантски Океан, кон Европа и Балканскиот Полуостров, што ќе услови јужно и југозападно струење, а од Средоземно Море ќе пристигне топла воздушна маса, која ќе се почувствува особено во југоисточните делови на Македонија. Изминативе денови имаше влијание на влажен бран со дождови додека од сабота следува период на стабилно време со пораст на дневната температура.
Во втората половина на октомври се очекува сончево и топло време со температури над 20 Целзиусови степени, а од средината на идната недела се очекуваат температури до 26 Целзиусови степени во југоисточните делови на нашата земја, појава што е забележана и во минатото.
Божидар Секираски, дежурен синоптичар, вели дека облачноста в сабота ќе се намали, а викендот ќе се карактеризира со мала временска облачност. Според Секираски, следната недела, односно од понеделник може да се очекуваат ниски утрински температури во Малешевскиот Регион, а од средината на неделата се можни дневни температури до 26 Целзиусови степени во југоисточните делови на Македонија. Температурата до 26 Целзиусови степени била забележана и во минатото во овој период од годината, но сепак е ретка појава, посочува Секираски. Во Скопје се очекуваат повремен дожд со претежно слаб југоисточен ветер, сончево време и пониска температура, но од викендот се очекува стабилизирање на времето, вели Божидар Секираски.
В петок времето ќе биде облачно, свежо и врнежливо. Наместа врнежите ќе имаат пороен карактер, а во вечерните часови ќе престануваат. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Во Скопје облачно, свежо и врнежливо, повремено врнежите ќе имаат пороен карактер, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УМХР). Според податоците на УМХР, во наредните денови, односно в сабота, недела и в понеделник, минималната температура ќе се движи од 2 до 11 Целзиусови степени, а максималната температура од 15 до 24 степени. В понеделник во некои делови од територијата на Македонија се очекуваат температури под нулата.
На Балканскиот Полуостров се очекува малку посвежо и променливо време, особено во северните делови. Според метеорологот Ѓорѓе Ѓуриќ, од 16 октомври може да се очекуваат температури околу 25 степени. Просечната максимална температура за втората половина на октомври се очекува да биде од 16 до 20 Целзиусови степени, а од викендов до 22 октомври максималните температури ќе бидат за околу пет степени повисоки од просечните, вели Ѓуриќ. Во однос на врнежите, српскиот метеорологот нагласува дека остатокот од октомври ќе биде претежно сушен, а може да се очекува потопол и посув период од просекот, за разлика од многу поврнежливиот и посвеж септември, вели Ѓорѓе Ѓуриќ. Д.Ст.