Според извршната потпретседателка на Европската комисија (ЕК), уникатниот полнач ќе биде корисен не само за животната средина туку и за паричниците на потрошувачите. Процена е на ЕК дека на овој начин ќе се заштедат најмалку 250 милиони евра на годишно ниво. Новиот закон ќе стапи во сила есента 2024 година, така што приклучокот УСБ тип-Ц ќе биде стандарден за полнење паметни телефони, таблети, е-читачи, тастатури, компјутерски глувчиња, ГПС-уреди, дигитални камери, слушалки, конзоли и преносни звучници. Од 2026 година, УСБ-Ц ќе стане норма и за полначи за лаптоп
Европскиот парламент едногласно одлучи дека сите телефони и таблети мора да имаат ист полнач
Европскиот парламент речиси едногласно усвои нови правила поврзани со воведувањето стандарден полнач за мали електронски уреди, како што се паметни телефони и таблети. Новиот закон ќе стапи во сила есента 2024 година, така што приклучокот УСБ тип-Ц ќе биде стандарден за полнење паметни телефони, таблети, е-читачи, тастатури, компјутерски глувчиња, ГПС-уреди, дигитални камери, слушалки, конзоли и преносни звучници. Од 2026 година, УСБ-Ц ќе стане норма и за полначи за лаптоп. Законот беше усвоен со големо мнозинство, со 602 гласа „за“, 13 „против“ и 8 воздржани.
– Ова едноставно решение ќе заштеди илјадници тони е-отпад секоја година, ќе го олесни континуираното користење на старата електроника, ќе го подобри искуството на потрошувачите и ќе ги намали непотребните трошоци – рече европратеникот од Малта, Алекс Агиус Салиба.
Тој се надева дека Европската Унија ќе биде пример за остатокот од светот.
– Уникатниот полнач не е корисен само за животната средина туку и за паричниците на потрошувачите. На овој начин ќе заштедиме најмалку 250 милиони евра годишно – вели извршната потпретседателка на Европската комисија, Маргарета Вестагер.
Новите модели на ајпад и мекбук користат УСБ-Ц порти за полнење, исто како и моделите на телефони од високата класа од популарните производители на Андроид, како „Самсунг“ и „Хуавеи“.
Промените би биле во приклучокот за полнење на телото на уредот, додека крајот на кабелот што се поврзува со приклучокот може да биде УСБ-Ц или УСБ-А.
Околу половина од полначите продадени со мобилни телефони во Европската Унија во 2018 година имале конектор УСБ микро-Б, додека 29 отсто имале конектор УСБ-Ц и 21 отсто имале конектор лајтнинг, според студијата за процена на влијанието на Комисијата од 2019 година.
Според податоците на Европската комисија, меѓу 11.000 и 13.000 тони електронски отпад секоја година се создава од полначи, а новите правила драстично ќе го намалат тоа количество. Сепак, тоа сè уште е капка во океанот на е-отпад, бидејќи само во ЕУ во 2019 година беа собрани вкупно 4,5 милиони тони.
Минатата година во Европската Унија се продадени околу 420 милиони мобилни телефони и други преносливи електронски уреди.
Просечен човек поседува околу три полначи за мобилни телефони, од кои два користи редовно. Во 2009 година имаше повеќе од 30 различни полначи, додека сега повеќето модели имаат три – УСБ-Ц, лајтнинг и УСБ микро-Б.
Производителите на паметни телефони со години се спротивставуваат на предлогот за стандардизирање на технологијата за полнење. Пред десет години, индустријата постигна договор со Комисијата и се обврза да го намали бројот на различни технологии за полнење. Тоа доведе до одреден напредок, но сепак беше недоволен во очите на Собранието, кое во 2020 година ги удвои барањата до Комисијата да предложи закон за регулирање на ова прашање.
– Ова не е крајот на приказната. Мора да продолжиме да ги следиме промените во технологијата на полнење електронски уреди. Ќе се види дали ќе има потреба од подобрување на искуството на потрошувачите, намалување на трошоците и подобрување на еколошките перформанси, а тоа ќе ни овозможи да размислиме за проширување на опсегот на упатствата – рече Вестагер.
Откако законот ќе стапи во сила, Комисијата ќе има две години да донесе нови правила за регулирање и стандардизирање на технологиите за безжично полнење.
Трите институции на Европската Унија ги договорија деталите од директивата за заеднички полначи уште во јуни.
Владите на Европската Унија сега мора да го дадат своето конечно одобрение, што се очекува за време на состанокот на Советот за животна средина, закажан за 24 октомври. Потоа, законот ќе стапи во сила, а земјите од ЕУ имаат рок од шест месеци да го транспонираат во своето национално законодавство.
Подготвил: Mарјан Велевски