Во Европскиот парламент во Стразбур остра и одлучна реплика на македонска пратеничка
На провокацијата пред европската јавност од страна на бугарскиот европратеник, пратеничката Соња Мираковска имаше храбра и одлучна реплика, која уште посилно одекна пред европската публика и јавност
Ниту мене ниту на моите сограѓани никогаш не можете да ни кажете дека зборуваме на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик, живеам во Македонија, сега наречена Северна Македонија. И тоа е мојот идентитет – рече пратеничката Соња Мираковска, копретседавачка на Мешаниот парламентарен комитет Македонија-ЕУ, за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур, реплицирајќи му на својот бугарски колега Александар Јорданов.
Во дебатата, бугарскиот европратеник ги повтори ултимативните, уценувачки и надвор од меѓународното право ставови на Бугарија, за што, за жал, и Советот на ЕУ се изјаснил со став дека „Македонија пред сè треба да изврши промена во својот Устав за да ги почне реалните преговори за членство во ЕУ“.
Мираковска на тоа реплицира дека таа е Македонка, зборува на македонски јазик и живее во Македонија и оти тоа е нејзиниот идентитет.
Ги признавам моите сограѓани Албанци, Турци, па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество – посочи Мираковска.
Таа додаде дека поради долгото чекање на земјава за почнување на преговорите со ЕУ се појавил голем проблем, а тоа, како што рече, е земањето бугарски пасоши.
Вие имате бугарски пасоши што се регистрирани на една бандера во град во Бугарија. Вие имате бугарски пасоши што се дадени на сосема нелегален начин и тоа е нешто што треба да се испитува во иднина. Тоа е ваш проблем, кој вие треба да го решавате – јасно порача Мираковска.