Всушност, победата на Мелони во голема мера ја одразува нестабилноста што е карактеристична во последнава деценија. Со оглед на тоа што Италија беше предводена главно од лидери од центарот и од левицата, и тоа од 2011 година, веројатно беше време Италија да сврти кон десно. Една од најголемите привлечности кај Мелони беше тоа што таа е млада (има само 45 години) и не е извалкана со неодамнешните одлуки на Владата. Апатијата на гласачите што го намали одзивот на само 64 отсто имаше голема врска со разочарувањето предизвикано од старата политичка гарда
Бил Емот
Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва што тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло. Сепак, нема многу причини да се верува дека тоа ќе го промени курсот на Италија на начини што се важни за пазарите или за меѓународните партнери на земјата.
Кога „шокантните“ или „екстремистички“ изборни резултати имаат рекордно низок одзив на гласачите и доведуваат до голема „здодевност“ на финансиските пазари, тогаш е време да се даде нов опис. Одлучувачката победа на општите избори во Италија од страна на коалицијата, предводена од партијата Браќа на Италија на Џорџа Мелони, овозможувајќи ѝ да биде прва жена премиер во Италија, како и прва што тврди дека недвосмислено има потекло од Бенито Мусолини, е нешто што остава силен впечаток.
Сепак, нема многу причини да се верува дека тоа ќе го промени курсот на Италија на начини што се важни за пазарите или за меѓународните партнери на земјата.
Овие избори беа оној редок случај во денешно време кога анкетите на јавното мислење во најголема мера се погодија како точни. Најмалку две години беше јасно дека ако трите главни десничарски партии се обединат заедно, тие ќе освојат апсолутно мнозинство. Единственото нешто што материјално се промени е рамнотежата во коалицијата: за време на технократската влада на национално единство предводена од Марио Драги, и тоа од февруари 2021 година до јули оваа година, гласовите се оддалечија од десничарската партија Лега, која се приклучи на владата на Драги, како и на партијата што остана надвор од тоа, Браќа на Италија.
Оваа промена продолжуваше до периодот на изборите, а Браќата на Италија заврши со трипати повеќе гласови од Лега, инаку предводена од Матео Салвини, или од вториот коалициски партнер на Мелони, Форца Италија на Силвио Берлускони. Ова во голема мера ќе ја зајакне нејзината позиција при формирањето на владата, со што е поверојатно дека нејзината влада ќе потрае неколку години, па дури и цел еден петгодишен парламентарен мандат.
Последен пат кога една коалиција освоила јасно мнозинство на општите избори во Италија било во 2008 година, кога Берлускони ја предводеше победата. Од 2011 година досега се сменија седум влади, со шест различни премиери, од кои двајца (Марио Монти и Драги) беа технократи, а другите се потпираа на креативни и сложени коалициски преговори. Во споредба со нив, победата на Мелони ветува едноставност и, барем на среден рок, стабилност.
Всушност, победата на Мелони во голема мера ја одразува нестабилноста што е карактеристична во последнава деценија. Со оглед на тоа што Италија беше предводена главно од лидери од центарот и од левицата, и тоа од 2011 година, веројатно беше време Италија да сврти кон десно. Една од најголемите привлечности кај Мелони беше тоа што таа е млада (има само 45 години) и не е извалкана со неодамнешните одлуки на Владата.
Апатијата на гласачите што го намали одзивот на само 64 отсто имаше голема врска со разочарувањето предизвикано од старата политичка гарда.
Најпривлечната карактеристика на Мелони беше многу неважна во нејзиниот успех. Таа води партија што не се срами од своето потекло кога станува збор за повоените поддржувачи на фашистичкиот диктатор Мусолини. Браќа на Италија дури чува и пламен како партиски симбол на лојалноста кон покојниот Дуче. Некои од нивните членови носат црни кошули, па дури и го користат поздравот на Римјаните, кој најчесто се поврзува со германските нацисти, иако Мусолини беше тој што го популаризира.
Засега, овие неофашистички здруженија се неважни, затоа што нема знаци за некаков нагорен тренд на поддршка на насилните методи или поддршка за уривање на демократијата. Проблемите во однос на самата Мелони, кои подразбираат став сличен на Трамп – „Италија пред сè“ во однос на илегалната имиграција и непријателството кон напредните социјални политики во однос на ЛГБТК-заедниците или абортусот, во суштина се конзистентни со програмите на претходните десничарски влади, кои беа предводени од Берлускони во 2001-2006 и 2008-2011 година, и на ставовите на Лега во лево-десничарската коалиција 2018-2019 година. Нејзиното спротивставување на тоа странци да бидат сопственици на главните национални компании, како што е поранешната „Алиталија“, е исто така конвенционално.
Затоа, и покрај разочарувањето на многумина Италијанци дека прогресивните социјални политики е можно да бидат сменети со новата власт, сепак речиси нема нешто суштински ново во програмата што ја вети Мелони. Таа ќе стапи на функцијата не поради ентузијазам, туку поради бран на разочарување.
За разлика од Салвини и Берлускони, таа зазеде одлучно антируски и проукраински став во однос на војната, исто како и премиерот во заминување Драги. Со оглед на тоа што Украина сега остварува напредок во таа војна, ова веројатно е нешто што нема да се промени. Мелони можеби порано му се восхитувала на општествениот конзервативизам на рускиот претседател Владимир Путин, но таа нема да поддржи губитник.
Големите прашања за новата влада, барем за оние што не се Италијанци, се однесуваат на нејзината економска политика. Во своите 18 месеци на функцијата, Драги ја стави италијанската економија во нешто што може да се опише како бенигна „лудачка кошула“: тој подготви план за јавни инвестиции за Италија да добие 190 милијарди евра од шемата „Некст генерејшн ЕУ“ на Европската Унија во текот на пет години, од кои четири сè уште претстојат. Тоа подразбира воспоставување ригорозен систем за ревизија и следење на расходите, како и договор за исполнување на строгите услови поставени од Европската комисија пред да биде одобрена секоја од траншите за плаќање.
Како самодекларирана „суверенистка“, Мелони не е љубителка на строгите услови од Брисел. Со целата десничарска коалиција поддржана од разни интереси на малите и средните бизниси, таа исто така нема да биде љубителка на реформите што се во полза на подобрување на конкуренцијата или дури и на ригорозна ревизија. Но големите текови на парите за кои тука станува збор ќе бидат клучни за среднорочниот економски раст на Италија, што имплицира дека нејзините суверенистички инстинкти се наместени да се фатат во костец со прагматичен реализам.
Новата влада нема да положи заклетва до крајот на октомври, а сепак веднаш ќе треба да го подготви буџетот за 2023 година. Изборот на Мелони за тоа кој ќе биде министер за финансии ќе биде она што најмногу се очекува. Тешко е да се замисли дека таа ќе сака да го започне својот мандат со впуштање во конфликт со Европската комисија, особено имајќи ја предвид тешката претстојна зима, со високи цени на енергентите и оскудниот гас. Сепак, таа е ново лице на политичката сцена, па затоа никој не може да биде целосно сигурен во што било.
(respublica.edu.mk)