Што е заедничко со референдумите, кои станаа тренд на глобално и на домашно ниво, и насловот на денешната колумна. Веројатно, само прашалникот на крајот од реченицата. Иако, за жал, во политичката реалност токму ваквите иницијативи, па и самите референдуми сѐ почесто се претвораат во геополитичко надмудрување, правни манипулации, злоупотреби и политичка итроштина на итарпејовски начин со единствена цел – дефокусирање на јавноста од суштинските прашања и проблеми на денешницата
Што е заедничко со референдумите, кои некако станаа тренд на глобално и на домашно ниво, и насловот на денешната колумна. Веројатно, само прашалникот од крајот од реченицата.
Во принцип нема други допирни точки. Или можеби и има. Особено од ракурс на набљудување и анализирање на случувањата на терен. Кои на момент наликуваат и потсетуваат на снаодливоста, досетките и пркоста на едни од најпознатите ликови од македонските народни приказни. На епските меѓусебни надмудрувања со сатирични мотиви и фабули, на најпознатите шегобијци од Македонија во ликовите на Итар Пејо и неговиот пандан Насрадин-оџа. Во легендите и приказните за нив тие преку својот автентичен хумор и постапки секогаш стојат на страната на народот и неговото исконско трагање по правдината и вистината. Да повторам уште еднаш – исконско трагање по правдината и вистината.
Тоа беше и клучната инспирација уште во насловот да се споменат овие два лика. Како своевидна митолошка парадигма на она што ни се случува денес. А ни се случуваат итарпејовско надмудрување, подметнување и тактизирање, кои е дискутабилно дали се во корист или на штета на народот.
Денес речиси никому не му е до хумор и сатира. Но сите, буквално сите се гладни и жедни за таа толку посакувана исконска правдина за македонскиот народ и држава. Правдина, која како да се загубила некаде далеку во времето и просторот. Како да останала само уште во приказните и легендите од минатото, од времето на Итар Пејо и Насрадин-оџа.
Со таа разлика што денешната реалност не е ни малку сатирична, туку многу повеќе трагична.
Во едни вакви околности, некои политички субјекти преферираат и се обидуваат својата правдина да ја истераат преку референдуми. И тоа е сосема легитимно. Зашто референдумот, нели, е највисока демократска алатка во политиката каде што одлуката ја носи народот. Тоа претставува облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден правен акт или за донесување одредена одлука од посебно значење за државата.
Во Македонија референдумот е уставна категорија регулирана со членот 73 од Уставот на државата. И дотука сѐ е во ред. Но деформациите настануваат кога се настојува, по секоја цена, на референдумите да им се стават политички очила, па добивате искривоколчена, изобличена и превртена слика на случувањата. Така, на глобално ниво има референдуми што се отфрлени и непризнаени од меѓународната заедница, но и држави што се признаени и без референдум и спротивно на меѓународното право и повелбите на ОН.
Со тоа се испраќа порака дека силата и моќта на одлучувањето не произлегуваат од волјата на народот, без разлика кој и да е, туку од интересите на одредени центри на моќ.
Тоа и Македонија го има почувствувано на своја кожа. Затоа денес при секое споменување на зборот референдум се крева голем прав од недоумици, калкулации и стравувања што сѐ може да се изроди. Политичарите сѐ повеќе на референдумите гледаат како на некаков инструмент на дневната политиката, а не како алатка на народот, како што практично треба да биде.
Македонија во својата историја имаше само еден успешен референдум, оној од 1991 година, кога беше прогласена самостојна и независна Република Македонија. Сите други обиди за референдумско изјаснување беа повеќе обиди за дефокусирање, подметнување, изигрување или пренасочување на волјата на гласачите итн. Или, со еден збор, манипулации во стилот на Итар Пејо или Насрадин-оџа. И за ова има редица примери. На пример, на референдумот од 2018 година, пред потпишувањето на Преспанскиот договор и преименувањето на државата, прашањето беше – Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?
Во вака формулираното прашање воопшто не беше спомената суштината на проблемот и намерата за менување на името и идентитетот на државата. Пред македонскиот народ во форма на референдумско прашање беше подметнато кукавичино јајце, замаскирано зад наводното членство во ЕУ и во НАТО. Според сите експертски мислења и анализи, ваквото прашање беше оценето како крајно манипулативно. Неразбирливо поставени, извртени и сугерирачки прашања се забранети и во нашето процесно право. Но тоа не ги спречи предлагачите да замижат пред сите овие прекршувања и да излезат пред народот со вакво прашање. Класична политичка итарпејовска манипулација со нешто што би требало да претставува врв на демократијата, како што е референдумот.
Граѓаните, сепак, го препознаа тоа и референдумот пропадна поради недоволен одзив, но замислената политичка цел потоа пак беше остварена и државата беше преименувана. Се добива впечаток дека и во последните иницијативи за референдум, поврзани со францускиот предлог и договорот со Бугарија, има одредени суштински аномалии.
Пред сѐ формулацијата на прашањето е нејасна, збунувачка, без јасна претстава што се сака да се постигне. Веројатно со цел да се избегнат можните сопки од претседателот на Собранието, предлагачите на иницијативите за референдум излегуваат со таква формулација, во стилот округло, па на ќоше. Но едно, сепак, мора да биде кристално јасно.
Пред народот не можете да излезете со нејасно и разводенето прашање. И притоа да немате докрај расчистено што ќе се постигне од аспект на домашното, но уште повеќе од аспект на меѓународното право. Какви било обиди за експериментирање со референдумски прашања без јасно дефинирана и предвидлива цел од секој аспект, може да биде повеќе контрапродуктивна отколку полезна за државата. На крајот на краиштата, референдумски прашања, каде било во светот, не се формулираат за да му се допаднат на претседателот на Собранието или на кој било друг, туку на едноставен и јасен начин да ја одразат суштината на проблемот за кој се бара произнесување на народот. Во таа смисла и најновото референдумско предлог-прашање „дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“ создава одредени недоумици.
Можеби од правна гледна точка прашањето е коректно, но ајде да бидеме малку попрактични. Колкумина од граѓаните, идни гласачи, ги знаат до точка собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година. Да потсетиме, тоа се оние заклучоци со кои Собранието ѝ даде мнозинска поддршка на Владата да ги отпочне преговорите со ЕУ со прифаќање на францускиот предлог.
Како изјаснувањето по ова прашање ќе го поништи францускиот предлог и протоколот со Бугарија, кои се посочуваат како замка околу вратот на Македонија. Понатаму во однoс на истите овие заклучоци имаше остра полемика во Собранието, а партиите од опозицијата не гласаа. Се наметнува дилемата што ќе го поттикне и мотивира народот да излезе на референдум и да се произнесе за овие заклучоци, за кои претходно предлагачот и опозицијата не гласале? Да не заборавиме дека истото оваа собрание со мнозинство гласови донесе резолуција уште во 2021 година, со цел одбрана и заштита на македонскиот идентитет, јазик, историја, за потоа да даде согласност за францускиот предлог, кој, пак, е целосно спротивен од претходно изгласаната собраниска резолуција.
Ако целта е народот преку референдум да ги казни политичарите што се премислиле, односно оние што не достојале на зборот, се самонегирале и самите ја погазија веќе донесената резолуција, тогаш веројатно изборите се посоодветна алатка отколку референдум. Ако, пак, крајната цел е да се анулираат штетниот договор и протокол со Бугарија тогаш меѓународно право нуди редица побрзи, попрактични, поевтини правни алатки, проверени и во меѓународната пракса. Редица истакнати домашни и странски правни експерти посочуваат дека ако се сака да се поништи штетниот договор со Бугарија, доволно е да се прати дипломатска нота во која се искажува државната волја да се раскине конкретниот договор. Треба само конкретно и со докази да се посочи дека Договорот за пријателство со Бугарија е злоупотребен токму од Бугарија како инструмент за флагрантно кршење на суверените, идентитетски, јазични и културни права на македонскиот народ и држава. Дека Бугарија го користи договорот за асимилација на Македонија со што го прекршува и меѓународното начело јус когенс, според кое, секоја земја има суверено право на самоопределување. И точка. Тоа ќе испрати јасен и силен сигнал пред светот и меѓународната јавност дека Македонија не прифаќа и нема да подлегне под никакви уцени и притисоци за самонегација. Договор за добрососедство со Бугарија може и треба да има, но само под еднакви и рамноправна услови за двете земји и без какви било уцени и условувања од позиција на моќ.
Има моменти, а токму сега е еден од нив, кога политичарите и од власта и од опозицијата мора да покажат решителност, да преземат одговорноста и да носат стратегиски одлуки во полза на државата. Тактизирања, меѓусебни подметнувања, јалови расправи, нејасни иницијативи или затскривања зад народот не го решаваат проблемот. Дури може и уште повеќе да го заплеткаат.
Пред самиот крај и неколку куриозитети во врска со референдумите.
Кога станува збор за формулација на референдумските прашања, Швајцарија е дефинитивно лидер на овој план. Таму, на пример, во 2010 се спроведе референдум, а прашањето било „дали кучињата можат да бидат застапувани од адвокати во судовите“. Референдумот поминал успешно, а 71 отсто од излезените гласале против. Сепак еден од побизарните референдуми е одржан во Саскатун, Канада, во 1997 година, а прашањето било како да биде поставена тоалетната хартија во јавните тоалети. Референдумот бил успешен, при што 80 отсто од гласачите сметале дека ролната треба да виси напред, а 20 отсто одзади. Замислете, дури и во Канада, ете, имало случувања од итарпејовски калибар. Кај нас вакво прашање нема да помине. Не дека спикерот ќе го отфрли. Туку едноставно – нема јавни тоалети. Па логично нема каде да виси, ни однапред ни одназад!