Рускиот претседател Владимир Путин во синоќешниот разговор со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган ги осуди наводните напади на гасоводите „Северен тек 1 и 2“ во Балтичкото Море, кои, според за него се „чин на меѓународен тероризам“.
Во телефонскиот разговор со Ердоган, рускиот претседател ги „изрази своите размислувања за невидените акти на саботажа, всушност меѓународен тероризам против „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Шведската крајбрежна стража вчера информираше за четврто истекување гас во Балтичкото Море над гасоводот „Северен тек“.
Европа експресно оцени дека тоа е саботажа, а Москва го отфрли ова тврдење како „глупаво и апсурдно“ и повика на истрага.
Гасоводите „Северен тек 1 и 2“ не работат, но во цевките има гас.
НАТО вчера изрази „длабока загриженост“ поради оштетувањето на гасоводот и предупреди дека секој намерен напад врз инфраструктурата на сојузниците ќе биде проследен со „унифициран и решителен одговор“.
На барање на Москва за денеска е закажан итен состанок на Советот за безбедност на ОН токму на оваа тема, бидејќи сите сомнежи се насочени кон тоа.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека сѐ уште е рано да се каже кој би можел да стои зад прекинот на гасоводот „Северен тек“.
– Кога зборуваме за нападот – или оштетување на гасоводот, мислам дека во овој момент има многу шпекулации. Но, искрено, додека не се спроведе целосна истрага, никој нема да може со сигурност да каже што се случило – рече Остин на прес-конференција на Хаваи.
Тој додаде дека за инцидентот разговарал со својот дански колега во средата, кој му посочил дека ќе поминат неколку дена „пред да можат да го доведат вистинскиот тим за да се обидат да утврдат што е можно подобро што се случило“.
– Сè додека не добиеме повеќе информации или не можеме да направиме дополнителна анализа, нема да шпекулираме кој е одговорен – рече Остин.
Европската Унија ги истражува причините за истекувањето на гасоводите „Северен тек“ 1 и 2 под Балтичкото Море со кои управува руски „Газпром“ и се сомнева дека е извршена „саботажа“.
Русија во четвртокот објави дека САД ќе имаат корист од прекинот на гасоводот „Северен тек“. Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, на брифинг изјави дека САД ќе можат да ја зголемат продажбата на течен природен гас (ЛНГ) доколку цевководите трајно се деактивираат. Захарова, исто така, повика истрагата на ЕУ да биде „објективна“.