Континуитетот на непринципиелните и противправни меѓународни препораки, ултиматуми, притисоци, уцени, како и избегнувањето на ЕУ да ги исполни дадените ветувања спрема Македонија, очекувано, предизвикува револт и отпор кај македонските граѓани, отпор што е автентично македонски и на никој друг. Македонскиот народ едноставно јасно порачува дека е доста со уцените. Принудата за согласност за самобришење на националниот идентитет и автентично историско постоење на Македонците не може да се проголта. Никогаш и за ништо
Децениските официјални препораки на Европската комисија за подготвеноста на Македонија да ги започне преговорите за полноправно членство во Европската Унија речиси исто толку време се трансформираат во „добронамерни неофицијални препораки“ од претставници на земјите-членки на ЕУ, од видот „затнете го носот и проголтајте уште една жаба“. Македонија има хронологија на исполнување паралелни критериуми во својата државно-општествена трансформација за достигнување на европските вредности, кои ЕУ ги бара од земјите што претендираат да бидат дел од нејзиниот клуб. За Македонија, покрај стандардните Копенхашки критериуми за проширување, постојат и таканаречени „критериуми за голтање жаби“, кои, главно, произлегуваат од анахроните позиции и аспирации на нејзините „европски“ соседи Грција и Бугарија, насочени на деградирање, негирање и асимилирање на македонскиот национален идентитет. Возејќи по тој паралелен колосек на критериуми и уцени на својот евроинтегративен пат, Македонија стигна до нова условена стартна позиција за започнување на преговорите со ЕУ. Формално е отворена првата меѓувладина конференција со ЕУ, во јули годинава, пред една недела започна скрининг-процесот за утврдување на усогласеноста на македонското законодавство со европското…, но не може да се каже дека се започнати преговорите. Тоа би требало да се случи дури откако ќе биде исполнет условот од францускиот предлог на преговарачката рамка – во преамбулата на македонскиот устав да бидат внесено бугарското малцинство.
Така приближно би можела да биде претставена кратката содржина во филмски тизер за драмата на (досега) триесетгодишните обиди на Македонија да стане дел од семејството на Европската Унија. Секако, во таквиот краток формат при описот на драмското дејство не можат да се наведат сите ситуации и дејства, со кои преку „демократски притисок“ Македонија беше принудена да си го смени уставното име, што, секако, ја активира и спиралата на „ненамерно и логично“ преименување на идентитетот на Македонците. „Демократскиот притисок“ од ЕУ и меѓународната заедница за потпишување на Преспанскиот договор со Грција, кој се примени и со спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, како своевиден услов во преговарачката рамка за Македонија, практично се сведува на препораката за „затнување на носот и голтање на жабата“. Континуитетот на ваквите меѓународни препораки, ултиматуми, притисоци, уцени, како и избегнувањето на ЕУ да ги исполни дадените ветувањата спрема Македонија, очекувано предизвикува револт и отпор, гласно изразен во македонската јавност, сега конкретно изразен преку неприфаќање на францускиот предлог на преговарачката рамка со многу бугарски клаузули во неа. Според најновото истражување на јавното мислење, отпорот на македонските граѓани спрема францускиот предлог е изразен со 57 отсто од испитаниците, а во едно друго истражување таа бројка беше 75 отсто. Секако, таквите мерења и степенувања на емоциите, со обид за сведување на просечно општествено расположение за прашања од национален интерес, секогаш оставаат простор за преиспитување на целите и намерите за нивното спроведување. Сепак, и двете анкети покажуваат мнозинско нерасположение кај македонските граѓани за т.н. француски предлог на македонската преговарачка рамка со ЕУ, со отворени можности за Бугарија да го контролира и попречува напредокот на Македонија во преговарачкиот процес, а притоа да ѝ биде овозможен и легитимен простор за бугаризација на македонскиот национален идентитет.
За Македонија, покрај стандардните Копенхашки критериуми за проширување, постојат и таканаречени „критериуми за голтање жаби“, кои главно произлегуваат од анахроните позиции и аспирации на нејзините „европски“ соседи Грција и Бугарија и кои се насочени на деградирање, негирање и асимилирање на македонскиот национален идентитет
Мошне симптоматично е што јавно изразениот револт на македонските граѓани по ова прашање, од одредени политички структури во државата се настојува да се компромитира како неавтентичен и како резултат на наводно руско влијание. Обидувајќи се да манипулираат со геополитичкиот антагонизам на демократскиот Запад спрема Русија, предизвикан од руската воена интервенција во Украина, структурите во македонската политика што сметаат дека францускиот предлог е добар за македонските евроинтеграции, на изразениот мнозински отпор во општеството му пришиваат „антиевропска етикета“. Таквото етикетирање и обвинување за „антиевропски намери“ на противниците на францускиот (европско-бугарски) предлог за Македонија, често се развива и до изедначување на ставот за автентичен македонски идентитет како производ на „токсичната руска пропаганда“.
Сепак, реалноста изразена преку сега веќе добро анализирано и „одлежано“ неприфаќање на предлогот за наводно брзо евроинтегрирање на Македонија, во кој македонските граѓани препознаваат загрозеност на националниот идентитет, покажува дека револтот и отпорот се автентична македонска реакција на непринципиелниот однос на ЕУ. Всушност, политичарите се тие што се подложни на странски влијанија во изразувањето на своите ставови, а македонските граѓани реагираат искрено и автентично на неправдите што им се нанесуваат и принудите што се прават со „демократски притисок“. Принудата за согласност за самобришење на националниот идентитет и автентично историско постоење на Македонците е жабата што не може да се проголта ниту со стиснат нос, ниту со очи ширум затворени.