Фестивалот „Про-за Балкан“, чиј гостин е режисерот Рајко Грлиќ, ќе биде затворен вечерва во Кинотеката на Македонија, со проекција на неговиот култен филм „Караула“. Во Скопје, Грлиќ го промовира и својот лексикон „Нераскажани приказни“, кој излезе на македонски јазик, а кој по абецеден ред простира цел еден универзум за подвижните слики, но и за животот на нивните творци
Рајко Грлиќ, хрватски режисер и сценарист
Рајко Грлиќ е еден од гостите на 10. интернационален фестивал на литературата „Про-за Балкан“. На фестивалот, уметничкиот директор Александар Прокопиев разговараше со Рајко Грлиќ. Расказ од Грлиќ читаше актерот Петар Арсовски, а фестивалот ќе биде затворен вечерва, во Кинотеката на Македонија, со проекција на култниот филм на Грлиќ, „Караула“, кој е снимен во Македонија. Неговиот лексикон „Нераскажани приказни“, кој излезе и на македонски јазик, по абецеден ред простира цел еден универзум за подвижните слики, но и за животот на нивните творци. Лексиконот е своевидна тестаментарна проза и свет за себе, толку редок пример што ги спојува искуството, сеќавањата, едукацијата и мисијата на еден филмски автор.
За себе секогаш истакнува мошне кратка биофилмографска цртичка. „Роден во Загреб во 1947 г. Режија на игран филм магистрирал во 1971 г. на ФАМУ во Прага, тогашна Чехословачка. Живее во Хрватска (Загреб и Истра) и во САД (Атенс, Охајо). Од вина пие ’плавац мали‘ и „малвазија“. Последниве две ставки се, нормално, од јадранското крајбрежје…
Како режисер и косценарист има потпишано 11 долгометражни играни филмови: ’И да пукне, нека пукне‘ (1974), ’Браво маестро‘ (1978), ’Само еднаш се љуби‘ (1981), ’Во челустите на животот‘ (1984), ’За среќа се потребни тројца‘ (1986), ’Ѓаволски рај‘ (1989), ’Чаруга‘ (1991), ’Жозефина‘ (2002), ’Караула‘ (2006), ’Нека остане меѓу нас‘ (2010) и ’Устав на Република Хрватска‘ (2016)“.
Дел сте од годишното еминентно друштво на „Про-за Балкан“, што најмногу ве радува на ова ваше гостување?
– Почестен сум од поканата. Сите учесници се сериозни писатели, па затоа е голема чест за еден 76-годишен почетник да биде меѓу нив. Ме радува, пред сè, македонскиот превод на „Нераскажани приказни“ и можноста лично да ги презентираме и на тој начин да му се заблагодарам на човекот што е одговорен за сето ова, Дејан Трајкоски. Покрај тоа, многу сум среќен што мојот стар пријател, актер со кој работев на два филма, Петар Арсовски, прочита некои делови на промоцијата. Така таа книга, која не ни требаше да биде книга, ќе им биде достапна на македонските читатели по нејзиното објавување во Хрватска, Србија, Англија и во Америка. Словенечкото издание ќе излезе во ноември, а чешкото во март следната година.
Откако собравте солиден багаж како филмски режисер и сценарист, спонтано се наметна создавањето на „Нераскажани приказни“. Што спакувавте во овој лексикон?
– Кога отидов во Америка пред триесет години, решив повеќе да не снимам филмови. Но бидејќи човек не може да ја спречи главата да ги мисли, почнав да пишувам некои приказни на мојот лаптоп. Така, во тие триесет години се собраа многу приказни и многу лични белешки, белешки за пријатели и многу други работи што сценаристите обично ги запишуваат, верувајќи дека еден ден ќе им требаат. Пред пет-шест години, кога му покажав дел од тие белешки, кои ги нареков „гробишта на моите нефилмувани филмови“, на мојот партнер сценарист Анте Томиќ, тој почна да ме убедува дека морам да ги објавам. И без мое знаење ѝ се јави на својата уредничка Марина Вујчиќ и ја информира дека имам книга што таа мора да ја објави. Марина беше упорна. Таа ми праќаше пораки една година додека јас, поточно моето его конечно не попушти.
Решивте да ги обелодените личните искуства, спомените и целата ваша животна мисија, какво наследство сакате да оставите зад себе?
– Првиот аматерски краток филм го снимив на шеснаесет години, а првиот професионален краток филм на осумнаесет години. Од тогаш до денес, во овие шеесет години, филмот е горе-долу мојот живот. Тоа беше убава игра за мене. Играв со фикција и документарни филмови, правев фестивали и основав интерактивни и реални филмски школи, предавав филм низ целиот свет… Направив многу работи, но не е на мене да кажам што ќе оставам зад себе. Тоа, без да ме праша, времето само ќе си покаже.
За крај на фестивалот е предвидена проекција на „Караула“. Како сега, по 16 години од снимањето во Македонија, го доживувате овој филм?
– Не сум го гледал „Караула“ шеснаесет години. Се трудам да не ги гледам моите филмови додека сè уште има, барем теоретски, надеж за нивно прикажување. Но затоа во овие шеснаесет години „Караула“ беше навистина добро и масовно гледан „од Вардар до Триглав“. Верувам дека, заедно со „Во челустите на животот“, тоа е убедливо мојот најгледан, поточно мојот „најпопуларен постјугословенски филм“. Ќе спомнам два мали примери. Првиот го опишав во книгата и се однесува на дувачки оркестар од Шибеник, еден од најпопуларните хрватски оркестри што одржуваат по сто концерти годишно. Кога одат на пат, а одат често и секогаш со автобус, прво го прашуваат превозникот дали има ДВД-плеер и телевизор. Ако нема, тие ќе го донесат, заедно со „Караула“. Само што тргнува автобусот, тие ја започнуваат проекцијата „Караула“. Во исто време, звукот се гаси и целиот автобус го кажува целиот дијалог на филмот со сите важни звуци. Ова, се колнат, е почеток на секое нивно патување со години. Друг пример ми се случи пред неколку дена на Црес. Сопственикот на рибниот ресторан ме запозна со еден келнер, млад човек од Ниш, кој призна дека го изгледал „Караула“ 24 пати и го знаел целиот дијалог, но ќе го гледал и повеќе, ако цедето не му се оштетило, па му ветив дека ќе му испратам ново. Ќе застанам тука, затоа што е непристојно да претерувам во самопофалби.
Какви спомени негувате од тоа време, од снимањето на „Караула“?
– Снимањето на „Караула“, реков тогаш, а денес често го повторувам, е убедливо моето најпријатно снимање. Беше прекрасно да се работи и да се биде со сите оние луѓе што нѐ поддржаа на толку топол и човечки начин, ни посакуваа и ни помогнаа да направиме добар филм. Мислам дека нивната добра вибрација беше вткаена во филмот и значително го подобри. Им бев благодарен тогаш кога го работевме „Караула“, исто како што сум им благодарен и денес.