Претставниците на албанските партии Беса и Алијанса за Албанците, кои ја поддржуваат спогодбата од Мала Преспа и чии пратеници учествуваа во двотретинското мнозинство за пристапување кон уставните измени, велат дека својата понатамошна поддршка на собраниската процедура можат да ја условат со нови барања за подобар статус на Албанците во веќе отворениот Устав. Според експертите, сето ова ја остава отворена можноста некои нешта да излезат (да бидат исфрлени/избришани), додека некои други нешта трајно да се вгнездат/внесат во Уставот, како највисок правен акт во државата
Иако има рок од 15 дена да се достави до Собранието нацртот на уставните амандмани, по одлуката на 80 пратеници во петокот, на 19 октомври, за пристапување кон промена на Уставот, Владата на РМ настојува колку што е можно да ги скрати роковите и веќе најави дека предлог-текстот на амандманите ќе биде предаден за разгледување уште утре, на 26 октомври. Сепак, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, рече дека се работи интензивно на нив, но сѐ уште нема датум кога ќе бидат доставени во Собранието.
– Сакаме да ги скратиме роковите најмногу што е можно. Процесот ќе биде инклузивен, сите пратеници ќе учествуваат во финалната изработка и јавноста ќе биде вклучена. За секој нацрт или предлог доставен до Собранието јавноста ќе биде информирана – изјави Бошњаковски.
По доставувањето во законодавниот дом, секој од четирите амандмани преку кои ќе се интервенира во Уставот ќе треба да помине низ претрес во две собраниски комисии. Според деловничките рокови, од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Ова значи дека доколку нацрт-амандманите бидат доставени утре, на 26 октомври, еден месец подоцна, кон крајот на ноември, треба да бидат изгласани во Собранието. За гласањето во оваа фаза е потребна поддршка од 61 пратеник. Но овие рокови можат да бидат и пократки, бидејќи претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена, како во комисиите, така и на пленарната. Пратениците имаат право на збор повеќепати, но не повеќе од 20 минути, што дава можност оваа фаза да заврши побрзо од максимално дозволените рокови. До конечна измена на Уставот е потребно во два наврата да се гласа во две собраниски комисии, да има две гласања со апсолутно мнозинство од 61 пратеник и едно гласање со двотретинско мнозинство.
Со оглед на драматичното собирање на двотретинското мнозинство за гласањето за пристапување кон уставни измени (гласањето на осуммина опозициски пратеници за предлогот на Владата) и тектонските движења во опозициската ВМРО-ДПМНЕ во деновите потоа (исклучување од членство на пратениците од нивните редови што гласаа „за“, како и на други поранешни истакнати членови на партијата), дава реална основа за претпоставка дека понатамошната собраниска процедура за спроведување на уставните измени во согласност со обврските од спогодбата од Мала Преспа нема да тече мазно. Иако премиерот Зоран Заев по изгласувањето на предлогот за пристапување кон уставни измени рече дека е „среќен заради тоа што изнедривме двотретинско мнозинство за првата одлука што сум убеден дека ќе биде охрабрување за следните чекори“ и верува дека има шанса процесот да биде завршен и со 120 гласа „за“, развојот на настаните наведува на тоа дека премиерот е можеби преоптимистичен. Според одредени истражувања, поминати се пет чекори во процесот на усвојување на уставните измени, но остануваат уште десет, кои треба да се спроведат до крајот на годинава или до средината на јануари наредната година. Одредени интелектуалци, како професорот по филозофија Љубомир Цуцуловски, сметаат дека начинот на кој е постигнато двотретинското мнозинство може да се анализира, критикува, осудува или одобрува, меѓутоа фактот е следниот – на наредните собраниски седници не ќе мора да се трага/тргува по двотретинско мнозинство, бидејќи тоа е веќе обезбедено/вгнездено во Собранието. Но, сепак, тој предупредува дека сѐ поизвесни стануваат последиците од отворањето на Уставот, кој го споредува со Пандорината кутија.
– Сѐ поизвесни стануваат последиците од отворањето на Пандорината кутија, опасност на која укажував во неколку поста. Сметав (и сметам) дека со тој процес (отворање на Уставот) многу несакани нешта ќе излезат, како што и многу нешта ќе се вгнездат и ќе ја обезличат Република Македонија…. Започнува процес на отворање на Уставот. Од него некои нешта ќе излезат (ќе бидат исфрлени/избришани), додека некои други нешта ќе се вгнездат/внесат, како што се промена на името, или барањата содржани во договорот со Грција и Бугарија, во тиранската платформа и сл. Можеби текстов некому ќе му звучи непотребно песимистички. Меѓутоа, она што треба да го направат науката и здравата мисла е констатирање на фактите онакви какви што се – без разубавување или оцрнување, бидејќи непоткрепениот оптимизам е исто толку опасен колку што е опасен непоткрепениот песимизам. Или, поинаку кажано, не може да се излезе од несаканите состојби ако фактите претходно не се констатираат онакви какви што се, бидејќи едно е какви сакаме да ги видиме, друго е какви се – смета професорот Цуцуловски.
Владата најави четири амандмани, но со можност да бидат зголемени и со интервенциите на опозицијата. Првиот се однесува на додавање на одредницата „северна“, вториот е за неменување на границите, со третиот се прецизира грижата за македонското национално малцинство во соседните земји, кое ќе се прошири во грижа за правата на целата дијаспора. Четвртиот амандман е во преамбулата. Од Владата уверуваат дека во преамбулата нема да се чепка ништо од државноправниот наратив, кој почнува од Илинденското востание преку АСНОМ до референдумот за независност, односно само конкретно ќе бидат наведени одредени одлуки од АСНОМ. Сепак, самото отворање на Уставот секогаш, како и отвореноста на премиерот за амандмански предлози од пратениците, остава простор за ризици во однос на одолжување на процесот за собраниско усвојување на измените во Уставот, кој е ставен на „брза лента“. Еден од ризиците е можноста за филибастеринг на ВМРО-ДПМНЕ, односно поднесување голем број амандмани за одолжување на расправата, што професорот Димитар Апасиев и му предложи преку социјалните мрежи на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Од друга страна, и претставниците на албанските партии Беса и Алијанса за Албанците, кои ја поддржуваат спогодбата од Мала Преспа и чии пратеници учествуваа во двотретинското мнозинство за пристапување кон уставните измени, велат дека својата понатамошна поддршка на собраниската процедура можат да ја условат со барањата за подобар статус на Албанците во веќе отворениот Устав. Од ДУИ веќе се изјаснија дека нема да ги постават таквите барања во овој процес на имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Уставот на Македонија.
– Претставниците од албанските партии Беса и Алијанса за Албанците веројатно со таквите барања сметаат дека ќе добијат некаков политички поен во нивното гласачко тело. Можеби сметаат дека постигнатото двотретинско мнозинство од 19 октомври е критично и на работ, постигнато со прекршување на демократските стандарди, па имаат простор да уценуваат со нивните пратеници. Но сметам дека не можат да си го дозволат тоа. Единствена причина што сега се отвора Уставот е имплементацијата на спогодбата од Мала Преспа и секое дополнително барање само би го комплцирало целиот процес – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Очекувањата на Божиновски повеќе се насочени кон тоа дали во амандманскиот предлог на Владата ќе бидат вметнати и оние четири побарувања на осумте пратеници од опозицијата што гласаа „за“ на 19 октомври, кои својата понатамошна поддршка во собраниската процедура за менување на Уставот ја условија токму со нив.