Почитувани од државната делегација на Македонија, тезата на Софија во поедноставена форма, сега ви е позната. Не паѓајте на тие нивни ниски шовинистички страсти: непостоењето на официјален преведувач во Софија, само ќе го потврди бугарското подмолно тврдење за постоење на знакот равенство меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Пис!
Македонското народното творештво има повеќевековна традиција, која се пренесува низ различни форми, и наративно и забележано на многу различни начини и историски извори, од една генерација на друга генерација. Ова творештво има традиционален облик, а е нераскинливо со македонскиот народ, бидејќи ги изразува неговите чувства, мисли и стремежи. Низ вековите беа создадени стотици и стотици народни песни, кои воспеваа настани и личности, за да бидат врежани во колективната македонска меморија. Тие се пренесуваат на типичен архаичен македонски говор, говор што има свои особености, суштински различни од оние на другите балкански етноси. Токму тие особености станаа основа на македонскиот литературен јазик.
По создавањето на современата македонска држава, продолжи традицијата на собирање македонски народни умотворби, традиција што започна со Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, браќата Миладиновци и многу други. Во овој контекст, Симо Младеновски и Живко Андреевски вложија напор во собирањето на народните песни што настанале во текот на македонската народноослободителна борба во Втората светска војна. Нивната активност беше крунисана во 1978 година, кога од печат излезе „Доста ропство и тиранство: македонски народни песни со тематика од НОВ и револуцијата“. Зборникот е обемен со народни песни, бидејќи Народноослободителната борба на Македонците роди многу славни личности, кои својот живот го положија за слободата и независноста на македонскиот народ.
Во споменатиот зборник беше објавена и песната „Од Софија жален глас се слуша“, посветена на Васил Антевски-Дрен. Во чест на овој македонски херој, народот ги испеа следните стихови: „Од Софија жален глас се слуша, секој ден редат бесила, на бесила висат млади борци, борци, одбор Македонци. Едно утро тиран се извика: – Ред е на Васил Антевски! Бесилката му ја покажаа, за желба го запрашава: – Кажи, Васил, каква желба имаш и кажи зошто се бориш? Желба моја е Македонија, земја да стане слободна. Доста веќе она робуеше, од секој маки тегнеше. Старо, младо, сите се бориме и ќе се ослободиме! Кога разбра село Оморани, старо и младо зажали, еден на друг они расправаа и сите на ред плакаа: – Од малечок за нас се бореше и за нас Васил загина! Ој тирани, многу го мачевте, од прсти му нокти вадевте, далеку го вија однесовте и таму го обесивте. Да знаете, абер ви праќаме, за Васил крв ќе вратиме!“
Од денешна перспектива, кога постојано се соочуваме со уцени, ултиматуми, ревизија на историјата, со хегемонистички тенденции во европска обланда од Софија, овие стихови за некого може да бидат проблематични. Врз основа на протоколот, кој беше потпишан како резултат на францускиот предлог за започнување на преговорите со Европската Унија, некој може да ни дофрли дека овие стихови се говор на омраза. Зошто говор на омраза? Бидејќи песната што е посветена на Васил Антевски-Дрен може да создаде „негативна слика за Бугарија”.
Затоа ни велат да го заборавиме минатото и да се насочиме кон иднината. Во интерес на иднината (читај добрите односи со Софија), од нас се бара да ги цензурираме македонската историјата и народното творештво. Во ред, да ги послушаме! Ќе пишуваме за пошумувањето на Атлантски Океан, но останува прашањето што со делата на авторите што твореа во изминативе 80 години. Одговорот ни е едноставно даден: Соберете ги и запалете ги на плоштадот во престолнината на „вашата држава“, слично како и нацистите на германските улици! Каков апсурд. Низ историјата, Македонците никогаш не биле освојувачи и тирани, впрочем тоа е евидентно во народното творештво, творештво во кое чувствата и мислите се изразуваат на еден послободен начин, творештво во кое постојано се повторуваат мислите за слободата и човековите правдини.
Да се навратиме на народното творештво од Народноослободителната борба на македонскиот народ, но од друг аспект. Некои постојано ни повторуваат дека македонскиот јазик е вештачка творба, кој настанал во 1944 година, врз основа западнобугарски дијалект. Ако е така, тогаш останува нејасно зошто македонските песни од Народноослободителната борба што се создадени пред 1944 година не се објават во Бугарија, впрочем според бугарската логика тие се испеани на бугарски јазик. Но да не умуваме многу, Бугарите си знаат!
Да се насочиме кон прашањето на денот – односите со Бугарија. Многумина ни посочија дека зимата што ни претстои ќе биде најтешката зима од Втората светска војна. Во следниот период може да се соочиме со недостиг од енергенти и храна. Затоа е потребна соработка помеѓу сите европски држави, особено меѓу државите што граничат помеѓу себе, а од оваа соработка ќе зависи на каков начин ќе ја пребродиме кризата. Македонија мора да негува добри односи со соседите, вклучувајќи и со Бугарија, но тоа не значи дека треба да молчиме кон антимакедонската политика што пристигнува од опкружението, вклучувајќи и од Софија. Време е бугарската политичко-општествена елита да разбере дека добрососедските односи се негуваат со заемно почитување, уважување, соработка, а не со уцени и закани. Во оваа насока, Софија треба битно да се реструктурира и да се насочи кон заеднички проекти што ќе им овозможат подобар живот на двата народа, но и почитување на малцинските права на Македонците.
Што се однесува до нас, Македонците, треба да си ги почитуваме минатото, културата и јазикот. Затоа, кога некој ќе ни рече същи сме, треба да му одговориме същи сме, ама не сме исти, а никако не сме идентични: ниту по јазик, ниту по историја, ниту по култура, ниту, пак, корените ни се исти! Вистина е дека кога говориме на македонски јазик, а тие на бугарски не ни треба преведувач. Па, и за Србите важи тоа. Важи и за Црногорците, па и за Хрватите… Бугарите ги разбираме, слично како што ги разбираме и другите различни од нас балкански народи. Но тоа не значи дека официјалните делегации денес во Софија не треба да имаат преведувач. Напротив. Гестот на меѓусебното разбирање е гест на сообразување на заедничките капитални проекти: инфраструктура, енергија, проток на капитал и други ресурси! Според формите и протоколите, делегациите на двете држави можат да говорат на кој било јазик за да сфатат меѓусебно за што зборуваат… и, се разбира, за да дојдат до заедничка платформа, па и рамка за соработка! Но не и темата за јазикот да биде политички спин дека „тоа е едно исто“, па уште во предворјето на посетата на нашиот премиер во Софија, оттаму да се упатуваат отровни стрели дека „нема потреба од формалности и преведувачи“.
Повторно и повторно, Софија најбезобѕирно „водата си ја тера само на својата воденица“!? До кога со вакви ниски удари? Страстите на Софија навистина го допреа дното!
Почитувани од државната делегација на Македонија, тезата на Софија во поедноставена форма, сега ви е позната. Не паѓајте на тие нивни ниски шовинистички страсти: непостоењето на официјален преведувач во Софија, само ќе го потврди бугарското подмолно тврдење за постоење на знакот равенство меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Пис!