„Убавината како хармонија и единство на противречностите“ во Прилеп

„Убавината како хармонија и единство на противречностите“ е насловена изложбата отворена во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Претставени се дела од девет сликари: Александар Џинго, Атанас Атанасоски, Бојана А. Трпческа, Ванчо Кеков, Верче Николоска, Марија Светиева Ергас, Марјан Стојаноски, Филип Јовески и Христина Мазнеска, а кураторка на изложбата е Викторија Димеска, историчарка на уметност.
Според Димеска, неопходноста од разгледување и редефинирање на различните сфаќања за суштината и улогата на естетската категорија убавина во современата епоха преку уметноста, како најсоодветна алатка за нејзино проучување, претставува основен мотив за реализацијата на проектот „Убавината како хармонија и единство на противречностите“.

– Во ликовната уметност се разликуваат три вида хармонија на елементите: хармонија по аналогија, хармонија по функција и хармонија по идеја. Суштината на општочовечките вредности, како и нивното настанување, прифаќање и опстанок, претставува предмет на проучување на естетиката. Споменатите вредности и идеали најчесто се условени од разните историски текови што доминираат во одредена култура. Во суштина, естетските идеали се „јавуваат и настануваат како хиперболизација на најдоброто“. Имено, коренот на естетскиот концепт според кој убавината се дефинира како хармонија и единство на противречностите проникнува од учењето на античкиот филозоф Хераклит. Честопати, во раните филозофски сфаќања, убавината се поврзувала со други вредности, како што се: умереност, воздржаност, хармонија и симетрија – вели Димеска.
Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Ка.М.