Новиот состав на БРИКС: Вовед во нов глобален поредок

Сведоци сме на промени на глобално ниво, раст на нови економски џинови и нивна соработка во која ги вклучуваат малите земји. Нешто што воопшто не им се допаѓа на западните земји и на САД, кои се научени да доминираат во последните шеесет години. Акронимот БРИКС ги претставува земјите Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, кои во 2009 година основаа економски блок (форум) за меѓусебна економска соработка. На почетокот недостигаше уште Јужна Африка за акронимот да биде цел, а таа се приклучи во 2010 година.
Целта на овој блок или форум е земјите надвор од западниот свет да можат да формираат економски алијанси и да ја зголемуваат меѓусебната соработка на различни нивоа и полиња. Средбите на членките се одржуваат на годишно ниво и, освен трговска соработка, овој економски блок има основано свои финансиски институции, како Нова банка за развој, чија примарна функција е водење инфраструктурни проекти. Дополнително, БРИКС има воспоставено таканаречен аранжман за контингентна резерва или систем на заштита на членките од притисок врз ликвидноста и заштита на нивните национални валути од глобален притисок. Овој механизам западниот свет го гледа како еден вид конкуренција на Меѓународниот монетарен фонд. Од друга страна, овој економски блок развива внатрешен систем за наплата на побарувањата, кој може да го замени меѓународниот систем СВИФТ, и нова глобална валута, која е директна закана за одамна воспоставениот американски долар.
Во моментов земјите-членки на овој економски блок сочинуваат 31,5 отсто од светскиот БДП и ако на ова се додадат 26 отсто од глобалното производство на нафта, 50 отсто на железна руда, 40 отсто на пченка и 46 отсто на пченица, овој економски блок станува висококонкурентен на светскиот пазар во споредба со западните земји. Дополнително на ова, земјите-членки на БРИКС имаат намера да воспостават своја кабелска интернет-конекција за директна комуникација, таканаречен БРИКС-кабел. На самитот во Бразил, во 2014 година, членките потпишале договори за соработка во воената одбрана, образованието и нафтените деривати.
Во споредба со земјите од групата Г7 (Канада, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, ЕУ, САД), каде што оваа група покрива 987 милиони жители, БРИКС покрива 3 милијарди жители на планетата, а разликата во економската размена е сѐ уште на страната на Г7 со 33,93 трилиони долари глобален БДП наспроти 23,5 трилиони долари на БРИКС. Но светските аналитичари тврдат дека оваа разлика за БРИКС е достижна во следната деценија.
Во списокот од 75 заклучоци што беа донесени на последниот БРИКС-самит, одржан оваа година во Пекинг, во делот за глобален економски развој, учесниците нагласуваат дека сѐ повеќе е потребна економска заштита на земјите-членки од економски потреси, со посебен акцент на промените што ги донесе пандемијата на ковид-19. Тука отворено може да се прочита потребата за нова глобална валута преку која ќе тргуваат земјите-членки на БРИКС, а ќе се базира на националните резерви и придонесот кон глобалниот БДП на постојните членки. Во креирањето на оваа валута би учествувале кинескиот јуан, руската рубља, бразилскиот реал, јужноафриканскиот ранд и индиската рупија. Ова најмногу би ѝ одговарало на Русија, која е соочена со санкции поради војната во Украина, но, од друга страна, ја покажува потребата на другите земји во светот, не само членки на БРИКС, да почнат да се ослободуваат од стегите на ММФ и хегемонијата на САД, кои ја практикуваат својата сила преку оваа меѓународна институција.

Сепак, за идната валута на БРИКС, а можеби и новата замена за доларот да биде стабилна, потребни се следниве параметри: безбедност, ликвидност и поврат. А за овие параметри да бидат стабилни, потребен е висок кредитен рејтинг, нешто што некои членки на БРИКС во моментов го немаат. Иако западните медиуми и аналитичари со прст посочуваат кон Русија и претседателот Владимир Путин дека тие најмногу би имале корист од нова глобална валута, самиот факт дека се дискутира и планира воведување нова валута, сам по себе, е знак дека се потребни промени во постојниот глобален систем на соработка.
Последната вест дека Аргентина и Иран побарале членство во БРИКС беше изненадување за оние што се ориентирани исклучиво кон такaнаречениот западен свет или земји од првиот свет. Апликации за членство исто така беа поднесени од страна на Саудиска Арабија, Венецуела, Турција и Египет. На маргините на последниот самит во Пекинг се дискутирало за креирање таканаречен БРИКС плус и во тие преговори учествувале Индонезија, Казахстан, Нигерија, Обединетите Арапски Емирати, Сенегал и Тајланд, заедно со веќе новите членки Аргентина, Саудиска Арабија и Египет.
Од друга страна, Новата банка за развој на БРИКС во свое членство ги прими Бангладеш, Обединетите Арапски Емирати и Уругвај. Аргентина со својот огромен извоз на месо на светскиот пазар, Саудиска Арабија и ОАЕ со производството на нафта, Казахстан со нафтените резерви и минералните суровини, Индонезија како најмногубројна муслиманска земја и огромен извозник на дрво, гума и минерални суровини, сите овие се сериозни економски „играчи“, кои ќе станат уште помоќни со членството во БРИКС.
Ова зголемено членство во БРИКС веќе им станува сериозна конкуренција на земјите од групацијата Г20. Дополнителна информација што дава ново светло е изјавата на директорот на Меѓународниот институт од универзитетот „Ренмин“ од Кина, Ванг Јивеи, дека апликациите од земјите-членки на Г20 први ќе бидат разгледани. Ова „замешателство“ од страна на БРИКС во тековите на светската економија покажува дека пред сѐ и над сѐ доаѓаат економската соработка и развој и дека веќе завршува ерата на моноблоковската поделеност на светот.

Важноста на оваа организација за неразвиените и земјите во развој се покажа во моментот кога западните земји ги заборавија сите други земји во трката за вакцини кога почна пандемијата, поточно кога западните земји, на чело со САД, прво ги купија сите произведени вакцини и оние што допрва ќе се произведат и воведоа систем на дискриминација на влез во државите по основа на потеклото на примената вакцина. Оваа ситуација со пандемијата добро ја искористи Кина, која своите вакцини ги донира прво во соседството, а потоа во земјите-членки на БРИКС и сите земји што имаат билатерални договори со Кина во рамките на иницијативата Појас и пат. БРИКС-членките уште во 2011 година во својата агенда ги имале проблемите на глобалното здравство, епидемиите со маларија, ХИВ и болестите што не се пренесуваат од човек на човек, но претставуваат голем проблем на светско ниво.
Земјите-членки на БРИКС преку меѓусебна поддршка воведуваат универзално здравствено осигурување, а со финансиска поддршка од Новата банка за развој инвестираат во технологии за поддршка на здравството. Нивната цел исто така е корист од овие технологии да имаат и сиромашните земји.
Професорот Ендрју Хармер од Универзитетот во Единбург објаснува дека самиот пристап на БРИКС-земјите кон глобалното здравство цели кон мултилатералност и универзален пристап за сите, нешто што оди спротивно на доминантниот западен наратив и наметнат принцип на работа. Индија ја има лиценцата за производство на лекот „иматиниб“ за повеќе типа канцер, Кина инвестира 1,3 милијарда долари во истражување нови лекови, контрола и превенција од заразни болести. Индија и Бразил се најголемите производители на генерички лекови, а 60-80 отсто од сите набавени вакцини од страна на Обединетите нации биле произведени во Индија. Овие бројки јасно ни покажуваат каде се позиционирани земјите од БРИКС во глобалното здравство.
Нешто што многу личи како принцип на соработка на Движењето на неврзаните, а како пристап го користат и земјите на БРИКС, е концептот на инвестиции и еднакво партнерство. Во вокабуларот на овие земји не постои односот на донатор и оној што прима помош, туку партнерство, соработка за развој. Овој пристап го користеа земјите-членки на Движењето на неврзаните што соработуваа меѓу себе и сѐ уште соработуваат, но меѓу нив ги нема големите земји од западниот свет. Овој пристап сѐ повеќе ги привлекува неразвиените и земјите во развој, бидејќи кога некој ви помага и дава помош, а не патронизира како западните земји, интересот и желбата за соработка стануваат поголеми.

Користа што може да ја имаат земјите од регионов најпрво спаѓа во рамките на билатералната соработка со Кина и што таа може да донесе врз основа на договорената соработка (разни видови инвестиции, трговска, технолошка и интелектуална размена). Потоа бенефицијата се префрла преку членството на Турција во БРИКС, бидејќи Турција има големо економско присуство и влијание на Балканот.
Сведоци сме на промени на глобално ниво, раст на нови економски џинови и нивна соработка во која ги вклучуваат малите земји. Нешто што воопшто не им се допаѓа на западните земји и САД, кои се научени да доминираат во последните шеесет години. Униполарноста умира, се раѓа мултиполарноста во светот, каде шо соработката, еднаквоста и хуманоста се пред профитот и интересот на поединецот.

Соња Стојадиновиќ

(respublica.edu.mk)