Кои се клучните пораки од повторените локални избори во три општини, Тетово, Маврово–Ростуше и Центар Жупа, одржани изминатата недела, на 20 август? Ова е прво микросоочување на политичките партии по ланските локални избори, па јасно е дека сите набљудувачи внимателно ги следат резултатите и се обидуваат да извлечат заклучоци за актуелното расположение на избирачите. Се разбира, станува збор за многу мал извадок од вкупниот број избирачи, не беше тестиран ниту еден дел од Скопје, главниот град и клучен показател за изборното расположение, а и сите три микроизбори се премногу локализирани и специфични, но сепак имаме некои трендови.
За почеток мора да му се оддаде голема почит на докторот Мевмед Џафери, кандидат на ВМРО–ДПМНЕ за градоначалник на Маврово–Ростуше и морален победник на овие избори. Велам морален победник затоа што и овој пат, како во целата досегашна македонска плуралистичка историја, дојдоа до израз забеганоста и алчноста на секоја македонска власт токму при избори надвор од редовниот изборен календар и токму во една мала изборна средина.
Нема потреба воопшто да се залажуваме дека докторот Џафери победил и на овие избори, а зголемувањето на бројот на гласовите, во однос на есенските избори, јасно укажува што мислат жителите на реканскиот крај за угледниот професионалец. Меѓутоа, во изминативе неколку седмици во Маврово–Ростуше се случуваше вистинска „окупација“ на општината од целата национална власт, со сиот нејзин апарат и со злоупотреба на сета институционална моќ што им стои на располагање, од уцени, притисоци и закани, со инструментализација на полицијата, внатрешното разузнавање и сите лостови на власта, па до најкласично рекетирање, корумпирање и плаќање на гласачите, особено на ранливите групи, во копродукција на СДСМ и на ДУИ. Нормално, сето тоа зачинето со џипови и други бесни возила, управувани од „жестоки момци од врелиот асфалт“ со дебели вратови, златни ланци и намуртени сурати, а и друг тип демонстрација на политичка и мафијашка моќ. Оваа налудничава игра на власта се повторува цели 30 години, од веќе подзаборавените избори за скопската „сто–и–тројка“ во 1993 година, па вклучително со 20 август и изборите во Маврово–Ростуше.
Не ја разбирам потребата на владејачките партии да се однесуваат „како слон во порцеланска продавница“ при вакви микроизбори, незначајни или со маргинално значење за националната политика. Но јасно ми е зошто по секое вакво подигрување со волјата на македонскиот граѓанин се случува политички потоп на следниот изборен циклус, токму како казна за политичкото силеџиство. Овој пат слушнавме и други детали околу типичниот фолклор, поврзан со СДСМ, од типот кој висок партиски функционер практично се преселил во Жировница, па што и како работел, но тоа се тотално безначајни дворски митови и легенди. Докторот Мевмед Џафери останува значаен политички играч во ВМРО–ДПМНЕ, член на Извршниот комитет на таа партија и човек со изгледна политичка иднина, доколку си ги зачува неговата скромност, личен интегритет и сега веќе аурата на морален победник.
Исто така и изборите во Центар–Жупа не заслужуваат посебен коментар, освен дека Демократската партија на Турците во Македонија останува клучен стожер на политичкото организирање на македонските Турци, како и дека продолжува нивното долготрајно владеење со општината. Центар–Жупа е интересна од многу аспекти, а особено како еден прекрасен дел од македонскиот и од балканскиот етнички мозаик, како и сè уште жива оставина на некогашното Отоманско Царство на овие простори. Но, ДПТМ наоѓа формула да остане неприкосновен политички лидер во турската заедница и овој факт бара посебна и продлабочена анализа.
Меѓутоа, круна на овој микроизборен циклус е, сепак, Тетово и вонредните избори за Советот на Општина Тетово. Прво, Тетово изненади со излезноста. Излезност од 35,31 отсто на избори за совет на општината, одржувани среде август, е и повеќе од импресивна бројка. Сега е политички опортуно да се „анализира“ дека ова е ниска излезност, дека „сите се иселиле“, дека „е според легитимитетот при ваква излезност“ и слично, но голата и ладнокрвна анализа на бројките е малку поинаква. Во Македонија локалните избори привлекуваат убедливо пониска излезност од сите други видови избори во земјата, слично како и насекаде на Земјината топка. Притоа, директните избори за градоначалници се многу повозбудливи, затоа што за избирачите е совршено јасно што добиваат во ликот на „градската мајка“ или на „градскиот татко“. Изборите за совет се најмалку интересни за граѓанинот, а особено, пак, некакви вонредни избори за совет на општина. Така што, излезноста од 35,31 отсто не е нималку ниска во вакви услови.
Најзначајна порака на овие избори е убедливата победа на Беса против ДУИ. Очигледно дека јасно изострениот избор за демократија или за збеснатата и корумпирана „држава во држава“ на ДУИ, им испорача победа на Беса, но и казна за Алијансата на Албанците, кои што не го прочитаа сентиментот кај Албанците во Македонија. За првпат, на Али Ахмети не му успеа ни традиционалното „мавтање на крвавата кошула на ОНА“, затоа што веќе израснаа политички генерации во Македонија што немаат непосредно сеќавање на воената 2001 година, па „Али и четириесетте команданти на ОНА“ за нив одамна не се херои ослободители, туку геронтократи што се на врвот на една корумпирана пирамида, навлезена во сите институции на земјата и брана за влез и за напредок на секој млад Албанец во Македонија, кој одбива да биде дел од ДУИ или од кои било други коруптивни, непотистички и други лоши мрежи. Во пазувите на државата и со злоупотреба на политичката моќ, од 2001 година, па до денес, ДУИ израсна во ламја, благодарение на бесконечната толеранција од досегашните коалициски партнери, но и на безрезервната поддршка од меѓународната заедница (читај САД, ЕУ и ОК), спротивно на сите нивни прокламирани начела на инклузивност, демократија и меритократија.
Беса го препозна овој сентимент на замор и заситеност од ДУИ и нивната „држава во држава“ во Македонија, па извојува блескава победа. Да не се залажуваме дека им беше лесно. Среде изборниот циклус имавме промоција и на ново „потемкиново село“ во форма на „инвестицијата“ во фабрика за склопување електрични автомобили во Тетово, од непознат и дубиозен играч од Германија, поддржан од еден од олигарсите на ДУИ. Јас, еве, јавно се обложувам дека станува збор за предизборен маркетинг на ДУИ, но и на постизборно коруптивно прелевање пари за прехрана на „партискиот ѕвер“, со години товен од оваа партија, кој незаситно живее и паразитира на македонскиот буџет и на општинските буџети. Затоа победата на Беса има толку огромно значење за демократизацијата на земјата. Албанците во Македонија добиваат избор, а можеби конечно ќе се стави точка и на „лазечката федерализација“ промовирана од ДУИ сите овие години, па клатното конечно повторно ќе се придвижи кон интеграција, инклузивност и граѓански концепт за општеството и државата.
Изборниот резултат за Левица, исто така, е импресивен и покрај тоа што тие не освоија советник во Тетово. Тие продолжуваат да се етаблираат како значаен чинител на политичката сцена, но веројатно дојдоа до крајот на патот на нивната досегашна политичка стратегија. Партијата на „децата на поразените од транзицијата“ и протестната партија на новите генерации време е конечно да покаже и политичка зрелост и подготвеност да ја презема одговорноста за управување со локалната и со националната власт. Редно време е да видиме сериозни професионалци во строги вратоврски или на елегантни високи штикли, кои ќе нудат конкретни решенија и конкретни политики. Тие нè предизвикаа и го добија нашето внимание, но сега очекуваме зрелост и одговорност. Таа е пораката што тетовци ѝ ја упатија на Левица, во име на сите граѓани на Македонија.
На крајот, Тетово, како еден од деветте поголеми урбани центри во Македонија, јасно ја отслика и разликата помеѓу ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ. Серијата национални порази, од Преспанскиот договор, па заклучно со 19 јули и усвојувањето на предлогот Ковачевски – Петков, попознат и како „француски предлог“, се заканува да ја збрише СДСМ од политичката сцена. Кон ова се надоврзува и ова коруптивно владеење, невидено во досегашната македонска политичка историја, но и отсуството на каков било елементарен политички авторитет или, макар, некаква политичка препознатливост на Димитар Ковачевски и на целиот негов тим. Ваков резултат на СДСМ во Тетово, каде што тие долги години важеа за клучна партија помеѓу тамошните Македонци, е невидено урушување за партијата, а се чини и дека заборавивме дека тие едно време се занесуваа дека се партијата на „едно општество за сите“ и дека Заев очекуваше да го победи ДУИ во Тетово. За волја на вистината, тој очекуваше и Нобелова награда за мир…
ВМРО–ДПМНЕ, пак, ги освои своите традиционални избирачи и за нив останува предизвикот да излезат од нивното гласачко тело и повторно да ги освојат центристичките гласови во Македонија, кои им ги испорачаа сите изборни победи од 2005 до 2016 година, вклучувајќи ги и импресивните гласови во вториот круг на локалните избори низ Македонија.
Така што, Тетово ни исцрта како Македонија влегува во политичката есен. Лекција, но и добра воспитна шлаканица добија сите политички партии во Македонија, па овој развој на настаните ветува возбудлива политичка разврска.
Автор: Ивица Боцевски