Неколку медиуми пренесоа информација за одредена невладина фондација што претендира дека е независна и непрофитна, која „ќе му понуди на секое дете од Македонија и од Србија месечна стипендија од 30 евра доколку студира литературен бугарски јазик“. Исто така, во медиумите се појави и информацијата дека споменатата фондација веќе формирала училиште на литературен бугарски јазик, со име бугарско онлајн училиште „Св. Наум Преславски“, со 95 ученици од Македонија на првиот час
Медиумите некритични и без почитување на принципите и стандардите при објавувањето на информациите
Пишувањата на македонски медиуми, врз основа на непроверени информации објавени на социјалната мрежа Фејсбук, за повикот од страна на една невладина организација дека „ќе му понуди на секое дете од Македонија и од Србија месечна стипендија од 30 евра доколку студира литературен бугарски јазик“, предизвикаа низа реакции во македонската јавност. Фејсбук-прогласот на невладината организација следуваше неколку дена откако бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека „се издвоени 800 илјади лева од буџетот со кои ќе се поддржат проекти на бугарски организации во Албанија, Србија, Косово, Украина, Молдавија, како и граѓани на Македонија со бугарска самосвест“. Имено, Костадин Коџабашев, бугарски заменик-министер за надворешни работи, информира дека програмата ќе трае до 2024 година и ќе финансира проекти од различни области во чија основа е зачувување на бугарската култура и самосвест, нивно популаризирање во странство, како и грижа за локалното културно и историско наследство, поддршка на бугарскиот јазик во странство и емитување медиумски материјали на бугарски јазик.
Офанзивата на Софија за бугаризација продолжува
Лингвистите, аналитичарите и нашите соговорници Македонци од соседството, одвојувањето на 800 илјади лева од бугарскиот буџет го оценуваат како класична пропаганда, која има за цел бугаризација на Македонците во матичната држава, но и во околните држави, како што се Албанија, Србија и Косово. Во оваа насока е и искажувањето на Стојко Стојков од „ОМО Илинден- Пирин“.
Ова е добропозната практика, уште од егзархијата– на ти пари да се чиниш Бугарин, купување етничка припадност со пари. Исто така е и признавање дека никој во Македонија не сака да учи бугарски јазик, па треба финансиски стимул – подмитување. На иста линија е со индустријата со бугарски државјанства. Бугарија прави и жртвува за да ги придобие туѓите, а Македонија пет пари не дава за своите – вели Стојков.
За односот на Македонија кон македонското малцинство во соседните држави сличен став има и Душан Јаневски, претставник на Светскиот македонски конгрес во Србија.
Ние од Србија чувствуваме што се случува и бараме помош, а помош нема од никаде. Во шах-мат позиција сме. Запрашајте се што се случува во Србија со здруженијата и партиите и ќе ги најдете одговорите и за големите македонски национални прашања! Не е можно на Балканов да немаш малцинство во соседните земји. Да имаш малцинство е гарант да имаш етнос во татковината. Попис ќе има од октомври во Србија и кој што сторил за мобилизација. Ние ги посочивме сите проблеми, но одговорот што го добивме гласеше – одморете малку – вели Душан Јаневски.
Јавноста и медиумите со своето пишување да не ја легитимираат бугаризацијата
Експертите се согласуваат за постоењето на бугарската тенденција преку финансиски средства да се создаде вештачко бугарско малцинство во околните држави на Бугарија, но предупредуваат дека треба да се биде внимателен околу информирањето за активностите на одредени поединци и организации што претендираат дека се непрофитни, медиумите да не влегуваат во стапицата на пропаганда на бугарските политики на агитација и маркетинг. Според информациите до кои дојдовме, одредени активности што беа детектираа во изминатиов период, како наводното чистење на споменикот на Гоце Делчев и поставувањето фотографии со бугарско знаме или наводното отворање на онлајн училиште со 95 ученици од Македонија, се самопромовирање и рекламирање за да се зграби што поголем дел од финансиските средства што се одвоени од буџетот на Бугарија за организациите надвор од нејзината територија. Преку овие активности, одредени личности и организации се обидуваат да си дадат на значење и тоа да го исползуваат на финансиски план во Софија, без разлика на претензиите дека нивните дејности се непрофитни.
Ѓурѓај од македонското друштво „Илинден“-Тирана вели дека медиумите мора да внимаваат при објавувањето на информациите што се поврзани со активностите на одредени личности и т.н. непрофитни, невладини организации. Според Ѓурѓај, тие преку овие активности собираат финансиски средства во Софија, а македонските медиуми им даваат простор за бесплатно рекламирање на одредени невладини здруженија или личности. На овој начин, на одредени личности и организации им се дава преголемо значење, кое тие реално го немаат. Д. Ст.