Граѓаните и експертите остануваат оддалеку да ја следат разврската на оваа епизода на „лични оставки“ на носителите на јавни функции. Но тоа што изостанува во овој момент е одговорот за тоа дали некој ќе преземе одговорност за незадоволителните резултати во текот на своето работење. Граѓаните имаат право да знаат што вистински се случувало зад затворените врати на институциите, односно дали работењето било во согласност со пропишаните закони и процедури, дали тие биле во функција на граѓаните и дали имало криминални активности или злоупотреба на службената положба и овластувања. Легитимно, државата презема мерки кон носителите на јавните функции, пропишувајќи што може, а што не е дозволено да се прави, односно што е надвор од делокругот на нивното работење, но исто така e пропишано и тоа дека на крајот не може носителот (или службеникот) со јавни овластувања само да биде разрешен, без да се побара некаква одговорност!

На што се должи појавата на масовна смена на носителите на јавни функции

Јавната препирка меѓу првиот човек на финансиска полиција и обвинителката задолжена за гонење организиран криминал беше иницијалната искра за отворање на „сезоната на лични оставки“. По објавувањата на несогласувањата на главните функционери задолжени за гонење на високата корупција, кои беа сведени и на лична нетрпеливост и со поднесување тужби, станува сѐ појасно дека во овие случаи се испреплетени различните лични, економски, но и партиско-политички интереси. Засега, носителите на извршната власт се обидуваат да ја менаџираат состојбата оддалеку и со разрешување неколку функционери. Во изминативе денови беа разрешени директорот на финансиската полиција, државниот правобранител, на други институции, а Советот на јавни обвинители едногласно ја одби како неоснована жалбата од обвинителката Вилма Русковска за суспензијата што ѝ беше изречена минатата недела. Со ова се потврдува решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава, со кое главната обвинителка за борба против организираниот криминал беше оддалечена од нејзиното работно место. Патем, суштински елемент што се превидува во целата ситуација е дека со суспендирањето на носителот во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, де факто се суспендираат и процедурите за продолжување на постапката што е поведена поради постоење на основи на сомневање дека постои криминал во високите институции на системот што се занимаваат со истрага на финансиски криминал.

Легитимни смени и лични оставки – што досега, а што отсега?

Граѓаните и експертите остануваат да ја следат разврската на оваа епизода на „лични оставки“ на носителите на јавни функции. Но тоа што изостанува во овој момент е одговорот на тоа дали некој ќе преземе одговорност за лошото работење. Граѓаните имаат право да знаат што вистински се случувало зад затворените врати на институциите, односно дали тие биле во согласност со пропишаните закони и процедури, дали биле во функција на граѓаните и дали имало криминални активности или злоупотреба на службената положба и овластувања. Легитимно државата презема мерки кон носителите на јавните функции, пропишувајќи што може, а што не е дозволено да се прави, односно што е надвор од делокругот на нивното работење, но исто така и тоа дека на крајот не може само да бидат разрешени, без никаква одговорност!
Од Владата официјално не одговараат зошто разрешувањата на овие функционери се случуваат токму сега, кога се водат и постапки за неколку функционери, но и дали ова е само почеток на нов бран разрешувања. Како што се објави во јавноста, на владината седница воопшто не било ниту разговарано за причините за ваквите одлуки. Останува дилемата за тоа дали предметите за злоупотреба на службените позиции и сомнежите за корупција ги чинеа и функција првите луѓе на државното правобранителство, финансиската полиција и здравствениот и санитарен инспекторат.
Овие оставки се дел од политичкиот пазар и така и ќе остане.

Постапка за преиспитување на одговорноста за извршувањето на функциите, но да нема прекин во гонењето на организираниот криминал и корупцијата

Заради задоволување на интересот на јавноста, како што смета Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд, тие се поднесуваат од лични причини.
– Лично не верувам дека ќе има понатамошна постапка за преиспитување на одговорноста за извршувањето на функциите. Нема друга институција што би можела да ги расчисти сите сомневања за одредени предмети, освен тоа да го стори самото обвинителство, кое е и надлежно за гонење на кривичните дела и за организираниот криминал во земјата. Се сомневам дека ќе се продолжи во испитувањето на одговорноста на сменетите функционери. И самото обвинителство не се избори да ја добие позицијата на независен орган, а уште помалку тоа може да го стори антикорупциската комисија, со оглед на нејзините ограничени надлежности. Антикорупциската не успеа да се избори за проширување на своите надлежности и овластувања и продолжи да дејствува само како комисија – ни изјави Дане Илиев.
Дека одлуките за разрешувањата на посочените директори се партиско-политички се согласува и Нури Бајрами, член на Комисијата за спречување на корупцијата. Според него, Владата не може да носи одлука за разрешување, а притоа да не биде наведена причината за таквата одлука.
– Начинот на кој се избираат и именуваат државните функционери е во зависност од институцијата за која се избираат. Ние како комисија немаме надлежности да ги испитуваме причините за поднесување на личните оставки. Тоа е во надлежност на Владата или соодветната институција. Досега сме постапувале по пријави поднесени до нас и сме укажувале на одредени прекршувања во извршувањето на носителите на јавни функции. Но одговорите, од самите институции или од нивните управни одбори, биле дека споменатите функционери не направиле никаков прекршок во извршувањето на својата функција – ни изјави Бајрами.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, изјави дека донеле една од потешките одлуки во нивната работа, со оглед на тоа дека досега воопшто немале ваков случај за разгледување, меѓутоа за продолжувањето, текот, и динамиката на постапката не кажа ништо, што е суштински за да се види дека Јавното обвинителство постапува во континуитет бескомпромисно и без пречки од ваков карактер, има капацитет успешно да продолжи со гонењето на организираниот криминал и корупцијата.
– Го разгледувавме решението, ги ценевме сите материјали. Ова е тежок случај, ретко сме имале вакви случаи за обвинители. Моравме да ги разгледаме сите околности за случајот и сметаме дека во време додека се води кривичната постапка поведена од Управата за финансиска полиција против неа, за да се утврди фактичката состојба, јавната обвинителка Вилма Русковска би требало да биде оддалечена од работата, за да не влијае со своето присуство врз текот на постапката – вели Јолевски. М.Ј.