Минатите недели неколкумина читатели и мои блиски луѓе ми се пожалија дека ги фаќало депресија од вистините што ги искажувам во моите колумни во „Нова Македонија“. Не сум ширел оптимизам, духовна храна што ја дава власта гратис.
Затоа, по сугестија на моја блиска личност, се решив, барем овој пат, наместо депресивна политичка колумна, да напишам нешто повесело. Притоа ја имам предвид и препораката на симпатичната и искрена министерка за култура, која побара да се пишуваат теми со весела содржина и кои ги зближуваат луѓето, државите и народите. Иако темата е поврзана со личности од минатото, мислам дека е присутна во сегашноста, а гледа и кон иднината.
Бодејќи Бујар Османи, Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ и други долго време тврдат дека со Бугарија не се преговара за историјата и за историски прашања. Според нив, тоа го нема во рамките и протоколите. Затоа, за да не им биде здодевно, им предлагам меѓудржавен разговор и договор за настани и личности што се дел од заедничката историја меѓу сегашна Северна Македонија, поранешна Бугарија и Отоманска Турција. А тие личности се Итар Пејо, Насрадин-оџа и Бај Гањо. За нив сигурно може да се разговара со насмевка, а не со намуртени лица и кренат нос, како што ги прикажуваат телевизиите познатите преговарачи.
Од едната страна македонските лидери, од другата бугарските, на чело со нивниот претседател Румен Радев и со членови на бугарската влада, со некои што нема да паѓаат сезонски, како зрели круши. Меѓу нив Јотова, Каракачанов, Џамбаски, Борисов и Петков. Треба да се напомене дека двете страни, како и обично, ќе бидат придружени со голем број министри, пратеници, советници, записничарки, секретарки, шефови и шефици на кабинети. Во разговорите може да учествуваат и службените возачи, за да не се рече дека нема кој да го вози народот.
За да не се мачат, како увод во разговорите од кои ќе зависат добрите односи им нудам една приказна чиј епилог до денес не е објаснет докрај.
„Се нашле некако како се нашле Итар Пејо и Насрадин-оџа и се договориле да одат по мариовските села да лажат и да надлажуваат, та да видат кој од нив двајцата поубаво ќе лаже. Тргнал напред Насрадин со своите луѓе, a по него Пејо. Кога дошол Насрадин-оџа во едно село, се собрале селаните и почнале да го распрашуваат за едно, за друго, што видел, што чул по светот каде што поминал. И Насрадин почнал да им расправа:
– Кога бев во тоа и тоа село, дувна еден толку силен ветер, та ги крена сите магариња и ги однесе во облаците.
Се зачудија селаните, но гледајќи го Насрадин така стар, со бела брада и коса, некои и поверуваа. Преноќи Насрадин во селото, си појде изутрината и си замина за друго село.
Вечерта по мракот довтаса и Итар Пејо со својата дружина. Го опколија селаните и него како Насрадина и некој го праша дали навистина во фиљан село ги кренал ветрот магарињата во облаците. Пејо се сети дека таа лага е од Насрадин и одговори:
– Лебами, дали ветрот ги кренал магарињата, јас не видов. Да ве лажам – срамота е, наши луѓе сме. Ама кога поминав таму, видов дека паѓаа самари од небото“.
Дали тоа се случило, не е разјаснето, ниту историски, ниту политички. Насрадин-оџа, како најитар и како султански човек, таа дилема им ја оставил во наследство да ја решаваат Итар Пејо и Бај Гањо и нивните сонародници. Им оставил аманет да се расправаат до ден-денес чии магариња летаат повисоко, побрзо, подолго. И можеби им рекол дека без негово решавање нема правда, нема мир, нема ЕУ.
Бидејќи оваа приказна се случувала во времето кога македонскиот и бугарскиот народ имале заедничка историја (модерно е да не се вели дека робувале) под Турција, клучната дилема што треба да се расчисти е да се утврди навистина чии биле магарињата. Македонски или бугарски? Одговор треба да се бара во рамките на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка и врз основа на историски документи и потврдени докази.
Откако ќе бидат решени магарињата, откако за тоа ќе се состави записник и ќе се потпише протокол, на ред ќе дојдат самарите, како нов кластер и втор услов за продолжување на преговорите. Имено, ќе се води голема дискусија околу прашањето кој самар на чие магаре бил, колку долго, со која минутажа останале самарите на небото и чиј самар прв паднал на земјата. И дали магарињата биле натоварени со некакви товари или самарите биле со празни дисаги. Ако се утврди дека дисагите пред летањето биле полни, а при паѓањето празни, со право треба да се отвори прашањето кој го украл товарот.
Имајќи предвид дека дилемите се сложени, може да се побара помош преку формирање билатерална комисија што ќе ги утврдува фактите, а не состојбите. Да се формираат работни владини групи по области и дејности, кои наместо да чукаат празна слама, ќе се сликаат по телевизии и ќе викаат „напред ЕУ, долу магарињата против ЕУ“.
Тука може да бидат ангажирани сите институции и експерти што не се дел од владините институции, а тоа се експерти од академскиот сектор, деловниот сектор, невладиниот сектор и сите оние што можат да придонесат за побрзо завршување на овој процес. Особено е значајно да се повикаат странски експерти, специјалисти за меѓумагарешки односи. Како специјален експерт може да биде повикан и професорот Денко Малески, кој е меѓународен стручњак за горенаведените прашања.
Дури и од аспект на Итар Пејо и на Бај Гањо, националните јунаци на двата народа, таквиот пристап кон продолжување на преговорите би бил одраз на застапување на западноевропските вредности и доблести. Европа ќе биде среќна, пресреќна, ќе упати честитки за храброста и за покажано лидерство на лидерите. Потоа, наместо самари, од небото ќе паѓаат пари. Сите среќни, задоволни и насмеани. И волкот сит и магарињата на број.
На крајот, колку за потсетување на читателите. Итар Пејо е познат лик од македонските народни приказни, за кој се верува дека потекнувал од Мариово. Бил сиромашен селанец, со извонредна снаодливост и на духовит начин се справувал со незнаењето, мрзеливоста и ароганцијата на луѓето. Има стотина приказни со негови шеговити случки низ кои се гледаат духот и начинот за опстанок на македонскиот народ во тешки услови.
Бај Гањо е измислен лик од писателот Алексо Константинов кон крајот на 19 век. Гањо е трговец со познатото бугарско ливанто, кој изигрувал Европеец. Прикажан како суров, необразован, примитивен и лаком. Како таков стана симбол на негативниот стереотип на Бугаринот, односно на луѓето од Балканот. Затоа го нарекуваат и Гањо Балкански. Често се цитира една негова кавга во која го предупредува соговорникот со следниве зборови: „Ти ли најде да се надвикуваш со мене. Знај дека ќе те надвикам. Јас не се давам, Ако ти некому бациш рака, јас ќе му ги бакнам двете раце, ако ти му го бакнеш скутот, јас нозете, ако ти го бакнеш на некое место, јас ќе го бакнам на некое уште подруго“.
Насрадин-оџа бил анадолски шегобиец, историски потврдена личност од 13 век. Tој е првиот турски народен сатиричар, кој со својот непредвидлив и луциден хумор секогаш стои на страната на народот и неговото исконско трагање по правдината. Нему верен придружник му е магарето што го јава седнат наопаку. Со своите досетки, Насрадин-оџа укажувал на општествените состојби и се подбивал со нив. Неговото гесло било: „Нема ништо лошо да изгледаш како будала ако си паметен и знаеш што сакаш“.