Приграбувањето на власта со наметнување етнички критериуми, пред демократските принципи на конкурентност на политичките програми, стручноста и мерит-системот во работата, и во теоријата и во практиката секогаш ја делегитимира демократијата. Во време на демократија и плурализам не може никој однапред да крои и да кажува кој треба да биде во Владата. Тоа право го имаат само граѓаните преку својот глас
Пред големите предизвици – луѓето кажуваат какви сакаат да бидат, а во малите нешта – се искажуваат какви всушност се, спонтано покажувајќи го своето вистинско лице.
Вонредните локални избори што се одржаа минатиов викенд во општините Тетово (за советници во Советот на Општината), Маврово-Ростуше и Центар Жупа, во принципиелно поставен политички амбиент во едно општество, секако би добиле значење на „мал политички предизвик“ со оглед дека беа ем локални ем вонредни, поради причини за покажана нефункционалност на (не)избраните во редовниот изборен процес на локалните избори, кој се случи пред десетина месеци. Но како придружен ефект на резултатите од овие локални мини-избори, е распламтената амбиција на партиите (некаде основана, многу повеќе неоснована) за освојување на поголемиот дел од колачот на власта – оној на извршната власт. Додека владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се докажуваат околу тоа кој е вистински победник на локалните избори во Тетовско, обидувајќи се да манифестираат (и да остане запаметено) поголема поддршка пред наредните парламентарни избори, реалниот победник на локалните избори во Тетово, етнички албанската партија (всушност движење) Беса, им порача и на двете партии дека без оглед на нивниот рејтинг и освоените гласови, тие и во следната Влада ќе мора да коалицираат со албанска партија. Притоа, сосема отворено, Беса им порачува на двете партии дека кој и да освои повеќе пратенички места на идните парламентарни избори, за албански коалициски партнер во власта да смета исклучиво на нив.
Откривајќи ги зголемените амбиции и апетити за извршната власт, потпретседателот на Беса, Аријанит Хоџа, на своите опоненти од албанскиот блок на партии им порача дека првичната цел им е да ја соборат ДУИ од централната власт, а не им е важно кој ќе им биде коалициски партнер во македонскиот политички блок, бидејќи, според него, кој и да е, не ќе може да се формира влада без албанска политичка партија. Во контекст на аргументирање на желбата за освојување на делот од извршната власт, Хоџа го дефинираше функционирањето на македонската држава дека „без албански политички субјект не може да има влада. Не 61, нека имаат 80 ако сакаат, било да е СДСМ, било ВМРО. И ние по оваа политичка идеологија ја гледаме работата на движењето Беса, факторизирањето на Албанците и политичкото позиционирање на Албанците во Македонија“, порача тој. Но барем досега не слушнавме никој да му каже и предочи дека таа идеологија е целосно погрешна, антидемократска и антицивилизациска. Или можеби ваквите тези повеќе одговараат на среден век кога функционирале племенски сојузи. Во време на демократија и плулализам не може никој однапред да крои и да кажува кој треба да биде во Владата. Тоа право го имаат само граѓаните преку нивниот глас. Уште помалку некој смее да ги уценува или условува мнозинскиот електорат и мнозинските партии со кого да коалицираат. Затоа, во суштина, ваквите тези на Беса се небулозни и апсурдни и треба да се отфрлат со индигнација. Да не говориме дека се и надвор од секоја логика, па дури и спротивни на законите на математиката. Зашто испаѓа дека двајца, тројца или петмина пратеника колку што хипотетички би имала Беса треба се бројат и да тежат повеќе од 80 и кусур пратеници на мнозинските македонски партии.
Ваквите етнички, математички, противзаконски и антидемократски тези и барања мора да престанат еднаш засекогаш.
Иако ниту во Уставот ниту во законските акти на Македонија не може да се најде основа за ваквата дефиниција на поделба на власта, трагична реалност е дека практикувањето на овој принцип на владеење создаде „јавна свест“ за негов „консензуален легитимитет“, посилен од легислативата. Принципот „без албански политички субјект не може да има влада“, колку и да е „неформален“, главно се одржува со латентната и постојана (а често и отворена) закана од меѓуетнички конфликт, без оглед на сите вонинституционални лидерски и меѓупартиски договори, постигнати најчесто со посредство на меѓународната заедница. Дури и со еден договор (т.н. мајски), за кој една од договорните страни не признаваше дека се случил додека не беше прекршен од другата страна, се настојуваше да се воспостават (не)џентлменски правила на поделба на власта: победник со победник. Односно владината коалиција да биде составена од министри од победничката партија од македонскиот блок и победник од албанскиот блок партии. Таквиот принцип, еквивалентно понатаму да се пренесува и во поделбата на колачот во пониските ешалони на власта, администрацијата и јавните претпријатија. Обидот за создавање привид дека очигледната етничка поделба на власта во Македонија е во рамките на демократските принципи на владеењето, секогаш во практиката завршуваше со нивната опачина: корупција, па и организиран криминал, со постојано „танцување“ по тенката жица на меѓуетничките судири и закани за федерализација. Иако еднаш беше напуштен принципот „победник со победник“, практиката на „факторизирање на Албанците и нивно политичко позиционирање“ преку неизбежно учество во извршната власт, без оглед на освоените пратенички места на партиите од македонскиот блок, остана непроменета и се претвори во мотив за дејствување на партиите од албанскиот политички блок.
Освојувањето на власта со наметнување етнички критериуми, кои секогаш имаат предност пред демократските принципи на конкурентност на политичките програми, стручноста и мерит-системот во работата, и во теоријата и во практиката секогаш ја делегитимира демократијата. Етничкиот критериум уште на почетокот на создавање на некаков концепт за функционална демократија го дисквалификува базичниот демократски принцип на еднаквост и еднакви можности за сите во општеството. Желбата за освојување на власта преку етнички критериуми, најчесто ја игнорира демократијата до степен на „празна слама“ во наративите на политичарите и партиските програми. И покрај евидентната нефункционалност на овој етнички принцип на „демократско владеење“, непоткрепен со ниту едно искуство од развиените демократии во светот, сепак, според изјавите на претендентите за „албанскиот дел од власта“, не покажува знаци за надминување и ставање на националниот интерес на Македонија во колосекот на вистинските вредности.
Без разлика на актуелните состојби, Македонија на повеќе планови од својата државност е поставена пред големи предизвици. Еден од нив, секако, е воспоставување вистински демократски принципи во концептот на владеењето на државата и треба да се пронајде политички капацитет да го постигне тоа.