Нема мрдање од нашиот стабилен фиксен девизен курс и не треба да има сомнеж по ова прашање. Девизните резерви се амортизерот – заштитниот слој кој ја гарантира таа стабилност и истите имаат улога да ги елиминираат притисоците доколку се појават и затоа тие континуирано се кумулираат. Во последните неколку месеци (април – јули) сме сведоци на континуирано избледување на притисоците на девизниот пазар и продажбата на девизи и веќе во јули повторно се преминува во откуп на девизи – односно се забележува ново зголемување на девизните резерви, вели во изјава за МИА универзитетскиот професор и член на Советот на Народната банка, Борче Треновски.
Професорот посочува дека монетарната стабилност и предвидливост е пресудна за креирањето на одржливи економски политики, здрава деловна клима и бизнис околина.
– Девизниот курс за нашата економија, претставува „сидро” кое не дозволува „економскиот брод” да го однесат брановите предизвикани од регионалните и глобалните ветрови на нестабилност. Синџирот кој го држи сидрото и бродот закотвен се девизните резерви кои често се предмет на дискусии, елаборации и шпекулации. Оттука, нема дилема дека одмерените реакции на монетарната власт – Народната банка, неопходно треба да бидат во насока на чување и одржување на таа стабилност – посочува Треновски.
Според Треновски, серијата од последователни економски, енергетски и безбедносни кризи во нашата економија, како и регионот, пред се увозните притисоци, поради зголемените увозни цени на енергијата и храната, неизбежно било да направат притисоци на монетарната стабилност и девизните пазари. Затоа, велиТреновски, овие движења испровоцираа историски одговор, не само од нашата централна банка, туку од речиси сите централните банки во регионот (Србија, Хрватска, Чешка итн.) и глобално (САД, ЕУ, Јапонија итн.) со носење на серија мерки преку повеќе канали – каматни стапки, задолжителна резерва, репо-трансакции, макрупрудентни мерки итн.
Треновски го истакнува и влијанието на неоснованите шпекулации на девизниот пазар, како и тоа дека во изминатиот период се акумулирани доволно девизни резерви за да се гарантира стабилноста на домашната валута.
– Да не одиме подалеку, да се вратиме пет-шест години наназад. Само за четири години, во периодот 2018-2021 година, девизните резерви се зголемиле за дури 1,307 милијарди евра, за да во услови на глобална нестабилност (пред се – силен увоз на електрична енергија) последната година бележи извесно намалување на тој претходно кумулиран износ, за пак во моментот да останат на едно од историски повисоките нивоа (3,197 милијарди евра). Она што најмногу може да го дестабилизира девизниот пазар се неоснованите шпекулации со кои Централната банка континуирано се справуваше во периодот – нагласува Треновски во изјава за МИА.