Валентина Бахти на книжевна резиденција во Скопје

Во рамките на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, на книжевна резиденција во Скопје престојува Валентина Бахти, поетеса, преведувачка, актерка и фотографка од Србија.

Во текот на својот резиденцијален престој во Скопје, Валентина Бахти ќе работи на преводот на расказите на Иван Шопов на српски јазик. Исто така, таа ќе подготви изложба на колажни фотографии придружени со поезија, како и неколку кратки филмови на темата Скопје, чија премиера ќе се одржи на вториот Фестивал на поезијата во Скопје.

Валентина Бахти (Прокупље, 1995) е поетеса, преведувачка, актерка и фотографка. Нејзината прва двојазична книга поезија, „Помеѓу“, ја има објавено издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, а втората, „Да се скршат коските“, издавачката куќа „Дибидус“ од Белград. Таа е една од организаторите на Скопскиот поетски фестивал, а ги уредува и списанијата за книжевност и култура astronaut.ba и bludnistih.com. Авторка е на кратки поетски филмови што ги има изработено во соработка со Ѓоко Здравески и Владимир Лукаш.

Резиденцијалниот престој на Валентина Бахти во Скопје е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.