Фото: Игор Бансколиев

ПО ИЗГЛАСУВАЊЕТО НА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ, ВО СОФИЈА ПОТПИШАН И БИЛАТЕРАЛНИОТ ПРОТОКОЛ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

Само еден ден по изгласување на заклучоците во македонското собрание во однос на таканаречениот француски предлог, мноштвото нови сознанија викендов, проследени со делумна (сѐ уште нецелосна фактичка) расветленост на постојните недоумици што предизвикуваат контроверзии и ризици, ги продлабочуваат јазот и општествените антагонизми во насока на тотална политичка сегрегација на македонската јавност. Од Софија повторно стигнуваат јасни сигнали дека не го признаваат македонскиот јазик, наспроти тврдењата на македонските власти дека сме добиле чист и признаен македонски јазик секаде во ЕУ. Бугарија не пропушти преку своите највисоки државни функционери јасно да стави до знаење во јавноста дека останува цврсто и на сите свои негаторски позиции кон Македонија, при што сега, по потпишувањето на билатералниот протокол, тврди дека тоа е вградено и во преговарачката рамка.
Вчера беше потпишан и протоколот со Бугарија, со што сите овие стравувања се потврдуваат. И додека претставници од власта се подготвуваат за Брисел за првата меѓувладина конференција, која ќе се одржи во вторник, во јавноста и меѓу граѓаните во Македонија е видливо разочарувањето. Со своја реaкција се јавија и Македонците од Бугарија со едноставно прашање зошто македонските власти ги оставиле сами и се откажале од нив


Во саботата, македонското собрание ги усвои заклучоците за францускиот предлог

По три дена дебата во Собранието, во саботата се изгласаа заклучоците за европскиот предлог што го понуди француското претседателство со Советот на ЕУ, за отворање на пристапните преговори на нашата земја за членство во ЕУ.
Со 68 гласа ЗА, ниту еден против и ниту еден воздржан, Собранието ги изгласа заклучоците поднесени од СДСМ и од ДУИ по расправата за информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија.
Во заклучоците се бара безусловно почитување на јазичните, идентитетските, културните и историските особености на македонскиот народ. Се задолжува Владата, македонскиот јазик во преговарачката рамка да биде наведен без какви било додавки и фусноти и во текот на преговорите таа да не прифаќа да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка.
– Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи, кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство, да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија, се наведува во заклучоците. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, пред првата политичка меѓувладина конференција – се вели во предлог-заклучоците на Собранието.
Владата, според заклучоците, презема задолженија и кон Собранието, да го информира за конечната преговарачка рамка и другите документи.
Владата се задолжува да го информира Собранието за конечно усогласената и усвоена преговарачка рамка и другите документи што ги усвојува Советот на Европската Унија, како и редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучувајќи и за процесот на скрининг и за одвивањето на меѓувладините конференции за пристапување на земјава во Европската Унија.
Заклучоците ќе бидат вградени и на првата меѓувладина конференција.
На првата меѓувладина конференција со Европската Унија, Владата на Македонија е задолжена заклучоците да ги вгради во изјавата на отворањето на првата меѓувладина конференција.
Дебатата во Собранието, која траеше три дена, беше придружена со протести под мотото „Ултиматум – НЕ, благодарам!“, преку кои се бараше отфрлање на европскиот предлог за кревање на ветото од Бугарија и деблокада на интеграциите на државава во Европската Унија. Протестите беа организирани од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и од неколку помали вонпарламентарни партии и политички групи пред Владата, Министерството за надворешни работи и пред Собранието. Дебатата во Собранието се одвиваше во вжештена атмосфера, со говор на омраза од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица и попречување на излагањата на другите пратеници со свирење на вувузели, свирчиња и довикувања кон пратениците што го поддржаа европскиот предлог. К.П.


Вчера потпишан билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија

По изгласувањето на заклучоците за францускиот предлог во македонското собрание и одобрувањето на предлогот од страна на македонската влада, нашата држава по 17 години ќе ги почне претпристапните преговори со Европската Унија. Меѓувладината конференција, според најавите, ќе се одржи во вторник во Брисел, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека отворачката изјава ќе ја прочита на македонски јазик.

Вчера во Софија беше потпишан и билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија, а претходно состанок одржа меѓувладината комисија на која присуствуваше министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи и неговата колешка од Бугарија, Теодора Генчовска, вчера во Софија го потпишаа протоколот за меѓусебна соработка. Потписот на двајцата министри врз документот, кој наедно е записник од вчерашната, втора, седница на мешаната македонско-бугарска комисија, се смета за отворање пат кон почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Министерката Генчовска, во рамките на церемонијата на потпишувањето, рече дека Бугарија е најголем поддржувач на евроинтеграциите за земјава.
– Бугарија е држава што најсилно ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија. Се надеваме дека со нашата поддршка ќе стигнат таму каде што граѓаните на Северна Македонија сакаат најмногу да стигнат, а тоа е Европската Унија – рече Генчовска.

Министерот Османи, пак, истакна дека вчера имале конструктивни разговори во рамките на меѓувладината комисија.
– Сите коишто беа вклучени максимално се вложиле за да има проекти, меморандуми, документи со кои односите меѓу нашите две држави отвораат едно ново поглавје, во коешто во сите сектори ќе се поврзуваат луѓето, бизнисите, различните институции, со цел таа соработка да биде поблиска, поплодна, заснована на меѓусебна доверба, како блиски пријатели, како со сојузници во НАТО и се надевам во скоро и како сојузници во ЕУ – истакна Османи.


СПРОТИВСТАВЕНИ РЕАКЦИИ ДОМА И НАДВОР

СДСМ ја поздравува одлуката на пратениците во Собранието
СДСМ ја поздравува одлуката на огромно мнозинство пратеници во македонското собрание и им честита на сите граѓани велејќи дека историската одлука на македонското собрание значи продолжување на европскиот пат на државата и членство во ЕУ како Македонци со чист македонски јазик.
– Победници со оваа одлука се сите граѓани, затоа што е обезбедена нивната европска иднина којашто ја заслужуваат, за којашто се определени и за којашто се залага оваа држава уште од нејзината независност. Усвоените заклучоци значат безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара. Значи остварување на уште една стратегиска определба, стратегиски интерес на сите наши граѓани, без разлика на етничка или верска припадност. Без разлика на деструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ, победници се граѓаните, затоа што со неа им ја обезбедуваме европската иднина, иднината на младите, со заштитен идентитет – се вели во соопштението на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ реагира дека ова е огромен срам за државата
Предавникот Димитар Ковачевски и антимакедонската СДСМ многу скоро ќе одговараат за велепредавство. Она што го усвоија и се согласија е предавство на Македонија и македонскиот народ. Целосна бугаризација и асимилација на Македонија, ова претставува срам за целата држава, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека информацијата што ја изгласаа од СДСМ нема никакво значење, затоа што преговарачката рамката ја условува Владата, а тоа е промена на Уставот на државата со цел вметнување на Бугарите во Уставот. Промена на Уставот на Македонија, потенцираат, нема да има, а тоа нема да го дозволат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
– СДСМ наместо на страната на народот, кој со денови маршираше и протестираше против овој асимилаторски предлог, се стави на мрачната страна на историјата. Антимакедонците од СДСМ со овој штетен предлог, кој си го усвоија во Владата, се откажаа од македонската историја, македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот идентитет. Овие антимакедонци се предавници на македонскиот народ. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за измена на преговарачката рамка, каде што сите спорни делови со кои се асимилира државата и македонскиот народ да бидат избришани и изоставени. ВМРО-ДПМНЕ е за преговори со ЕУ на рамноправна основа и целосно почитување на европските вредности. За многу брзо за сите предавства и погубни политики за државата и македонскиот народ од страна на антимакедонската СДСМ ќе им дојде крајот и ќе дојде ден кога сите тие ќе одговараат за штетите што ги прават врз државата и граѓаните – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.


Генчовска: Бугарија не прави никакви отстапки во однос на јазикот
Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска изјави дека протоколот содржи исклучително амбициозни мерки, кои во пракса имаат цел да решат многу од отворените прашања, јави вчера „Макфакс“.
– Ова не е документ сам по себе, туку составен дел од пакетот на таканаречениот „француски предлог“. Оттука, ние ја продолжуваме работата на ниво на „експерти“ со тим од РСМ – рече Генчовска.

Таа додаде дека отсега зависи само од Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе се одолжува преговарачкиот процес.
– При одредувањето датум за првата меѓувладина конференција од страна на чешкото претседателство со ЕУ, Република Северна Македонија ќе има политичка меѓувладина конференција. Дури по овој процес ќе има втора меѓувладина конференција, по што всушност ќе започне преговарачкиот процес. Овој период зависи од властите во РСМ – може да трае три месеци, како што беше при промената на името на државата, може да трае две години – нагласи таа.

Според неа, следните чекори треба да доведат до вклучување на Бугарите во Уставот. На прашање на БНТ, Генчовска посочи дека Бугарија не отстапува од ставот за јазикот со оглед дека преговорите со ЕУ ќе бидат преведени на официјалниот јазик на РСМ.
– Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на народното собрание, според која, Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 члена, сепак, ова е поконкретно – тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став, но бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка – рече Генчовска.


Пендаровски бил исвиркан на Галичката свадба
На социјалните мрежи, според објава на порталот „Курир“, се појавил видеозапис од Галичката свадба каде што присуствувале членови на Владата и претседателот Стево Пендаровски.
На видеото, како што објасни порталот, можело да се види и слушне дека граѓаните ги исвиркале властите, а се слушало и „никогаш северна само Македонија“.
Информациите што ги пласираше „Курир“ доаѓаат откога Собранието завчера ги изгласа заклучоците за францускиот предлог, а Владата на вонредна седница го прифати предлогот, како и по вчерашното потпишување на протоколот со Бугарија од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи.


Поддршка од ЕУ и од САД
Одобрувањето на францускиот предлог во Собранието и во Владата го поздравија првите луѓе на ЕУ, САД, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц.
– Се радуваме на отворањето на пристапните преговори во вторник кога ќе се сретнеме во Брисел за првата меѓувладина конференција – напиша еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на Твитер.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, упатувајќи честитки за одлуката на Собранието, порача дека се овозможени условите за брзо отворање на пристапните преговори.
– Ова беше историска можност и вие ја искористивте – напиша Фон дер Лејен.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, порача дека гласањето во Собранието го поплочува патот за одржување меѓувладина конференција идната недела.
– Ова е суштински чекор на земјата и за ЕУ. Нашата иднина е заедничка и ве чекаме со отворени раце – напиша Мишел на Твитер.
Одлуката на Собранието ја поздрави и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој во писмена изјава наведе дека одлуката доаѓа во критичен момент за земјава, Западен Балкан и за Европа.
– Европската Унија, која го вклучува целиот Западен Балкан, вклучувајќи ги и Албанија и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Сега е време да се изгради динамика и да се работи на следните чекори – вели Блинкен.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја го понуди предлогот за одблокирање на пристапните преговори на Македонија, вети дека Франција ќе застане покрај земјава за време на првата меѓувладина конференција.
– Со суверено гласање за предлогот што го даде Франција пред крајот од нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија, македонското собрание повторно направи решителен избор за Европа. Франција ќе застане покрај Северна Македонија за време на првата меѓувладина конференција, која ќе отвори историска етапа во нејзиниот процес на пристапување кон Унијата – напиша Макрон на Твитер.
И германскиот канцелар Олаф Шолц испрати порака: „Ве сакаме како членки на Европската Унија и ќе бидеме покрај вас докрај“.


Македонците од Бугарија прашуваат дали мораше да бидат помножени со нула
Се чувствуваме традиционално предадени од македонската држава, кажал Стојко Стојков од ОМО „Илинден“ – Пирин, во изјавата дадена за „Плусинфо“, откога претставниците на Македонија и на Бугарија вчера го потпишаа протоколот, според кој, како што вели, македонското малцинство без никакви права ќе продолжи да опстојува на територијата на источниот сосед.
– Тоа значи дека по воведувањето на Бугарите во македонскиот устав, Македонците во Бугарија ќе останат непризнаени од државата. Се чувствуваме традиционално предадени од македонската држава – изјавил Стојков.
Тој вели дека се чиста глупост објаснувањата дека реципроцитет за Македонците во Бугарија не е можен, бидејќи бугарскиот устав не признава малцинства.
– Објаснувањата дадени зошто нашите права не се заштитени се чиста глупост. Што за идиотшина е тврдењето дека Турците се изјаснувале за бугарски државјани, што општо има етничката самоопределба со државјанството? – прашува Стојков.


Странски експерти го критикуваатфранцускиот предлог
Некои од поранешните претставници на меѓународната заедница во земјава, како и професори и претставници на невладиниот сектор од земји-членки на ЕУ и на САД деновиве дадоа свои видувања за преговарачката рамка.
Гералд Кнаус, германски експерт за евроинтеграции, како што пренесоа неколку овдешни медиуми, ја демантирал Урсула фон дер Лејен, шефицата на ЕК, со зборовите „Македонија нема да се движи напред кон членство“,.
– ЕУ самата не покажа посветеност кон сопствените вредности. Ова не е успех и тоа многу брзо ќе стане јасно – објаснил Кнаус.
Австрискиот професор и познавач на Балканот, Флоријан Бибер, го оквалификува предлогот како охрабрување за идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите што пристапуваат.
– Наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе ја разниша репутацијата на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување – пишува Бибер.