Укажувања на последиците од Договорот за ЕУ
Сите досегашни знаци укажуваат дека македонските власти, Владата, Собранието, претседателот на државата, ќе го прифатат таканаречениот француски предлог за отворање на патот на Македонија кон фатаморганското членство во Европската унија. Сепак, треба да се укаже на неколку очигледни факти кои горенаведените хиерархиски институции или не ги гледаат или се преправаат дека не ги гледаат. За нив важи поговорката дека и слепиот повеќе гледа од оној што нешто не сака да види. А и да ги гледаат, ги кријат, самите се срамат и се плашат од нив.
Според она што го пишува во Предлогот, според протоколите и декларацијата за јазиците и најпрост човек може да заклучи дека Предлогот може да се разбере само како поле за натпревар во нови кавги а не за помирување меѓу Македонците и Бугарите.
Точка 1. Меѓународната поддршка и лажните ветувања
Се изредија со изјави за поддршка низа влијателни европски политичари, претседатели на држави и влади, државни секратари, амбасадори и дипломати, како и редица анонимни евроадминистративци. Ги охрабруваат македонските власти да покажат лидерство и без поговор и приговор да го прифатат документот што е предложен од Франција, а зад кој стои името на претседателот Емануел Макрон. Името Емануел е од еврејската традиција и во превод значи „Бог е со нас“. Но во случајов тоа не мора да значи дека Емануел Макрон е богот за Македонија, нејзиниот спасител.
Не само Макрон, туку безмалку сите, давајки ја поддршката јасно изрекоа дека предлогот има многу мани и дека не е баш фер кон Македонија (Северна). Отворено кажуваат дека до денот на приемот ќе треба да поминат две – три децении и дека за тоа време Македонците треба да ги голтаат сите стари и новоизмислени жаби. Макрон, Шолц, Блинкен, Борел и други го кренаа гласот во одбрана на предлогот, но не во одбрана на Македонија. Тоа е јасно. Како што е познато дека поддршка од таков политички хиерархиски ранг Македонија добивала последниве десеттина години, без да има било каков ефект од неа. Долга е листата на неостварени ветувања. Таа операција успешно ја изведоа само кога беше потребата да се смени името, а потоа го заборавија и името, ја заборавија и Македонија.
Предлогот што го нудат сега е како скисната тегла ајвар која, штом се отвори, мора да ја изедеме до крај, до последниот залак, а на крајот, ако треба низ грло да ја протнеме и самата тегла. Цела, таква каква што е, насуво, без вода, без разлика колку боли.
Точка 2. Местото на Македонците во Македонија
Мерено во проценти 90 отсто од содржината на Предлогот не е поврзана со местото на државата Северна Република Македонија во ЕУ, туку со местото и статусот на македонскиот народ во неа. Задира само во правата на Македонците како мнозински народ во државата и во ниту една друга национална заедница. Во тој склоп се наведените потреби од преиспитување на минатото и сегашноста на Македонците, а поврзано со историјата, јазикот, писмото, традициите, песните народни. Безмалу сите параграфи, сите завиени јазични форми значат ограничување на правата и слободите на Македонците како колектив, и на секој граѓанин поединечно.
Македонците ќе треба доброволно да ги избришат сите учебници, да ги уништат сите книги, да ги стават во бункер сите филмови, тв-серии и драми во кои Бугарите се спомнуваат во за нив неповолна историска конотација. Да ги запалат мемоарите на сите учесници во НОБ и да се измочаат на гробовите на своите татковци и дедовци учесници во партизанската војна против фашизмот. Остварувањето на тој навестен задолжителен чин не е само срам, тоа е божји грев во сите религии во светот.
3. Бугарската историја ќе биде и македонска
Во Предлогот е јасно назначено дека Бугарите и Македонците имаат заедничка историја, согласно Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година. Спознавме дека бугарското читање на таа реченица, потврдена од бирократите на ЕУ, подразбира само „чиста“ бугарска историја. Нашите преговарачи или не знаат да читаат, (а не се неписмени за свои интереси), или намерата им е заедничката историја да биде гаранција за заедничката иднина.
Врз основа на предлогот, протоколот и декларацијата за јазиците наредните дваесет – триесет години Македонците ќе бидат изложени на жесток оган да го докажуваат својот идентитет и оригиналноста на јазикот, со големи шанси во тој оган да изгорат. Ќе треба да ги бришат најсветлите периди и најсветлите ликови од својата подалечна и поблиска историја. Имајки го сето ова во вид Македонците не ќе можат да ја учат сопствената историја, најмалку онаа што ја напишале и учеле досега. Ниту ќе учат од македонски книги. Бугарија ќе има контрола врз образованието, издаваштвото на книги, во филмските и телевизиски програми, врз телевизиите, весниците и порталите.
4. Бугарите во Уставот – клинец, а не трн, во здрава нога
Македонската влада се обврзува во рок од две години да го смени Уставот и во него да бидат внесени Бугарите како конститутивен народ. Тоа е најблагата формулација зад која се кријат редица непознаници. Тој најавен правно политички лавиринт навестува влучување на бугарскиот јазик како рамноправен во македонската администрација и во сите нејзини институции. Подразбира дозволено слободно користење на бугарските симболи. Насекаде слободно ќе се веат бугарски знамиња и ќе се удира штембил со бугарскиот грб. Прифаќањето на предлогот подразбира отворање училишта од најниско до највисоко образование, од градинки до Универзитет, отворање клубови со имиња на личности како што е клубот Ванчо Михајлов во Битола. Формирање партии, учество на избори, Македонците тоа свежо искуство го имаат искушено со ДУИ, кои од терористи стигнаа до главни управувачи со државата.
Врз тезата дека до 1945 година не постоел македонски јазик и не постоеле Македонци полека но сигурно ќе се гради платформата дека на оваа денешна територија автохтони народи биле само Бугарите и Албанците. Македонците како нација формирана од Тито се измислени и, врз основа на таа база ќе бидат оспорувани и нивните територијални права врз поразената Република Северна Македонија. Кратко кажано: внесувањето на Бугарите во Уставот на РСМ нема да бид трн туку рѓосан клинец во македонската нога.
5. Говорот на омраза – само наши обрски
Голем дела од францускиот предлог зафаќаат нормите за говорот на омраза. Во него се наброени обврски што се наложуваат само врз македонска страна, вагата видно натежнува на бугарска страна. Она што е необјасниво е прашањето – што е говор на омраза. Напишани се томови и томови студии, а нема чиста дефиниција што всушност значи таа формулација. При такви, нејасни услови, Предлогот наметнува бемалку неразумни ограничувања и повреди на слободата на говорот и мислењето.
Со самото тоа што тој дел се сместува во задачи и одговорности, поточно се дава контролата во рацете на Министерството за внатрешни работи, веднаш може да се заклучи дека тука ќе има големи проблеми. Тоа министерство, со или без законски овластувања, може да се претвори во антидемократски цензор на се што се зборува и пишува во Македонија. И да се вршат разни злоупотреби, наводниот говор за омраза да биде злоупотребен за одмазда, казнување и апсење на луѓето што мислат различно од власта во Македонија. А може да настрадаат и по сугестија и изразено, јавно или тајни, незадоволство од властите во Бугарија, иако тие такви ингеренции по ниедно меѓународно право никако не би можеле да имаат.
Онака како што е напишано во Предлогот, имплементацијата на тој дел ќе биде во директен судир со сегашниот устав на Република Северна Македонија во кој пишува дека цензурата е забранета. Дали утре – другиден ќе се укинува и тој член?