Фото: Игор Бансколиев

Меѓународните економисти велат дека има три работи што би можеле да доминираат во наредните месеци: енергетската криза во Европа, падот на вредноста на различни видови средства и низата банкротирања во земјите во развој и натамошниот колапс на берзите. Инфлацијата ќе остане важна тема, но во овој момент многу е тешко да се предвидат насоката и силата на трендот. Во продолжение поконкретно за предизвиците во Европа, но и во Македонија

АНАЛИЗА ТРИ ЕКОНОМСКИ СЦЕНАРИЈА ЗА НАРЕДНИТЕ МЕСЕЦИ

Водечките економии до крајот на годината ќе влезат во рецесија. Ова предупредување деновиве дојде од аналитичарите од меѓународни финансиски аналитичари. Тие сметаат дека инфлацијата и мерките на централните банки за нејзино сузбивање ќе придонесат кон забавување на економијата, а во рецесија, освен САД, ќе влезат и земјите од еврозоната, Обединетото Кралство, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Канада.
Какви движења во глобалната економија, но и во Македонија може да очекуваме до крајот на 2022 година?
Економисти велат дека има три работи што би можеле да доминираат во наредните месеци: енергетската криза во Европа, падот на вредноста на различни видови средства и низата банкротирања во земјите во развој и натамошниот колапс на берзите. Инфлацијата ќе остане важна тема, но во овој момент е многу тешко да се предвидат насоката и силата на трендот.
Членките на ЕУ, кои се познати по подобро планирање и подобра подготовка, веќе ја препознаа енергетската криза како актуелен национален проблем.
Меѓународните институции проценуваат дека земјите во развој се со висок ризик и многу е веројатно дека голем број земји ќе банкротираат поради зголемените трошоци за рефинансирање на долгот. Финансиската криза на пазарите во развој ќе има негативно влијание врз финансиските перформанси на западните земји. Во секој случај ќе се продлабочат стандардните обврски на голем број земји во развој, економската и социјалната состојба на нивните домаќинства и бизниси.
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, истакна дека прогнозите за светската економија значително се влошиле од април, додавајќи дека со оглед на зголемениот ризик, таа не може да ја исклучи глобалната рецесија во следната година.
Георгиева посочи дека во наредните недели ММФ по третпат годинава ќе ја намали прогнозата за економски раст за 2022 година, додавајќи дека економистите на ММФ сѐ уште ги финализираат новите бројки.

– Изгледите значително се влошија од нашата последна процена во април поради проширувањето на глобалната инфлација, остриот пораст на каматните стапки, забавувањето на кинескиот економски раст и ескалацијата на санкциите поврзани со руската војна во Украина. Се наоѓаме во многу турбулентни води. И опасноста е толку голема што не може да се исклучи глобална рецесија. Сметам дека оваа година ќе биде тешка, но следната ќе биде уште потешка – нагласи Георгиева.
Војната во Украина и последиците од неа во вид на енергетска криза и недостиг од основните продукти за човечка исхрана ќе бидат главните фактори за движењата во европските економии во периодот што следува, објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
– Расправите околу снабдувањето на Германија со руски гас и дискусиите околу тоа дали санкциите над Русија треба да продолжат и покрај штетите што ги трпат европските економии, само покажуваат дека и европските челници немаат јасен став и предвидувања за иднината. Зголемената инфлација само е одраз на овие состојби во економијата. Европската централна банка најави зголемување на каматната стапка во јули, што значи дека е решена да преземе мерки за намалување на инфлацијата. Сето ова не би изгледало толку страшно и непредвидливо кога би знаеле кога ќе престане војната во Украина. Но, за жал, таа може да потрае и да се зголемуваат негативните ефекти врз економиите – потенцира Димитров.
Од друга страна, пак, вели тој, најголемиот број земји и централни банки многу внимателно ги преземаат мерките за намалување на инфлацијата, затоа што не сакаат да го урнисаат и така преполовениот економски раст за 2022 година.
– Сметам дека тоа е паметна политика затоа што многу силните ограничувања што може да ги преземат централните банки ќе доведат до голем пад на економиите, затворање компании и напуштање работници. Оваа алтернатива никој не ја посакува и затоа оставаат инфлацијата да се одржува на некое подносливо ниво иако се свесни дека таа ги намалува куповната моќ на населението и вредноста на сите видови средства – укажува Димитров.


Смирување на инфлацијата – предизвик за Македонија

Македонската економија е мала, отворена и увозно зависна. Секое од глобалните нарушувања, како на пазарот на енергија и храна така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија.
– Македонија е силно зависна од случувањата во Европа. И тоа не само поради тоа што Европа е нашиот најголем трговски партнер туку ние де факто имаме фиксен курс на денарот во однос на еврото. Затоа нашите мерки за намалување на инфлацијата мора да се усогласени со мерките што ги преземаат европските држави и особено Европската централна банка. Ако нашата инфлација е значајно поголема од инфлацијата во Европа, тогаш Народната банка ќе има поголеми проблеми за смирување на инфлацијата и ова би барало искористување на поголеми девизни резерви за одржување на девизниот курс, кој е нашето сидро за одржување ниска инфлација – истакнува претседателот на собранието на ОРМ.
Според него, на подолг рок ова би предизвикало и притисок за девалвација за денарот што би отворило друг вид проблеми во економијата. Затоа, како што вели Димитров, покрај зголемената каматна стапка од страна на Народната банка, потребни се одредено штедење и намалување на потрошувачката особено онаа финансирана од буџетот.
– Треба да ни биде јасно дека во услови кога Европската банка штампаше огромен износ евра за да ја поттикнува економијата и нам ни беше полесно да го одржуваме курсот на денарот, но сега кога Европската централна банка ја зголемува каматната стапка и го ограничува купувањето обврзници, за да ја намали инфлацијата, и ние мораме да се приспособиме на оваа политика. Затоа, разните видови субвенции и помош на населението мора да се ограничат само на најзагрозените категории население, во спротивно, зголемените трошења ќе ги платиме преку зголемена инфлација, која никому не му одговара – појаснува Димитров.
Тој додава дека за одредени реформи не се потребни големи вложувања, а можат да дадат добри резултати, такви се реформите во правосудниот систем, реформите во администрацијата и реформите во образованието, кои се многу значајни за зголемување на економскиот раст, а нема да влијаат на зголемувањето на инфлацијата.
Во однос на тоа што можеме да очекуваме во иднина во однос на економската состојба, универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека сѐ зависи од геополитичката ситуација.
– Она што треба да биде јасно е дека можностите и интервенциите за спречување на инфлацијата се мошне лимитирани и се ограничени, пред сѐ, на дејствувањето на монетарната политика. Во однос на можностите инфлацијата да се намалува, сметам дека тоа ќе биде дури во 2023 година, како што кажуваат и проекциите на водечките светски меѓународни финансиски институции – укажува Ивановски.
Тој смета дека Централната банка треба да ја задржи политиката за девизниот курс, а со тоа и наедно ќе ја одржува инфлацијата, но додава Ивановски дека очекува и дополнително зголемување на каматната стапка во иднина што ќе се преслика врз каматите на кредитите во делот на фискалната политика, а со тоа се предвидува и пораст на цената на парите, со што индиректно ќе се влијае на намалување на инфлациската стапка, а тоа ќе влијае и на намалување на општото ниво на цените во државата.
Од Народна банка, пак, велат дека надворешниот контекст е исклучително неизвесен и променлив, во услови на продолжена пандемија и силни геополитички проблеми предизвикани од руската инвазија на Украина.
– Во вакви околности, ризиците за растот на БДП остануваат на надолната страна. Нашето алтернативно неповолно сценарио упатува на понизок раст од проектираниот во основното сценарио за 1,3 процент во просек за 2022-2023 година – велат од Народната банка.