Отсекогаш сум верувал дека спротивност на секоја репресија и тоталитаризам не се мирот (по секоја цена) и трпењето, туку – хуморот. Хуморот е издигнување над секоја критична ситуација, чувство на супериорност над проблемите. Убеден сум дека сите што живеат во Македонија се длабоко духовити и мајтапчии: доволно е само да ги споменам прилепчани, кумановци, битолчани… Затоа сум пишувал и комедии
Еве, го завршувам овој серијал со кој сакав да потсетам на македонските културни и идентитетски светилници од деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Не спомнав многумина великани: Крчовски, Џинот, Шапкарев, Шахов… Повеќе не спомнав одошто спомнав, но мојата цел беше само да покажам дека македонската национална и културна свест, македонскиот јазик и Македонците постоеле и пред 1945 година, зашто некако стана обичај во денешниов политички дискурс кодификацијата на јазикот да се зема за „почеток“ на тој јазик. Тоа не е така: македонскиот јазик постоел векови и векови наназад, и тоа не е мит. Допрва треба да учиме кои сме и што сме.
Избегнував да правам директни паралели со зовриената политичка стварност; само неколкупати го сторив тоа, зашто беше нужно по однос на темата за која говорев. Но сега е време да сопрам со каква и да е алузија, зашто очигледно е дека незадоволството на народот излегува од контрола. Македонија, без разлика што постојат онолку Македонии колку што имало и има нејзини сонувачи, сепак не е метафора, туку наша единствена држава и ако неа ја загубиме, ќе нѐ снема и нас. Допуштено е секој да ја сонува Македонија на свој начин, зашто Македонија и е постојан сон, повеќе метафизика одошто физика, проект во развој: на еден начин ја сонувал Ванчо Михајлов со неговите фашисти, на сосема спротивен начин ја сонувал Македонија пиринскиот цар Јане Сандански, на трет Блаже Конески и неговите содружници, а ние, денешните државјани на (сегашна Република Северна) Македонија ја сонуваме на сосема инаков начин. Сакаме да станеме дел од Европа.
Европа, вообичаено, се однесува принципиелно дволично, ама ние, ние не смееме да се однесуваме како диво племе од преткниговодствено општество! Затоа, стоп за сите уцени и стравови, како да сме мали деца што треба да одат во градинка – ако сега не тргнете веднаш кон ЕУ, ќе ви ги заклучиме компјутерите! Па сетете се што нè учеше Гане Тодоровски: ќе треба да ја ДОМАКЕДОНЧИМЕ Македонија, а ние со овој пусти страв и сервилност само ја ОДМАКЕДОНЧУВАМЕ. Реков пред некој ден (верувам дека ме слушнаа): јас би ги прекинал дипломатските односи веднаш со сите што нè понижуваат, но тоа мое мислење (за среќа ли?) не го дели мнозинството граѓани и политичари, и јас не можам да се гневам поради тоа. Моја морална обврска, како интелектуалец, била да оставам трага, да кажам како размислувам: едно НЕ на разгалена и самоумислена Европа е сега како капка дожд во суша! Но ниту сум Бог Логос па околу мене да се врти сè (како што, за жал, мислат некои наши политичари), ниту сум непогрешлив; затоа, ќе биде онака како што мисли мнозинството. Правдата за Македонија е бавна, ама ќе стигне. Ние умираме поединечно, но народот не умира. Народот умира само тогаш кога ќе умре последниот говорител на јазикот, без разлика дали станува збор за признаен или непризнаен јазик. А ние сме, фала богу, далеку од тоа.
Се надевам дека успеав да покажам: нашите светилници од деветнаесеттиот век ја имаат таа трагедија што се како комети. Блеснуваат и згаснуваат, но не се планети, зашто немаат своја држава што би им ја обезбедила нужната гравитација, за тие да почнат да кружат околу еден центар. Таа држава сега ја имаме. Ја имаме од 1945 година. Тоа не значи дека не сме постоеле пред тоа, туку дека само сме скитале од еден сончев систем до друг, од едно соѕвездие до друго: затоа и сме се изразувале на повеќе јазици и често сме се декларирале како припадници на друг народ. Често и на сила нè пишувале дека сме нешто што не сме. Ние тоа минато не можеме да го поправиме, треба само да го согледаме и вреднуваме. Да им оставиме на Бугарите, како разгалена членка на ЕУ, да се борат за подобро минато. Ние да пробаме да се избориме за подобра иднина, НО САМО АКО СИ ЈА ЗНАЕМЕ ИСТОРИЈАТА. Ако не си го знаеме минатото, ако не знаеме кои сме биле, воопшто да не се занесуваме дека ќе знаеме кои ќе бидеме. Колку и да изгледа небитно: ако има Македонец што не знае кој е автор на првата македонска граматика, ако има Македонец што не знае кога и од кого е донесена првата филмска камера во Македонија, ако има Македонец што не знае кој ги депортирал Евреите од овде, ако има таков што не знае дури и дека имало галички кашкавал на „Титаник“… ако има такви, не се за во ЕУ. Не се ни за во Македонија. А јас стравувам дека има такви, посебно напикани по партиите. И затоа што не знаат, ним им е само важно што побрзо да дојдат до целта. А целта е, веројатно, власт и лична материјална безбедност, синекура. Ако е таква сегашна Македонија, тогаш тоа не е мојата Македонија, онаа што јас ја сонувам. Јас сонувам за просветена, еманципирана, културна и длабоко морално воспитана Македонија. Затоа пишував за светилниците на нашиот деветнаесетти век. Не сакам ни да си допуштам страшна мисла, па да се прашам: „За кого пишував?“ Има за кого.
Отсекогаш сум верувал дека спротивност на секоја репресија и тоталитаризам не се мирот (по секоја цена) и трпењето, туку – хуморот. Хуморот е издигнување над секоја критична ситуација, чувство на супериорност над проблемите. Убеден сум дека сите што живеат во Македонија се длабоко духовити и мајтапчии: доволно е само да ги споменам прилепчани, кумановци, битолчани… Затоа сум пишувал и комедии. Кога наместо пцости и навреди на социјалните мрежи би фрлиле виц и досетка, би биле над сите. Дури и над Европа, која не знае многу за шега. Така и ќе завршам: би било добро нашите политички првенци, државни кормилари, да не ги сфаќаат премногу сериозно шарлатаните од Европа и од САД. Да имаат бар малку смисла за хумор. Како несомнено луцидниот Винстон Черчил (кој не ни е баш омилен поради една лоша епизода со Македонците), но кој во една политичка кавга добил закана од една госпоѓа: „Да бевте мој сопруг ќе ви ставев отров во чајот!“ Одговорил експресно: „Госпоѓо, да ми бевте вие сопруга, со задоволство сам ќе го испиев“. Или, големиот Бранислав Нушиќ, кој брзал по завеана улица до театарот, а една госпоѓа, која и покрај неговите молби, не му се иставала од утабаната патека (како нам сега Бугарија), па ѝ рекол: „Краво една!“ За тоа завршил на суд и добил заслужена глоба. Но кога судењето било готово, Нушиќ решил поразот да го претвори во симболична победа, па божем наивно прашал: „Значи, господине судија, кривично дело е на госпоѓа да ѝ се каже дека е крава?“ „Се разбира“, наседнал судијата, иако знаел со кого си има работа. „А дали е кривично дело на крава да ѝ се каже дека е госпоѓа?“ прашал мајтапчијата. „Се разбира дека не е“, рекол судијата. Тогаш Нушиќ се свртел кон госпоѓата и рекол: „Е па, госпоѓо, довидување“. И си излегол.
Така треба да се разговара со сите што ни мислат зло. Тоа е посилно од секое гневење. Бидете високи, исправени, духовити Македонци под ѕвездите!
(Крај на серијалот, се читаме веројатно наесен)