Заврши ерата на евтина нафта и гас. Конфликтот во Украина или, поконкретно, амбициозните напори на Европа да се одвикне од руските фосилни горива во време кога меѓународните резерви сѐ веќе се ограничуваат, ги зголемува глобалните цени на енергијата и шансите за глобална енергетска криза. Алтернативните извори на енергија од ден на ден изгледаат попривлечно. Но користењето на хидроенергијата, особено, носи свои ризици.
Хидроенергијата е моментално најкористената обновлива енергија, која сочинува речиси половина од целокупното производство на електрична енергија со ниски јаглеродни емисии во светот. Нејзината привлечност е вкоренета во неколку фактори. Со години беше најконкурентната обновлива енергија, а многу хидроцентрали можат да го зголемат или намалат производството на електрична енергија многу побрзо од нуклеарните централи, како и од оние на јаглен и на природен гас. Додека производството на ветерна и сончева енергија може значително да биде променливо, хидроенергијата може сигурно да се произведува со помош на резервоари, што е добра алтернатива.
Но постои проблем. Најчестиот тип на хидроцентрали вклучува градење брани на реки и потоци. И хидроелектричните брани имаат големо и трајно еколошко влијание. Првенствено, иако самото хидроелектрично производство не испушта стакленички гасови, браните и резервоарите испуштаат значителни количества метан, јаглерод диоксид и азотен оксид. Под некои околности, како на пример во тропските зони, тие можат да генерираат повеќе стакленички гасови од централите на фосилни горива. Една студија покажа дека метанот, стакленички гас што е најмалку 34 пати посилен од јаглерод диоксид, може да сочинува околу 80 отсто од емисиите од вештачките акумулации, иако широк спектар географски, климатски, сезонски и вегетациски фактори влијаат на емисиите на резервоарите.
Покрај тоа, додека хидроелектричните брани често се користат за испорачување чиста вода за пиење, контролирање на поплавите и поддршка на наводнувањето, тие исто така ги менуваат температурите на реките и квалитетот на водата и го попречуваат протокот на седименти богати со хранливи материи. Таквиот талог е од суштинско значење за да помогне повторно да се оплодат уништените почви во низводните рамнини, да се спречи ерозијата на речниот канал и да се зачува биолошката разновидност.
Кога браните го заробуваат седиментот што тече од планините, делтите се намалуваат и тонат. Тоа ѝ овозможува на солената вода да навлезе во внатрешноста на земјата, со што се нарушува деликатната рамнотежа помеѓу слатката и солената вода, што е од суштинско значење за опстанокот на критичните видови во крајбрежните утоки и лагуни. Исто така, ги изложува делтите на целосен удар на бури и урагани. Во Азија веќе брзо се повлекуваат густо населените делти, каде што се наоѓаат огромните градови како Тијанџин, Шангај, Гуангжу, Бангкок и Дака.
Браните носат и високи социјални трошоци. Во 2007 година, тогашниот кинески премиер Вен Џиабао откри дека Кина преселила 22,9 милиони луѓе за да отвори место за проекти за вода, бројка поголема од населението на повеќе од 100 земји. Браната „Три клисури“, најголемата хидроцентрала во светот, која целосно беше ставена во функција во 2012 година, расели повеќе од 1,4 милион луѓе.
Како дополнување на сè, постои добра причина да се сомневаме во доверливоста на хидроенергијата. Доколку се покаже дека мерките за ублажување не можат соодветно да го забават глобалното затоплување, за што се сè поголеми шансите, зачестеноста и интензитетот на сушите ќе продолжат да растат. Како што се намалува нивото на водата во реките и акумулациите, што се влошува со испарувањето од отворените акумулации, така се намалува и притисокот на водата потребен за движење на турбините, што резултира со помало производство на електрична енергија.
Имајќи предвид дека браните се скапи долгогодишни зафати, мудроста да се инвестира во изградба на повеќе од нив е, во најмала рака, сомнителна. Но љубовната врска во светот со браните продолжува. Речиси две третини од долгите реки на Земјата веќе се модифицирани од луѓето, а повеќето од речиси 60.000 големи брани во светот се изградени во последните седум децении. И, глобалната изградба на брани продолжува со опасно темпо. Во 2014 година, најмалку 3.700 значајни брани беа во изградба или планирани. Оттогаш, бумот во градењето брани стана поочигледен, при што светот во развој сега е глобален центар на таква градба.
Додека активностите за изградба на брани може да се видат од Балканот до Јужна Америка, Кина го предводи патот како земја со најмногу брани во светот и најголем извозник на брани. Од 2001 до 2020 година, Кина позајми над 44 милијарди долари за кинеска изградба на хидроенергетски проекти со вкупна моќност од над 27 гигавати во 38 земји. Кина не се двоуми да изгради брани дури и во сеизмички активни области, и покрај ризикот од предизвикување силен земјотрес.
Несомнено е дека светот мора да ја намали својата зависност од фосилните горива. Но изградбата на повеќе хидроелектрични брани, особено во речни басени со најголем биодиверзитет, како што се Амазон, Брамапутра, Конго и Меконг, не е начин да се направи тоа. Напротив, глобалниот тренд на градење брани е еден вид „фаустовски“ договор, во кој долгорочното здравје на нашата планета го менуваме за минливо чувство на енергетска сигурност.
Брама Челејни е професор по стратегиски студии во Центарот за политичко истражување во Њу Делхи и соработник на академијата „Роберт Бош“ во Берлин