Во момент кога ситуацијата се менува од минута во минута, она што треба да го прави земјава е да инсистира само на Копенхашките критериуми, бидејќи на тој начин има апсолутно право да им се спротивстави на сите обвинувања дека таа е страната што не соработува и дека одбила пристапни преговори со ЕУ. Несомнено, ова се јасните насоки до кои треба да се држи македонската страна, а кои се на линија на Резолуцијата усвоена во македонското собрание, но истовремено се и во целосна согласност со основните вредности врз кои почива самата ЕУ.
Нашето „да“ може да биде единствено за Копенхашките критериуми и ништо повеќе.
Сè друго е само прифаќање на бугарските уцени, кои никогаш нема да престанат
Ирелевантно е да се размислува повеќе дали Македонија во пет до 12 ќе го прифати таканаречениот француски предлог или, пак, ќе остане на ставот дека во оваа форма тој е неприфатлив, но она што е кристално јасно е дека земјава мора да инсистира на почеток на пристапните преговори со Европската Унија според условите по кои преговарале сите земји-членки, а тоа се Копенхашките критериуми.
Овој аргумент е нашето најсилно оружје, бидејќи тој де факто значи дека Македонија не одбива да преговара со Унијата како што некој сака да го претстави тоа, туку бара еднаков третман со сите други земји што преговарале и го заокружиле преговарачкиот процес. Сега истата таа Европа прави преседан што ги става Копенхашките критериуми настрана, а дозволува вметнување критериуми креирани во Бугарија, кои немаат никаква врска со европските вредности.
Уште повеќе, тие критериуми вметнати во „францускиот предлог“ се во спротивност со начелата врз кои почива самата Европска Унија, а тоа се правото на самоидентификација на еден народ, неговото право на сопствен јазик и на сопствено толкување на историјата.
Токму на тоа посочи неодамна и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој порача дека Македонија сака да стане горда членка на Унијата, а не омаловажена и понижена.
Ковачевски подвлече дека сите 27 лидери, сите 27 нации и сите 27 земји што ѝ се приклучија на Унијата, сите се приклучија гордо, со сите различности и со меѓусебна почит кон различностите. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат. Треба да се приклучиме гордо кон ЕУ, исполнувајќи ги притоа сите критериуми за членство.
Тој јасно истакна дека францускиот предлог би бил прифатлив за нас само ако има чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања да не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред почнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот и цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој сè уште не е усогласен со бугарската страна, притоа додавајќи дека секое решение ќе треба да е консултирано со македонските институции.
Несомнено, ова се јасните насоки до кои треба да се држи македонската страна, а кои се на линија на Резолуцијата усвоена во македонското собрание, но истовремено и кои се во целосна согласност со основните вредности врз кои почива самата ЕУ.
Сè друго прифатено надвор од оваа рамка всушност ќе биде во спротивност со националните интереси, но и во колизија со меѓународното право, па ако повторно Европа врз грбот на Македонија се дрзне да го погазува меѓународното право, тогаш апсурдно е повеќе да се говори за некаков меѓународноправен поредок кога продолжува практиката на наметнување одлуки само од позиција на сила. Дури и повеќето меѓународноправни експерти предупредуваат дека Македонија не може да прифати акти што се правно неприменливи. Но, од друга страна, ако земјава го прифати она што сега ѝ се нуди, во тој случај таа ќе биде обврзана да го почитува тој договор, бидејќи го потпишала. Така беше случајот и со Преспанската спогодба, која иако беше спротивна на меѓународното право, со ставањето параф од страна на македонските претставници, таа стана меѓународно признаен документ што предизвикува правни дејства во меѓународни рамки.
Затоа сега, во момент кога ситуацијата се менува од минута во минута, она што треба да го прави земјава е да инсистира само на Копенхашките критериуми, бидејќи на тој начин има апсолутно право да им се спротивстави на сите обвинувања дека таа е страната што не соработува и дека одбила пристапни преговори со ЕУ.
Повеќе од јасно е дека Бугарија во следниот период ќе се обиде да се претстави како кооперативна страна, која, ете, дури и во нејзиното собрание изгласала одлука со која го крева ветото за Македонија, без оглед што притоа придодаде уште четири барања што земјава треба да ги исполни, а кои значат директно мешање во внатрешните работи на една суверена земја.
Намерата на Софија е сиот притисок сега да се префрли на македонска страна, а во меѓувреме, Бугарите повторно темата „Македонија“ ќе ја користат за политички цели и Брисел, како по обичај, нема да реагира на тоа.
Во една ваква ситуација, мудро би било од македонска страна добро да се прокалкулира секој следен чекор и наместо брзоплето носење одлуки, тие да се крчкаат низ една конструктивна институционална дискусија, од која треба да произлезат најдобрите решенија донесени со консензус од сите релевантни чинители, а кои ќе бидат во интерес на државата.
Само така ќе се врати довербата во целиот процес и ќе се отвори можност да се слушнат различни мислења и идеи како понатаму, без постојаните етикетирања за национални предавства и тајни преговарања.
Затоа и инсистирањето на Копенхашките критериуми треба да биде нашето „да“ на францускиот предлог, со што јасно ќе ставиме до знаење дека за нас преговорите со ЕУ значат доближување до заедничките вредности, почитување на различностите, на демократијата, на борбата со криминалот и корупцијата, на ефикасен правен систем, на чиста и еколошка средина, на развиена економија, инфраструктура, трговија, култура, а не тие преговори да се претворат во дискусија за нашиот идентитет, јазик и историја.
Ова што во моментот ѝ се нуди на Македонија не е европски пристап и претставува опасен преседан, кој во иднина ќе запре секакво проширување (под услов тоа да не му е целта на Брисел). Ако Бугарија наметнува свои „критериуми“ за преговори на Македонија со ЕУ, тогаш истото тоа утре може да го направи која било друга членка на Унијата за секој следен кандидат. И така во недоглед. Копенхашките критериуми ќе станат само обичен документ кому никому не му е важен, а најмалку на ЕУ.
ЕУ ѝ постави јасна цел на Македонија за почеток на пристапните преговори и земјава таа цел ја достигна уште пред 17 години, но се чини дека Брисел одново и одново ја оддалечува целната линија, поставувајќи други, поинакви цели кон кои не би се стремел никој здраворазумен. И наместо Копенхашките, сега Македонија треба да почне преговори со ЕУ ако ги исполни „софиските критериуми“, што е невиден преседан. А преседаните раѓаат преседани и тука се губи секаква смисла на Европа каква што ја замисливме пред триесетина години, кога по прогласувањето на македонската независност овој народ за своја главна стратегиска цел го определи зачленувањето во ЕУ и НАТО.
Крајно време е Европа да се врати на сопствените вредности и да не потпаѓа под хегемонистичките влијанија на одделни свои земји членки, туку да почне да постапува и да ги вреднува кандидатите според постигнатото, а не како се самоидентификуваат, каков јазик говорат или, пак, во кои национални херои веруваат.
На Македонија не ѝ се потребни ниту португалски, ниту германски, ниту француски предлози, на земјава ѝ се потребни пристапни разговори, кои одамна ги заслужи и веќе требаше и да ги привршува, ако не и да ги круниса со членство.
И на крајот да резимираме, нашето „да“ може да биде единствено за Копенхашките критериуми и ништо повеќе. Сè друго е само прифаќање на бугарските уцени, кои никогаш нема да престанат.