Денес е време кога се тагува, време кога се поништува, време кога се понижува, време кога се истребува, и време кога се урива… „Сè има свое време и секоја работа под небото има свое време… Време кога се плаче и време кога се смее; време кога се тагува и време кога се игра… И уште видов под сонцето: место закон, а таму беззаконие; место правда, а таму неправда. И си реков во срцето свое: праведниот и нечесниот, Бог ќе ги суди, бидејќи таму има време за секоја работа и суд за секое дело“ (Проповедник 3: 1,4, 16,17)
Денес е време кога се тагува, време кога се поништува, време кога се понижува, време кога се истребува и време кога се урива, благодарение и на Преспанската спогодба и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Затоа, ако сме барем малку умни и отворени за ука и за одука, Спогодбата, Договорот и настаните поврзани со овие два документа треба, еднаш и засекогаш, да нѐ ослободат од нашите илузии за САД и за ЕУ.
Имено, од денешна перспектива, „решението“ на спорот за името исклучиво беше мотивирано од потребата за зацврстување на НАТО на Балканот во контекст на она што се очекуваше и денес се случува во Украина. Во тој контекст, негативните ефекти што произлегуваат од Преспанската спогодба за Македонците и македонското општество укажуваат дека САД беа подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок. Всушност, според Чомски, САД се подготвени да жртвуваат многу повеќе, вклучувајќи ги „животите на Украинците, Азијците и Африканците, иднината на цивилизацијата“ само „за да се ослаби Русија, да се увериме дека таа претрпела доволно“, заклучувајќи дека ако „ги земеме предвид сите ризици, гледаме дека луѓето што држат предавања за одбрана на принципите, всушност, се морални имбецили“. Последните случувања во ЕУ, пак, уште еднаш потврдија дека Македонците никогаш нема да бидат дел од ЕУ-семејството, за разлика од државата Македонија, којашто, можеби, во некоја многу далечна иднина ќе биде.
„Се свртив и ги видов сите неправди што стануваат под сонцето.. Па си реков: блазе им на умрените, што умреле одамна, отколку на живите, што живеат досега“ (Проповедник 4: 1,2). Кој е одговорен за човечките страдања? Деталниот одговор на ова прашање не е предмет на овој текст, само ќе спомнам дека Чомски, во едно неодамнешно интервју, ги вброи во воени злосторници не само некои денешни светски лидери туку, посочувајќи дека „воените злосторници шетаат низ Вашингтон“, и претседателот којшто ги започна воените агресии во Авганистан и Ирак, и државникот кој со зборовите „сè што лета на сè што се движи“ ги започна масовните бомбардирања во Камбоџа.
Меѓутоа, можеби поважно е прашањето како да се спречат човечките страдања. Во „Браќа Карамазови“, сите надежи на Достоевски за исцелување на човекот и светот се поврзани со Аљоша, поточно тие се на страната на вистинската православна вера. Ако Бог е мртов или ако Бог е протеран од нашиот свет, се отвора нерешливиот проблем на највисокиот и легитимен авторитет, па затоа, без Бог сè е дозволено. Познатата синтагма „ако нема Бог, сè е дозволено“, која се појавува како централна метатема во многу дела на Достоевски, и психоаналитичката интерпретација на Лакан „ако постои Бог, тогаш сè е дозволено“ се круцијални теми во делата на повеќе современи мислители, за што ќе проговорам на друго место.
Во овој текст, сепак, кратко ќе се осврнам на стремежот за уништување и желбата за понижување на македонскиот народ што се пројавува кај дел од македонските водачи и интелектуалци. Повеќето луѓе денес се спонтано морални, па оттука разнебитувањето на македонскиот идентитет, што всушност подразбира духовна тортура на други човечки суштества, би требало да биде длабоко трауматичен чин. Постојат три причини за желбата, стремежот, поривот за самоуништување. Првата причина е лукративна, профитабилна, исплатлива и се манифестира на различен начин. Втората причина е постоењето на поголема „света“ кауза, во којашто етничката припадност совршено се вклопува. Меѓутоа, мислам дека етничката припадност не е примарна причина за самоуништување: бројот на граѓани (па, така, и политичари и интелектуалци) во Македонија што се сметаат за етнички Бугари е исклучително мал. Третата причина подразбира дека некои од македонските политичари и интелектуалци не се доживуваат себеси како индивидуи коишто треба разумно и достоинствено да владеат и да дејствуваат, туку, наместо тоа, тие се перципираат себеси како инструменти на историскиот напредок, неопходни чинители што го водат македонското општество кон „повисоката“ фаза на неговиот развој – и токму тоа им дозволува да прават што сакаат, вклучувајќи, парадоксално, и да го разрушуваат и разнебитуваат македонското општество.
Настаните нудат и ука и одука. Што и да нѐ научат, поучат, подучат, што и да донесат ново, настаните секогаш нудат и одука – нè оддалечуваат од изгазените патеки коишто водат до нашите омилени илузии. Така, Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и настаните поврзани со нив нудат одука од одалките, патериците, бастуните, одука од илузиите за САД и за ЕУ, што ги користевме за да помогнат да проодиме, исчекориме, зачекориме. Но Спогодбата, Договорот и настаните поврзани со нив нудат ука да се потпреме на сопствени нозе и раѓаат верба во нас.
Ние можеме и не бевме сами: до 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Ние можеме и не сме сами: Србите ни подадоа рака – Српската православна црква ја одобри и ја прифати автокефалноста на МПЦ-ОА. Ние можеме и нема да бидеме сами. Потребен е мал исчекор – треба да се обезвреднат „посветените слуги, оние родени во куќата на своите господари“ и ним сличните, коишто за остварување на сонот наречен САД и ЕУ се подготвени на сè.
„Сè има свое време и секоја работа под небото има свое време“, па, така, за Македонците ќе дојде време кога ќе се гради, време кога ќе се радува и време кога повторно ќе бидеме Македонци од Република Македонија. Тргнувајќи од ветувањето на претседателот Џорџ В. Буш дадено на тогашниот советски претседател Михаил Горбачов дека НАТО нема да се помести „ни педа на исток“, на прашањето зошто Горбачов не побара тоа да се стави на хартија, Чомски вели: „Тој го прифати џентлменскиот договор, што не е толку невообичаено во дипломатијата. Ракување и даден збор. Понатаму, таа хартија не би променила ништо. Договорите на хартија постојано се кинат“. „Сè има свое време и секоја работа под небото има свое време“, па, така, ќе дојде време и Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија да се скинат.