Бугарија ја тресе силен политички земјотрес, за што најголемиот број бугарски политичари причината ја бараат во Македонија. Вчера „падна“ и претседателот на бугарскиот парламент, Никола Минчев, по поднесокот на партиите Има таков народ, ГЕРБ-СДС, ДПС и Преродба. Имено, доскорешниот коалициски партнер на бугарскиот премиер Кирил Петков, Слави Трифонов од Има таков народ, ја напушти Владата со образложение дека се одлучил на тој чекор поради Македонија и отстапките што е подготвен да ги направи бугарскиот премиер на штета на бугарските национални интереси.
Но колку и да се бараат причините за оваа „драмолетка“ што деновиве се одигрува на бугарската политичка сцена, повеќе од јасно е дека проблемите во Бугарија се повеќеслојни и треба навистина некој здраво да се зафати со нивно решавање еден по еден, како што се лупат „лушпите од кромидот“. Ама од една навистина крупна главица кромид. При што, сигурно ќе течат и солзи. Од говорницата на бугарското народно собрание, јасно беше порачано дека Бугарија се соочува со проблеми како корупција, неефикасно судство, празен буџет, економска и енергетска криза, па наместо да се занимава со овие проблеми, кои реално се одразуваат врз квалитетот на животот на бугарските граѓани, тие се занимаваат со Македонија. Но, ете, тие ја најдоа причината да фингираат дека Македонија и нејзините евроинтеграции се најголемиот проблем за Бугарија. Попусто дел од бугарските политичари јасно истакнуваа дека Македонија можеби е на седмото место меѓу приоритетите на бугарската надворешна политика и дека многу поважни се суштинските гореспоменати проблеми со кои се соочуваат бугарските граѓани.
Повеќе од јасно е дека во Бугарија станува збор за немање храброст на тамошните политичари за соочување со реалните проблеми во земјата и нивно решавање, па наместо тоа се користи параванот „Македонија“ за да се заработи некој политички поен и да се стекне подобра позиција пред некои нови предвремени парламентарни избори. И така во недоглед.
Еве, да одиме со вообичаеното сценарио. Во ваква ситуација, Бугарија на европскиот самит на 23 и 24 јуни повторно ќе стави вето за земјава и ќе го задоволи сопствениот каприц. Ако единствено, дај боже, се случи драматичен исчекор, па Европа, милум (со полно ковчеже евра) или, пак, силум, (со закана од затворање на славините со евра за Софија), избоксува согласност за отстранување на ветото…
Ако повторно блокираат, Бугарите, освен мазохистичкото задоволство од изживувањето врз послабиот, ништо друго нема да добијат. Веќе следниот ден омразата меѓу двата народа уште повеќе ќе се зголеми, наместо меѓусебно инфраструктурно поврзување, ќе следува ново одложување и фокусирање на проекти со другите соседи, наместо културна соработка, ќе се случи културно ембарго, ниту туризмот нема да заживее, едноставно односите меѓу двете земји ќе се сведат на ниво само на неопходна студена дипломатска комуникација и ништо повеќе. Преговори повеќе нема да има, на сите им е јасно тоа.
А единствен виновник за сето тоа ќе биде Бугарија, која изминатите години наметна апсурдни барања за прифаќање на нивната историја, култура, идентитет и јазик од страна на македонскиот народ, ако сака да биде дел од Европската Унија.
– Премиерот Кирил Петков испрати предлог со кој практично целосно се ревидира рамковната позиција донесена од народното собрание и Владата, но тој беше одбиен од МНР
Едно од нив е формулацијата на таканаречениот македонски јазик во историска и етничка смисла – рече неодамна Генчовска, коментирајќи дека новата рамковна проектна позиција не ја вклучувала бугарската позиција за јазикот.
Сето ова говори до каде се дрзнува да оди Бугарија, кажувајќи дали еден народ може да зборува на свој мајчин јазик, ако тој јазик не биде одобрен од нив.
Колку и да сака Петков да се претставува како либерален и европски политичар, треба да му биде јасно дека никој нема право да му наметнува идентитет, јазик и историја на некој друг народ ако тој народ самиот одбрал да верува во некои свои митови. И Петков требаше недвосмислено да му го објасни тоа на бугарското општество.
Затоа за Бугарија сега најдобар излез од кашата со Македонија во која самата се вплетка е да почне да ги решава проблемите на своите граѓани и да почне да се однесува како вистинска европска земја, а не како историски рецидив од 19 век.
А тие реални проблеми се многу. Прво тука е проблемот со руската блокада на енергенти, од кои Бугарија е повеќе од зависна. Целосното секнување на рускиот гас или редуцираната достава, ќе ја доведе бугарската економија во уште понезавидна положба, а сето ова најдобро ќе го почувствуваат бугарските граѓани, кои претстојната зима може да останат со студени радијатори. Дополнителна опасност е и засиленото руско влијание во земјата, кое се заканува да предизвика дополнителни поделби во бугарското општество. Ако на ова се надодадат и економската криза, галопирачката инфлација, тројно зголемените цени на храната, корупцијата, криминалот, тогаш Македонија е навистина апсурден проблем за Бугарите, кои лично ќе се уверат во тоа многу брзо по евентуалното јунско вето.
Можеби накратко ќе ликуваат дека ги одбраниле „државните интереси“, но многу бугарски семејства, чии деца ќе ја напуштат земјата во потрага по егзистенција, чии плати и пензии нема да можат да го следат ценовниот галоп, кои ќе се прашуваат дали ќе има струја и греење и како да ги платат сметките на крајот на месецот, ќе заклучат дека некој сиве овие години им ја продавал бајката за Македонија, додека финансиски им ја пустошел земјата и ги оставил без пари и без сигурна иднина.
Затоа, погрешна е тезата дека поради Македонија паднала некоја бугарска влада. Ниту паднала, ниту ќе падне. Секоја влада паѓа затоа што не знае како да ги решава проблемите на граѓаните, па се бараат секакви други изговори само за да се скрие сопственото политичко фијаско. Затоа и најгласни во продавањето на историските бајки се најнеспособните политичари, кои криејќи се зад национализмот, всушност, ја кријат сопствената неспособност да понудат проекти што ќе ги решат граѓанските проблеми.
Од тие причини може да се разбере појавата на бугарската политичка сцена на партии како Преродба, Има таков народ и онаа на поранешниот бугарски министер за одбрана во владата на Бојко Борисов.
Тоа се класични „шоу-партии“, кои функционираат во политиката врз ист принцип како шоу-бизнисот – да му се продаде на народот она што најлесно би го проголтал, гол популизам и национализам.
Како и да е, Македонија ќе дочека уште еден јунски самит, а македонските граѓани веќе отрпнаа на бугарските опструкции. Веќе не очекуваме ниту студени тушеви, бидејќи знаеме однапред каква е водата. Сега сме рамнодушни. Нè разочараа сите што можеа да нè разочараат, па не случајно шефот на македонската дипломатија говори веќе за „погребување“ на европската иднина на Македонија и на целиот регион.
Затоа, најдобро за сите би било Бугарија конечно да сфати дека времињата се историски и дека конечно барем еднаш треба да донесе вистинска одлука што е, пред сè, од нејзин интерес, наместо да ги замајува сопствените граѓани со приказните за некогашната голема држава од Црно Море до Охрид. Она што Софија треба да го направи е да прекине со бесмисленото вето и да го даде потребниот ветер во едрата на државите од Западен Балкан на нивниот пат кон Европа. Тоа ќе ја врати Бугарија на нејзиниот европски колосек и ќе ја извлече од калта во која самата се вовлече, а нема храброст да го признае тоа. Таквиот гест несомнено ќе ѝ донесе поени на Софија и пред меѓународните партнери и ќе ја позиционира Бугарија како нов предводник на европските процеси на Балканот. И сето тоа за доброто на бугарските граѓани.