Во српското општество, како и во сите други општества, егзистираат крајно радикално десничарски и шовинистички групации, кои отворено или потајно ги негираат националните, јазичните, културните и историските особености на македонскиот народ, речиси идентично како бугарските иредентисти и шовинисти. Но негирањето и омаловажувањето на Македонците во изминативе децении никогаш не беше државна политика на Белград
Неодамна српскиот претседател Александар Вучиќ коментирајќи анкета што покажа дека македонските граѓани сметаат дека најголем пријател на Македонија е Србија, истакна: „Ние сме единствен народ што не им бара промена на своето име, јазик, своите барања или што било друго. Ние го сакаме македонскиот народ. Што бараме од нив? Ништо. Освен да бидеме во најдобри можни односи. Само да бидеме пријатели и браќа.“
Зборовите на Вучиќ не се празна реторика и, всушност, српско-македонските односни се на највисоко ниво во изминативе три децении. Во тој дух се томосот и благословот на Српската православна црква за автокефалноста на МПЦ-ОА, со што се стави крај петдеценискиот спор меѓу двете цркви. По литургијата во Белград, српскиот патријарх Порфириј рече: „По благодатта Божја имаме можност да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православни браќа и сестри.“
Со решавањето на прашање за Македонската црква се затвори поглавјето што ги обременуваше односите помеѓу македонскиот и српскиот народ со децении. Со овој чин се создаваат услови за уште поголемо продлабочување на соработката помеѓу двете држави и народи.
Немаме намера да ги величаме српскиот претседател Вучиќ и патријархот Порфириј, или Србија во глобала. Всушност, сакаме да укажеме на нешто друго. Во српското општество, како и во сите други општества, егзистираат крајно радикално десничарски и шовинистички групации што отворено или потајно ги негираат националните, јазичните, културните и историските особености на македонскиот народ, речиси идентично како бугарските иредентисти и шовинисти.
Но негирањето и омаловажувањето на Македонците во изминативе децении никогаш не беше државна политика на Белград. Напротив, Македонците во Србија ги имаат сите малцински права, вклучувајќи и настава на македонски јазик. Постапките на официјален Белград се класичен пример како треба да се градат добрососедски односи во 21 век.
Доколку направиме споредба помеѓу државната политика на Белград и на Софија, очигледно е зошто на спомената анкета најголемиот дел од македонските граѓани изјавиле дека најголем пријател на Македонија е Србија, а не Бугарија.
Бугарската официјална политика кон македонскиот народ е ирационална, националистичка и иредентистичка. Со години, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор, бугарската држава олицетворена во институциите, како што се претседателот и Владата, отворено ги негира и омаловажува Македонците во секоја можна пригода. Постојано можеме да слушнеме дека Македонците се вештачка нација, македонскиот јазик е бугарски дијалект, дека Македонија е бугарска земја и сѐ така до бесконечност. Во секое напредно општество постојат екстремни елементи, но во примерот со Софија станува збор за официјална државна политика кон македонскиот народ. Бугарската апсурдност оди дотаму што претставниците на бугарската влада присуствуваа на свеченото отворање на т.н. културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола. Каков апсурд! Културен центар именуван по ноторен масовен убиец и фашист. Во Македонија секој може да формира здружение, но во овој случај името е несоодветно. Доколку основачите на центарот „Ванчо Михајлов“ беа искрени, ќе го именува во чест на браќата Робевци или Григор Прличев, а не во чест на македономрзец.
Затоа целиот настан во Битола од страна на македонското општество беше восприемен како провокација од бугарска страна, провокација што заврши со потпалување на влезот на квазикултурниот центар. Со овој чин, македонско-бугарските односи го достигнаа дното, всушност, односите помеѓу Македонците и Бугарите никогаш не биле полоши во изминативе 100 години. Доколку Софија продолжи со својата досегашна политика кон Македонците, Србија и понатаму ќе биде најголемиот пријател на Македонија. Всушност, официјална Бугарија може многу да научи од постапките на Белград, во спротивно кинескиот ѕид помеѓу Македонија и Бугарија ќе биде сѐ повисок и повисок. Време е Софија да покаже европско однесување и да собере храброст да се спротивстави на бугарскиот екстремизам и шовинизам што ги оптоваруваат македонско-бугарските односи. Затоа Александар Вучиќ ја говори вистината кога вели: „Ние го сакаме македонскиот народ. Што бараме од нив? Ништо. Освен да бидеме во најдобри можни односи. Само да бидеме пријатели и браќа.“