Нејсе, оваа прекрасна бугарска фраза најпрецизно ни опишува на кое дереџе е падната Европската Унија во последно време, но и во кои мрачни длабочини се наоѓаат бугарско-македонските односи кога на две соседни славјански нации, чии јазици се меѓусебно разбирливи, како впрочем и сите јужнословенски јазици, им се потребни гаранции за меѓусебните односи, ни помалку ни повеќе од Париз, и тоа лично од францускиот шеф на државата
Што значи бугарскиот израз „Гаранция-Франция“ или „француска гаранција“ и зошто токму овој израз е најсоодветен за опис на иницијативата поведена од претседателот Макрон за надминување на бугарското вето за почеток на преговорите со Македонија? И покрај очигледната и ушислушната блискост на македонскиот и на бугарскиот јазик, сепак ниту еден Македонец не разбира што значи кога Бугарите ќе прокоментираат „Гаранция-Франция“. Најверојатно македонскиот израз „некому да му замачкаш очи“ и српскиот „то може да окачи мачки о реп“ би биле најслични на бугарската разговорна фраза „Гаранция-Франция“, односно празна гаранција, пресериозно ветување или даден збор што во суштина ништо не значат и на кои никогаш нема да може никој да се повика за заштита или за одбрана.
И ден-денес Бугарите не умеат баш најпрецизно да опишат што Франција толку им згрешила или толку ги измамила, па влегла вака неславно во бугарскиот јазик. Едно толкување поаѓа од француските гаранции за територијалниот интегритет и суверенитет на Полска, дадени по Минхенскиот договор од 1938 година, со кои Франција и Велика Британија им гарантираат заштита на Полјаците во случај на нови игранки на Хитлер околу германското малцинство во Полска, статусот на Гдањск или при случај на сеопшт германски напад врз земјата. Добро знаеме како заврши таа историска епизода и колку им вредеа на Полјаците овие француско-британски гаранции во 1939 година. Другите толкувања, пак, се поврзани со Наполеон или со неговиот внук Наполеон Трети, па наводно славниот Наполеон ја употребувал фразата „Цела Франција ни е гаранција“ за да се обврзе на сè и сешто, од најмала ситница, до најкрупни државнички работи, па ја обезвреднил вредноста на Франција како гаранција. Додека, пак, неговиот внук Наполеон Трети на Турција ѝ ја гарантирал територијалната целост при потпишувањето на Парискиот мировен договор, со кој е ставен крај на Кримската војна во 1856 година. И тоа знаеме како заврши…
Нејсе, оваа прекрасна бугарска фраза најпрецизно ни опишува на кое дереџе е падната Европската Унија во последно време, но и во кои мрачни длабочини се наоѓаат бугарско-македонските односи кога на две соседни славјански нации, чии јазици се меѓусебно разбирливи, како впрочем и сите јужнословенски јазици, им се потребни гаранции за меѓусебните односи, ни помалку ни повеќе од Париз, и тоа лично од францускиот шеф на државата. Зарем има подобра потврда за секој можен западен и глобален стереотип за Балканот, за неразумните балкански спорови и за тврдоглавите Балканци од сиот овој галиматијас?
Денеска е сабота, па уште не знам дали Радев и Петков ќе одат во Париз, дали гордо ќе опстојат на бугарското „НЕ“, дали ќе го тргнат ветото, дали ќе прават референдум или ќе гласаат во Собранието, дали ќе добијат гаранции од Париз и куп други детали од целата збрка што ни се одвива пред очите. Единствено знам дека доколку е вистинита приказната за француските гаранции за Бугарија, по сите точки од бугарската декларација на Собранието и рамковната позиција на бугарскиот министерски совет, во што длабоко не верувам, тогаш Македонија треба јасно да му порача на Макрон дека такво нешто не доаѓа предвид и дека Македонија ќе го толкува како непријателски чин. При таков најнепосакуван развој на настаните, официјално Скопје треба јасно да ја исцрта црвената линија, па дури и привремено да ја повлече македонската амбасадорка Јадранка Чаушевска во Скопје, сè додека не се расчисти целата бура околу француските гаранции кон Бугарија. Да се разбереме, декларацијата на бугарското собрание и рамковната позиција на бугарскиот министерски совет се документи за бугаризација на Македонија, жестока провокација и јасен бугарски национален став за негирање на самобитноста на македонскиот народ и на суверенитетот на македонската држава. На Франција треба јасно да ѝ се предочи, преку демарш во Скопје и во Париз, но и со дипломатска нота, дека некакви француски гаранции за бугарските позиции од декларацијата и од рамковната позиција ќе се сметаат за непријателски чин кон Македонија. Да, Франција е голем светски играч, најмоќен политички чинител во Европската Унија, но во епохата кога руската инвазија врз Украина нè потсети кои се европските вредности и принципи, слобода, демократија, почитување на сечиј личен и колективен идентитет, неповредивост на границите и на националниот суверенитет. Бугарските барања кон Македонија, како претходно и грчките барања кон Македонија, не се ништо друго туку притисок за бришење на Македонија како суверена држава од картата на светот и за бришење на Македонците како посебен народ од светската историја. Се разбира, доколку е вистина тоа што проструи низ медиумите дека бугарските национални позиции кон Македонија ќе добијат европски печат преку француските гаранции, во што длабоко не верувам.
Но зошто дури и да е вистинита информацијата, француските гаранции кон Бугарија во овој случај би биле апсурдни? Прво, да замислиме дека навистина во следните десетина дена во Елисејската палата ќе се појави Макрон насмеан со Радев и со Петков, за да ѝ даде на Бугарија француски гаранции, во името на Републиката, дека нивните барања ќе влезат во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ и дека потоа Бугарите ќе го дигнат ветото. Како на дело ќе се спроведат тие гаранции? Францускиот амбасадор ќе биде присутен на сите седници на мешаната комисија за историја за да врши притисок врз македонските членови да признаат дека Гоце Делчев бил Бугарин? Или, пак, францускиот министер за надворешни работи ќе дојде на седница на комисијата за да потврди, во име на Франција, дека Македонците не постоеле до 1944 година и биле Бугари, а дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот? Можеби и учебниците за историја и за македонски јазик во иднина ќе мора да бидат испраќани во Париз на увид, исправка и преработка од француското министерство за образование, кое ќе внимава дали бугарскиот национален наратив е влезен во македонскиот образовен систем.
Или, пак, Националните архиви на Франција ќе го преземат управувањето со збирките од Архивот на Македонија каде што се досиејата на прогонуваните жртви на комунизмот за да се осигури дека бугарските историчари, новинари и публицисти ќе имаат непосреден увид во овие документи. А можеби и Институтот за форензички науки на француската жандармерија ќе дојде да ја прекопува Македонија за да ги бара стоилјадните или двестеилјадните жртви на македонските Бугари за време на „крвавото Коледе“ од 1945 година? Веројатно и францускиот уставен совет ќе треба да ги одобри амандманите на македонскиот устав со кои се гарантираат правата на македонските Бугари, како во преамбулата така и во текстот на самиот устав.
Сето ова, нормално, е незамисливо и секако дека Франција нема намера да се вовлекува во надреални и во налудничави меѓубалкански судири околу историјата. За жал, Франција изгледа дека нема намера ни да дојде до посериозно придвижување на земјите од Западен Балкан кон целосно европска интеграција, за што најдобар доказ се вечниот македонски лет во место, но и вечните преговори на Србија и на Црна Гора со Европската Унија. Најверојатно на претстојниот самит на Западен Балкан и ЕУ, на самиот крај на француското претседателство, Франција, но и целата Унија, ќе им го претстават својот план на лидерите на земјите од регионот. Засега се чини дека Западен Балкан ќе биде деградиран, па ќе го изгуби местото во чекалницата за полно членство во Европската Унија, за да биде сместен во втората европска лига со Украина, Молдавија, Грузија, Азербејџан и Ерменија. Предлогот за „европската политичка заедница“ или за „европската геостратегиска унија“ заслужува продлабочена анализа, посебно ако Македонија биде една од основачите, па конечно да биде избегната опасноста од шовинистичката политика на вето.
Но доколку повторно добиеме само ново заколнување во „Солунската агенда“, „јасна перспектива за членство“, „датум за датум“ или други одамна излитени фрази, тогаш, за жал, претседателствувањето на Макрон за Западен Балкан ќе заврши само со уште една „Гаранция-Франция“, во своето најизворно бугарско значење.
Автор:Ивица Боцевски