Во највисокиот претставнички дом, кој по дефиниција, нели, би требало да биде храм на демократијата, деновиве, кога воскликот поради автокефалноста на МПЦ-ОА сѐ уште силно одекнува меѓу граѓаните, ни се случи незамислив инцидент на затворање врати и заклучување пратеници. За жал, се чини дека катанец-демократијата не е само изолиран собраниски инцидент туку како да прераснува во некој неразбирлив модел на политичко однесување. И дома и надвор. Зашто со одредени свои потези и мерки политичарите како да сакаат да им стават катанец на суштински важни сектори, како што се печатените медиуми, на пример, а со тоа и самите да си ја затвориме вратата кон Европа. Во меѓувреме катанец-дипломатија врз нас продолжува да практикува и Бугарија, со нејзините апсурдни уцени и вета
Во периодот кога целата македонска и меѓународна јавност беше преокупирана со величествениот историски момент на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, некои политички еретици со своите изјави, потези и однесување се обидоа да го засенат овој историски момент, кој црквата и православните верници го чекаа речиси шест децении. Несомнено признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, а со самото тоа и признавањето на вековниот континуитет и посебност на македонскиот народ со сите свои идентитетски обележја и свој мајчин јазик, е настан на векот. Зошто на векот, а не на годината или деценијата, на пример? Па затоа што долга, макотрпна, речиси шестдецениска беше и битката да се стигне до овој возвишен чин и до овој прекрасен момент. И во една ваква возвишена и славеничка атмосфера, кога бог ни дарува радост во срцата и спокој во душите, некои еретици се обидоа да го засенат или можеби да го украдат моментот.
Најпрво една група поранешни пратеници, чии членови порано беа судени, затворани, па амнестирани и донесени од затвор за да гласаат за промена на името и Уставот на државата, сега дрско и бесрамно се обидоа да се огребат од црковната и сенародна слава и заслугите за признавањето на автокефалноста да си ги припишат исклучиво себеси. Што да се каже на ова!? Освен во духот на христијанството – Бог нека ги помилува и нека им прости за сите гревови.
Понатаму. Во највисокиот претставнички дом, кој по дефиниција, нели, би требало да биде храм на демократијата, деновиве кога воскликот поради автокефалноста сѐ уште силно одекнува, ни се случи незамислив инцидент на затворање врати и заклучување пратеници. Ќе простите, но само стадо се заклучува и оградува за да се преброи. Слободата на говор, правото на еднаквост и слободата на движење се уставно загарантирани за секој граѓанин. И никој нема право да ги ограничува. Во демократијата, сепак, владеат други правила и кодекси и таму не би требало да се користат катанци. А замислете, во одговорот од собраниските служби во врска со овој инцидент се посочува собранискиот деловник, во кој, божем било дозволено да се затвораат и заклучуваат пратениците.
Па кој бре, луѓе, ќе ви поверува на ова? Со катанци, окови и со еретички кодекси ли ќе одиме во Европа? Или можеби тоа се и европски манири. Зашто кога веќе говориме за Европа и таму не цветаат рози, ниту пак тие самите многу се грижат за владеењето на правото и почитување на пропишаните критериуми и стандарди. Впрочем, самата ЕУ во последно време се претвори во синоним за самоволие и беззаконие, а потврда за тоа се и најновите анкети, според кои, голем процент од Европејците не веруваат дека правото се спроведува во нивните држави.
Изгледа не бил само командант Форина, алијас Талат Џафери. Катанец-демократија на големо практикува и Европа, особено во ликот и делото на нејзината членка Бугарија. Но да се вратиме уште малку на домашните предизвици.
Сега пред нас се нови искушенија. По многу процени токму јуни ќе биде бурен и динамичен од повеќе аспекти. На црковен план се очекува да се заокружи признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, со доделување томос од страна на Вселенската патријаршија. Дали тоа ќе се случи веќе на 12 јуни на заедничкото сослужување на вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот г.г. Стефан, останува да видиме. На надворешнополитички и дипломатски план, повторно јуни е одлучувачки месец дали Македонија конечно ќе добие датум и ќе ги почне преговорите со Европската Унија или ќе го пропушти и овој воз поради бугарското вето. Но токму искуството со истрајноста, мудроста и умешноста на челниците на МПЦ-ОА треба да биде пример и поука како да се води дипломатската битка и на надворешнополитички план. Кога на своја страна ги имате правдата, вистината, кога со вас се народот, црквата и целокупната правдољубива демократска јавност нема потреба од брзање, отстапки и непромислени потези. МПЦ-ОА ја доби битката без да потклекне, бидејќи секогаш беше заедно со верници и со својот народ. И Македонија ќе добие датум кога ќе дојде време за тоа, со гордо крената глава, заедно со својот народ, со зачуван идентитет, историја, јазик.
Во меѓувреме, пред нас за решавање чекаат редица други внатрешни проблеми со потенцијал да прераснат во таканаречени домашни вета и пречки на патот кон ЕУ. Тука, секако, спаѓа борбата против корупцијата. Деновиве еден странски амбасадор, отворено и без влакно на јазикот, ни порача дека сме меѓу најкорумпираните држави во светот во рангот на Колумбија и Етиопија. Верувам, ќе се согласите, со вакво друштво не се оди во ЕУ. Значи нѐ чекаат длабоки реформи во редица важни области, за државата и граѓаните. Неопходна е промена и на досегашната политичка матрица на однесување. И на власта и на опозицијата. Пратениците со години посетуваат обуки и се тренираат да применува етички кодекс на однесување. Но она што во пракса секојдневно го гледаме повеќе наликува на некаков еретички кодекс. На некаков тренинг за отпадништво, блокади, деструкција. Сериозни зафати се потреби и во економијата, енергетиката, земјоделството, медиумите, области во кои очајно се потребни мерки за поддршка. Но наместо тоа, со одредени свои потези и мерки политичарите како да сакаат да им стават катанец на суштински важни сектори, како што се печатените медиуми, на пример, а со тоа и самите да си ја затвориме вратата кон Европа. Од друга страна,|евентуалното пропаѓање на печатените медиуми, како најверодостоен и најрепрезентативен поборник и застапник на интересите на јавноста, ќе биде само уште еден чекор во насока на пропаѓање на демократијата во државата. Такво нешто не смееме да дозволиме.