Победа на вербата и истрајноста

Победите не се раѓаат во војувањето и во поразите на другите. Победите, од најмалата до најголемата, се добиваат со вербата во вистината и вербата во сопственото (у)верување. Колку и да звучи идеалистичко-утопистички и да е спротивно на толкувањата на влијанието на (гео)политиката, прифаќањето на автокефалноста на Македонската православна црква-ОА во православната екумена е победа на (само)вербата на македонската посебност. Победа на вер(б)ата и истрајноста на Македонската православна црква, нејзините поглавари, верниците, македонскиот народ, па и сите граѓани на Македонија во правото и правдата (Божја и световна) да се биде дел од светот и да се почитува словото Божјо така како што самиот се чувствуваш и се нарекуваш. Кога победуваат вистината и правдата, тоа никогаш не е еднострана победа – победници се сите што придонеле за надминување на неправдата и на сите недоразбирања што произлегуваат од „поделбите на вистината“. На Денот на Светите Кирил и Методиј, 24 мај 2022 година, Српската православна црква и Македонската православна црква-ОА покажаа како со мудрост, трпение и разум се надминува полувековно недоразбирање и со добронамерност се прифаќа вистината за посебноста, автокефалноста на една црква што претставува еден народ. И се покажува дека прифаќањето на реалноста за посебноста, наместо делби и разделби, уште повеќе ги зближува – и црквите, и народите, па и државите.
Прифаќањето на автокефалноста на Македонската православна црква од страна на Српската православна црква (по 55-годишна екскомуникација), со што се расчистува патот за добивање томос од Вселенската патријаршија и признавање од другите помесни православни цркви, несомнено има големо значење и за потврдување на македонската национална посебност во реалноста на световната меѓународна политика. Иако претставува ноторна анахроност и целосно игнорирање на меѓународните акти и повелби во кои како основно човеково право се гарантира правото на самоопределување и себеименување, Македонија и македонскиот народ со децении се принудени на искушенија и уцени од други субјекти во геополитиката (главно соседни земји) со негирање на македонскиот национален идентитет и историска посебност. Едно од тие отворени прашања на Македонија со соседите беше токму легитимирањето на автокефалноста на МПЦ од страна на СПЦ.

Со чинот на прифаќањето што беше објавен во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, од српскиот патријарх Порфириј, беше затворено единственото недоразбирање во пријателските односи меѓу Македонија и Србија. Но искушенијата на политички план за македонскиот национален идентитет, се чини дека се далеку од затворање со соседна Бугарија, која уште поинаетливо настојува да ја блокира интеграцијата на Македонија во ЕУ, уценувајќи со признавање „бугарски корени кај Македонците“. Токму затоа се очекува какво ќе биде влијанието на разврската на македонското прашање во православниот црковен свет врз реалполитичките предизвици со кои се соочуваат македонската национална посебност и постоење.
Во дел од реакциите во македонската јавност за прифаќањето на автокефалноста на МПЦ не можеше да мине незабележано политичкото поврзувањето на „заслугите“ за овој историски исчекор со Преспанскиот договор, кој Македонија го потпиша со Грција. Како што не може да се исклучи меѓусебното влијание и интеракција на световната меѓународна политика со политиката на црквите и религиите, не може да се игнорираат и состојбите што ги предизвика Преспанскиот договор за актуелниот меѓународен статус на Македонија и македонското национално прашање. Преспанскиот договор очигледно не е никаква гаранција за напредок на македонските евроинтеграции (за што и беше потпишан, покрај овозможувањето на членството во НАТО), а предизвика менување на уставното име на државата и имплицитно влијае за преименување на македонскиот национален идентитет и остава можност за негово просторно и временско ограничување.

Така што поврзувањето на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА со немилите политички случувања поврзани со Преспанскиот договор фрлаат само дамка на целата вековна борба на македонскиот народ и македонската црква и на заветот на предците за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Сепак, тоа не го намалува значењето за признавањето на автокефалноста на МПЦ, како своевидно верско, но сепак меѓународно легитимирање на македонската национална посебност. МПЦ низ својата историја, а и со своето сегашно дејствување била еден од носечките столбови на постоењето и интересите на македонскиот народ. Црквата ги препознава стремежите на постоењето на македонскиот народ и неговата желба за сопствена афирмација и опстојување во светот и низ времето. Смирението на верата ги води црковните достоинственици да не избрзуваат со судовите и одлуките за световните премрежиња, но дејствуваат во заштита на стремежите на својот народ. Токму МПЦ-ОА е копотписник на меморандумот Македонски манифест, со МАНУ и со УКИМ, со барање преговорите со ЕУ (а во тој контекст и со Бугарија) да се водат на рамноправна и принципиелна основа. Всушност, рамноправноста и принципиелноста се основата за вистински праведен свет, до кој се стигнува со мудрост и трпение пред искушенијата.