Фото: МИА

Комисијата е загрижена од ширењето на вирусот на мајмунски сипаници и од појавените случаи надвор од ендемичните басени во централна и западна Африка. Состојбата внимателно се следи, но не треба да има паника зашто оваа епидемија, од која во светот има стотина случаи, не е идентична и пропорционална со сѐ уште актуелната пандемијата со ковид-19, рече д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Соопшти дека на денешниот состанок на Комисијата се разговарало за дефинирање клинички патеки за следење, скрининг и дијагностика на пациентите кои евентуално ќе бидат заболени од мајмунски сипаници со цел здравствениот систем да биде подготвен и, како што рече, колку што е можно подобро да одговори на евентуална епидемија и во нашата земја.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе контактирал со Светската здравствена организација да се набават посебни тестови за дијагностицирање на овој вирус, а со СЗО се разговара и за набавка на потребната терапија.

-На состанокот договоривме внимателно да ја следиме ситуацијата и да обезбедиме сѐ што е потребно за навремена дијагностика и третман на евентуални пациенти коишто би биле во нашата држава. Вирусот на мајмунски сипаници иако во светот постои речиси половина век, многу ретко се наоѓаше на овие простори и, практично, дијагностичките и терапевтските процедури коишто се достапни се некако оскудни во овој дел од Европа. Така што сите земји во моментот имаат проблеми за да обезбедат квалитетна дијагностика и третман на своите пациенти. Меѓутоа, Институтот за јавно здравје уште минатата недела стапи во контакт со Светската здравствена организација за да се обезбедат посебни дијагностички китови за ПЦР-тестирање за мајмунските сипаници- рече Мехмедовиќ на прес-конференција.

Карактеристичен симптом е промена на кожата во форма на егзем и појава на мали испакнатани и меурчиња, придружено со висока температура од над 38 степени, болки во мускулите, грбот и премаленост. Симптомите не се разликуваат од останатите инфекции поврзани со сипаници и вирусот се потврдува со посебни ПЦР-тестови и опрема што се очекуваат во земјава, а наскоро, рече Мехмедовиќ, ќе биде целосно функционален и системот за справување со евентуална епидемија.

-Не би сакале да креваме паника. Загрижени сме, но редовно ја следиме состојбата и доколку има какви било промени навремено ќе интервенираме – додаде портпаролот на Комисијата за заразни болести.