Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик – на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. А по Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род
Светите Кирил и Методиј во Православната црква се прославуваат како „свети рамноапостолни Кирил и Методиј, учители словенски“.
Кои се свети Кирил и Методиј? Тие се еден владика и еден калуѓер: Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. И двајцата биле многу учени луѓе. Вброени се меѓу најучените во цела Византиска Империја.
Нивното потекло било од Македонија. Тие ги познавале својот народ и мајчиниот јазик. Затоа, на тој јазик го создале и првото писмо, азбуката и ги поставиле правилата за пишување.
Зошто создале азбука и писмо? Браќата го направиле тоа со мисла за подобро да ја исполнат својата желба – а нивната желба била да Му служат на Бога, проповедајќи го Неговото спасително учење меѓу својот народ, и тоа на разбирлив народен јазик и писмо. Само така може да се објасни и да се сфати делото што го правеле овие свети мажи.
И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието. Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик – на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. А по Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.
Константин, или со монашкото име Кирил, поради големата ученост бил наречен Филозоф, а станал и учител во тогаш најпознатата Магнаурска школа во Цариград. Тој високо се издигнал и во богомудрието. Знаел многу јазици: грчки, латински, словенски, еврејски, самарјански и други. Застанал во одбрана на иконите и бил против иконоборците.
Кога требало да се брани христијанството и од другите вери, во земјите блиску до Византија, и таму биле испраќани светите браќа Кирил и Методиј. Нивната прва верска и политичка мисија била кај Хазарите, која ја завршиле успешно и се вратиле триумфално во Цариград.
Таму, на островот Крим, Свети Кирил и Методиј ги пронашле моштите на Свети Климент Римски папа и ги зеле со себеси. Свети Климент Римски бил ученик на Свети Апостол Петар и римски епископ, кој умрел во прогонство на Крим, каде што бил фрлен в море, со котва околу вратот. Неговите мошти, на чуден начин, Бог им ги открил на светите браќа, кога се почувствувал мирис на „големо благоухание – како од многу кандила, и потоа се појавиле светите мошти.“ Тогаш Свети Кирил напишал поетска творба со која го опеал Свети Климента.
Претходно, Свети Кирил имал и уште една мисија кај Сарацените и ја завршиле со успех. Од секаде, како се враќале, си оделе в манастир, каде што главна работа им била „да се молат на Бога, беседејќи само со книгите“. Се смета дека заедно со нив во манастирот бил и Свети Климент и таму ја започнале подготовката за третата и најважна мисија меѓу Словените.
Тогаш, моравскиот кнез Ростислав, побарал од Византија мисионери што ќе го шират зборот Божји и ќе богослужат на словенски јазик, бидејќи проповедниците од Запад им служеле на латински јазик, а проповедале на германски. Ростислав, всушност, сакал независноста на својата држава да ја осигури преку формирањето независна црква во Моравија и затоа правел сè да дојде до формирање словенска народна црква.
Византискиот цар и цариградскиот патријарх со радост ја прифатиле молбата и веднаш ги определиле браќата Кирил и Методиј за мисионери во Моравија. По една година, во 863 Господово лето, Свети Кирил и Методиј веќе тргнале за Моравија, а претходно ги превеле потребните книги и одбрале соработници и ученици. Тие отишле кај моравските Словени (денешните Чеси и Словаци), во Панонија, кај панонските Словени и кај (најзападните Словени – Словенците или Словинците).
Што направиле во Моравија? Во беседите и во богослужбата го вовеле словенскиот говорен јазик. Тоа претставувало голема радост за моравските Словени и вистинско доближување на Христа и Неговата наука до душите на луѓето. Постапно, се ширела употребата на словенскиот јазик, освен во црковната служба и во проповедта, и во учителството и во просветата.
Браќата имале голем успех, но се зголемувале и зависта и злобата кон нив, па ги обвинувале дека се еретици, затоа што богослужат на несвештен, варварски јазик, каков што го сметале словенскиот. Тие велеле дека Светото писмо – Божјото слово, христијанската вера и молитвите – богослужбите, можат да се извршуваат само на три јазици: грчки, еврејски и латински, на јазиците на кои бил испишан текстот на Христовиот крст на Голгота. Ги обвинувале и дека се агенти на Цариград и, најпосле, дека богослужеле во област што не била под јурисдикција на Цариградската патријаршија, туку на Римската црква.
Појавата на Светото писмо и богослужението на новиот словенски јазик за нив станал необичен настан, бидејќи од почетокот на Црквата Христова, до Свети Кирил и Методиј, Евангелието и христијанството се распространувало меѓу елинизираните и латинизираните народи, за кои не бил потребен нов превод. Отпорот на тријазичниците, наречени Пилатовци, се зголемил особено по заострувањето на односите меѓу Рим и Цариград.
Кон нив Свети Кирил ги пројавил целиот свој полемички дар и своето боговдахновено остроумие, па, покажувајќи ги и сето свое знаење и познавањето на христијанството, прекрасно ги одбранил ортодоксните вистини.
Со победата над тријазичниците, Светите Кирил и Методиј ја заштитиле словенската мисија, го одбраниле словенското богослужение, словенската писменост и правото на секој народ да пишува и да Му се моли на Господа на својот мајчин јазик.
Тријазичништвото, всушност, било користено како орудие за да не се создаде нова црква и самостоен црковен живот на словенски јазик.
Во мисијата, пак, на светите браќа ќе им било многу полесно доколку имале со нив и епископ. Тогаш ќе можеле да ракополагаат тамошни ученици за свештеници и на тој начин ќе ги поставеле основите на словенската Црква, а потоа, заедно со тамошното свештенство полесно ќе се бореле со непријателите. Но, епископ немале, туку само свештеномонаси. Сфаќајќи ја тешкотијата во која се наоѓале, Свети Кирил и Методиј отишле во Рим. А таму биле свечено пречекани од новиот папа Адријан II и од римските граѓани, затоа што ги носеле со себе и моштите на Свети Климент Римски.
Папата се сретнал со основачите на словенската литургија, писменост и книжевност. Ги примил како светии, со голема почит, го одобрил и го благословил нивното дело и ги осветил словенските книги. Со тоа, тој го признал словенското писмо за свето и допуштил да се употребува на богослужбите.
Тој им го исполнил и барањето некои нивни ученици да бидат ракоположени, а Свети Методиј бил хиротонисан за епископ. Најстариот од мисионерите станал владика. Но таа радост ја следела и жалоста, затоа што во тоа време во Рим починал Свети Кирил. Откако ја одржал последната служба за Божик, тој легнал в постела и по еден месец се упокоил, на 14 февруари 869 лето Господово. Погребан бил во базиликата „Свети Климент Римски“, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб. Таму, Македонската православна црква и држава оди катагодина на поклонение пред светиот Учител.
Како благословен од папата и канонски киријарх на Панонско-моравската архиепископија, архиепископот Методиј прво си поставил за задача насекаде во Панонија да постави свештенослужители и учители и да воведе богослужение на народен, мајчин, словенски јазик. Затоа, веднаш почнал да подготвува ученици-клирици од тамошното население.
Како архиепископ моравски и панонски, Свети Методиј поминал дванаесет години. Но непријателите се побуниле и Свети Методиј бил одведен в затвор, дури во најзападниот дел на Баварија, во градот Елванген, само за да биде што подалеку од границата на својата диецеза. Затворот почнал од есента 870, па до почетокот на 874 година. На 6 април 885 година и Свети Методиј се упокоил, оставајќи во Моравија околу 200 свои ученици: свештеници, ѓакони и ипоѓакони.
А што пишувале Светите Кирил и Методиј и какво е нивното книжевно дело? Тоа се само црковни книги: Библија, Евангелие, Апостол, Псалтир, Номоканон и „избрани служби“, односно Молитвослов што ги содржи молитвите од Служебникот и Требникот. Со нивното дело, старомакедонскиот словенски јазик стана првиот книжевен јазик на сите Словени.
Ратомир Грозданоски
Авторот е професор на Православниот богословски факултет во Скопје