Фото: Маја Јаневска-Илиева

Култот на Светите Браќа Кирил и Методиј на овие простори – Западниот Балкан, како дел од Југоисточна Европа, кога овој регион живеел без граници, е создаден со цел да се зачува автокефалноста на Охридската архиепископија во 18 век и се афирмира и во 19 век

Денес, 24 Мај, го одбележуваме, Денот на словенските светители Кирил и Методиј и им оддаваме почит на светите браќа Кирил и Методиј, светители што ги слави целиот културен свет во денешна Европа, но и пошироко.
Притоа, од исклучителна важност е овој празник да го сместиме во нашите простори, т.е. во рамките на македонската култура, и со тоа да го мотивираме празнувањето на денот.
Веднаш морам да истакнам дека меѓу Македонците и меѓу другите православни заедници од ова подрачје на Југоисточна Европа, култот на Св. Кирил и Методиј се развива на еден посебен начин. Да се потсетиме дека двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите. Во 1880, Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски. Посебниот начин на кој се празнува овој култ кај нас и во соседните држави Албанија, Косово, Србија, Грција е поврзан со култот на Св. Седмочисленици. Именувањето Св. Седмочисленици се однесува на Светите Кирил и Методиј и на нивните пет ученици. Денот на празнувањето е на 10 август според новиот календар. Сп.: „Со какви похвални венци“ – се прашува денес црковниот поет – „да ги пофалиме Седмочислениците славни, Кирила со Методија, Климента, Наума со Сава и Горазда со Ангеларија, кои Единиот Бог во три Лица нам ни Го возвестија и во верата православна нѐ утврдија“?
За првпат овој натпис „Св. Седмочисленици“ го среќаваме во нартексот на црквата посветена на Св. Наум на Охридско Езеро. Натписот е на грчки јазик. Претпоставуваме дека фреската е создадена во 1806 г., кога црквата е живописана од мајстор Трпче, син на зографот Константин од Корча, Албанија. Вакви фрески со истиот натпис постојат во повеќе цркви во централна Албанија. Во манастирот „Драка“, Крагуевац (Крагујевац), Србија, зографисан во 1738 г., исто така постои ваква фреска со поинаков натпис „Сабор српских светитеља“. Во С. Македонија и во Грција написи на грчки и на црковнословенски јазик среќаваме од значително поново време. Интересно е дека на иконата на Дичо Зограф, познат македонски фрескописец и иконописец, во центарот на „Седмочисленици“ од 1861 г. не се наоѓаат Светите Кирил и Методиј, туку Св. Климент. Ова е многу значаен податок што ни го осветлува големото значење на Св. Климент за нас, Македонците, и за другите православни заедници од Македонија. Во Бугарија немаме вакви работи пред 1866 г.

Сето досега кажано води кон еден несомнен заклучок. А тоа е дека култот на словенските првоучители Св. Кирил и Методиј е обновен во Југоисточна Европа во времето на националниот романтизам, 18 и 19 век.
Овде се поставува и уште едно многу важно прашање: каде е создаден (или – обновен култот кон Светите Кирил и Методиј и нивните пет ученика: Св. Методиј, Св. Климент, Св. Наум, Сава, Горазд и Ангелариј (рамноапостолните)?
Трагата нè води до градот Москополе (Voskopojë, Југоисточна Албанија), населен во тоа време со Ароманци (Aromanian: Rrãmãnj, Armãnj), припадници на Патријаршијата во Турското Царство. Таму е создадена службата на Седмочислениците во 1741 или 1742 г. Таа била сочинета од јеромонахот Григориј Константинидис-Москополецот. Тој се јавува и како автор на службата на Петнаесетте тивериополски маченици.
Бугарскиот писател и преродбеник Пајсиј Хилендарски во својата „Славеноболгарска историја“ истакнува дека грчки иконописци (мисли на: патријаршисти Ароманци) ги цртаат на иконите словенските учители што ги составија словенските книги, меѓу нив се Св. Кирил и Методиј.

Во еден период на Балканот што можеме да го наречеме преднационален оживува традицијата на Св. Кирил и Методиј со јасна регионална нагласка: кај нас Св. Климент, Св. Еразмо, при што етничките разлики остануваат во втор план. Ова било тесно поврзано во тоа време со чувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија, која во тоа време (18 в.) била загрозена и нејзината автокефалност била укината 1767 г. да се потсетиме на позната песна на Григор Прличев посветена на овој настан „Во 1862 лето“.
Во охридската црква посветена на Св. Наум има уште една фреска од мајсторот Трпе над гробот на Св. Наум, каде што Св. Кирил и Методиј, заедно со своите четири споменати ученици го оплакуваат мртвото тело на Св. Наум. Интересно е дека во центарот не е Св. Кирил, туку неговиот брат Св. Методиј. Со ова симболички ја гледаме идејата дека треба да се афирмира самостојната Охридска архиепископија. Затоа фигурата на Архиепископот е поголема и ја надвишува фигурата на Филозофот.
Сега да заклучам: култот на светите браќа Кирил и Методиј на овие простори – Западниот Балкан, како дел од Југоисточна Европа, кога овој регион живеел без граници, е создаден со цел да се зачува автокефалноста на Охридската архиепископија во 18 век и се афирмира и во 19 век. Култот на светите браќа е афирмиран (обновен) во Москополе, град населен со Ароманци, кој се наоѓа во југоисточна Албанија. Фреската „Седмочисленици“ се наоѓа во манастирот посветен на Св. Наум, С. Македонија. Натписите се на грчки библиски јазик. Култот на светите браќа се раширува во Србија и во Бугарија и во Црна Гора. Него го негува и муслиманското население од овие краишта.
Ова укажува на една мошне важна поука: ако еднаш во минатото овој регион живеел без граници, тоа може да го прави и во иднината.

Људмил Спасов

Авторот е универзитетски професор од Филолошкиот факултет, претседател на Советот за македонски јазик