Секој реализиран проект, колку и да изгледа мал, придонесува за подобрување на квалитетот на живеењето, особено во руралните средини, каде што многу работи не се менуваат со години. Но се чини дека домашните политичари не можат да се ослободат од навиката за давање преголем публицитет за секој нивен „потфат“, кој треба да биде дел од нивното секојдневно извршување на функцијата за која се избрани
Нов апарат за магнетна резонанца првпат се обезбедува во прилепската болница. Ова е добрата вест што изминатиот викенд беше проследена кај мал дел од македонските медиуми, чие внимание подолго време е насочено кон настаните на украинскиот фронт и кон тоа што се случува на релацијата власт – опозиција во Македонија. Отворањето на новото реновирано одделение во болницата го доби заслужениот третман со присуството на министерот за здравство и, секако, со претставници на вработените во болницата и локалната власт. Тоа се истите слики на кои сме навикнале да ги гледаме кога се остварува некоја инвестиција или отворање објект, за чија реализација граѓаните со години чекаат. По поделбата на централната и локалната власт меѓу главните политички ривали во земјава, македонските гледачи се сведоци на многу настани на кои се сечат црвените ленти. Меѓу отворањето на многуте детски игралишта, асфалтирања улици, паркови…, деновиве можевме да видиме како еден градоначалник од внатрешноста организираше свеченост за отворање на реновираната сала за венчавки, а како што беше објавено „тоа не им успеало на неговите претходници“!
Се разбира, добро е да се гради. Министрите и градоначалниците се избираат за да им го подобрат и олеснат животот на нашите граѓани. Секој реализиран проект, колку и да изгледа мал, придонесува за подобрување на квалитетот на живеењето, особено во руралните средини, каде што многу работи не се менуваат со години. Но се чини дека домашните политичари не можат да се ослободат од навиката за давање преголем публицитет за секој нивен „потфат“, кој треба да биде дел од нивното секојдневно извршување на функцијата за која се избрани. Ако добро слушнавме, Одделението за магнетна резонанца во прилепската болница се отвора првпат по 50 години во Прилеп! Изненадува и информацијата дека медицинскиот апарат е набавен како дел од ИПА-фондовите за нашата држава заради подобрување на здравствените услуги за прилепчани, кои биле принудени да доаѓаат во Скопје за да извршат сложени здравствени прегледи.
За тоа каква е состојбата во македонското јавно здравство на сите ни е добро познато и тоа доаѓа до израз кога ќе се обидеме да закажеме посложен преглед кај специјалист. Наместо да се пристапи кон целосно реформирање на здравствениот систем, крупните зафати се пролонгираат за некое идно неопределено време, а власта и опозицијата се обидуваат да се пресметуваат преку грбот на пациентите. Изградбата на нов клинички центар, кој беше најавуван од пред десетина години, сѐ уште не може да излезе од собраниските лавиринти, поради спротивставените политички и партиски интереси. Последните информации, кои се објавени во медиумите, се дека ќе се формира заедничка комисија од четири политички партии, меѓу нив и од опозицијата, кои треба да изнајдат „заедничко прифатливо решение за локацијата и изгледот на новиот здравствен комплекс“. За сето ова време додека траат убедувањата меѓу власта и опозицијата околу поделбата на здравствениот колач, во соседна Србија се изградија нови центри во Белград и во Ниш.
Јавното здравство е само еден сегмент од нашето пошироко општествено-политичко опкружување за кое граѓаните предолго чекаат да ја слушнат „добрата вест“. Сѐ поизвесно е дека долгонајавуваната одлука за почеток на преговорите со Европската Унија нема да пристигне во јуни. Како по обичај, навикнавме да добиваме лоши вести од Бугарија, кога станува збор за повлекувањето на ветото за Македонија. Најновата порака од Софија ни ја соопшти шефицата на кабинетот на премиерот на Бугарија, Лена Бориславова, за тоа дека бугарскиот премиер Кирил Петков нема наскоро да го посети Скопје. „Меѓувладината конференција се одложува додека не видиме чекори поврзани со исполнување на критериумите, со разбирање и со дејствија што докажуваат дека ќе има борба против дискриминацијата на бугарското етничко малцинство“, изјави Бориславова за БНТ.
Јавното здравство е само еден сегмент од поширокото општествено-политичко опкружување за кое граѓаните предолго чекаат да ја слушнат „добрата вест“. Сѐ поизвесно е дека долгонајавуваната одлука за почеток на преговорите со Европската Унија нема да пристигне во јуни. Како по обичај, навикнавме да добиваме лоши вести од Бугарија, кога станува збор за повлекувањето на ветото за Македонија
Македонија во наредните месеци се соочува со многу предизвици, кои произлегуваат од економската и енергетската криза што ги зафати Европа и светот. Политичките лидери, водејќи се првенствено од партиските интереси, заради стекнување подобар рејтинг кај гласачите, ги занемаруваат стратегиските интереси на земјата. И повторно на сцена се најавуваат блокади на работата на Собранието, кое никако да профункционира со својот полн капацитет. Наместо да се заложат за конструктивен пристап во изнаоѓањето заедничко и подобро решение за излез од севкупната криза, претставниците на власта и на опозицијата влегоа во јалова дебата околу тоа кој повеќе е виновен за влошените економски состојби во државата, високата корупција, неефикасното судство или нефункционалните државни институции. Така, деновиве од премиерот Димитар Ковачевски слушнавме дека „е апсолутно неодговорно во услови на криза да се блокира Собранието“, како одговор на најавите на опозицијата за „активна блокада“ на Собранието од 10 мај. Наспроти ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека блокадата на Собранието е само прв чекор од нивната стратегија за уривање на Владата.
Ваквата реторика, која ја слушаме со години, но во сменети улоги на власт и на опозиција, не донесе никаква корист за граѓаните, кои сѐ повеќе се загрижени за тоа како да го поминат месецот, во услови кога цените на основните производи растат секојдневно.