Инфлацијата одеднаш стана главен проблем речиси во сите земји. Она што е невообичаено овој пат е тоа што напредните економии се во првите редови, со годишна инфлација на потрошувачките цени во моментов од 8,5 отсто во САД, 7,5 отсто во еврозоната и седум отсто во Велика Британија. Меѓу земјите во развој, традиционално поотпорните азиски економии, исто така, бележат висока инфлација, при што растот на цените во Индија достигна седум, во Бангладеш 6,2, а во Јужна Кореја 4,1 отсто во март. Во неколку случаи, драстично високата инфлација има причини специфични за земјата. Во Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган се обидува да раководи со централната банка. Во Шри Ланка вината е во крајно лошото управување со девизните резерви и земјоделската политика.
Генерално, сепак, инфлацијата е еден од најмалку разбраните феномени во економијата. Постои доволно знаење за да се спречат големите хиперинфлациски епизоди од минатото, како што се рекордните случаи во Германија во 1923 година, во Унгарија во 1946 година и во делови од Латинска Америка и во Африка во поново време. Но приспособеното управување со инфлацијата што сега е во тек е област каде што економијата најмногу ги покажува своите слаботи. Сè што можеме да направиме во оваа фаза е внимателно да го користиме знаењето за инфлацијата што го имаме. Дополнително, од суштинско значење е подобра глобална координација на монетарната политика. Овие минимални чекори се особено важни за економиите во развој во Африка, Азија и во Латинска Америка, каде што инфлацијата може да доведе до екстремна сиромаштија кај големите ранливи популации.
Со оглед на тоа што инфлацијата во САД достигна нивоа што не се забележани од 1981 година, многумина вината ја бараат во Федералните резерви. Мислам дека критиките се претерани. За почеток, спротивно на она што некои набљудувачи го тврдат, примарен двигател на тековната инфлација не е побарувачката, туку понудата, а особено тесните грла и прекините на синџирот на снабдување предизвикани првично од пандемијата на ковид-19 и влошувањето на тековниот конфликт во Украина.
Кога инфлацијата се јавува чисто поради вишокот ликвидност и побарувачка, зголемувањето на цените кај стоките и услугите е сè порамномерно. Но денес храната и енергијата сочинуваат непропорционален удел во вкупната бројка на инфлација. Ако ги отстраниме овие ставки, инфлацијата во еврозоната нагло опаѓа од 7,5 на 3,2 отсто, додека инфлацијата во САД се намалува од 8,5 на 6,5 отсто.
Разликата во основната инфлација меѓу САД и еврозоната сугерира дека вкупната побарувачка, дури и ако не е примарна причина за денешните ценовни притисоци, одигра поголема улога во САД. Покрај тоа, порастот на побарувачката се случи со добра причина. Администрацијата на претседателот Џо Бајден го воведе еден од најголемите владини пакети за економска помош во историјата на САД, со таканаречениот Американски план за спас вреден 1,9 илјади милијарди долари, кој е дел од вкупниот пандемиски стимул од речиси 25 отсто од БДП за поддршка на поранливите сегменти на општеството за време на кризата со ковид-19. Иако инфлацијата е висока, посиромашните Американци се подобро заштитени отколку што инаку би биле.
Во случајот на економиите во развој со поголема ранлива популација, вреди да се има на ум дека кога една земја доживува инфлација главно водена од побарувачката, а цените растат насекаде, корекција на девизниот курс може да го задржи ефектот во голема мера во рамките на нејзините граници. Ако цените на сите стоки и услуги во една земја се зголемат за одреден процент и валутата се намалува за одреден процент, може да се случи мало прелевање во другите земји. Но денешната инфлација е нерамномерно искривена помеѓу стоките и услугите, а растот на цените не може да се ограничи само на една земја со обична корекција на девизниот курс. Ефектите на прелевање се неизбежни и сега се случуваат.
Друга причина зошто централните банки изгледаат релативно неефикасни во справувањето со денешната инфлација е напредокот на глобализацијата. Уште од седумнаесеттиот век, кога Централната банка на Шведска (1668) и Банката на Англија (1694) беа меѓу првите централни банки во светот, беше познато дека една економија не треба да има повеќе од едно владино тело за надзор на парите. Сите поголеми економии од тоа време наскоро основаа централни банки во согласност со овој принцип.
Овој систем сега се оспорува на неочекуван начин. Како што продолжува глобализацијата (и покрај неодамнешните нарушувања на синџирот на снабдување), а стоките, услугите и капиталот се движат од една земја во друга, светот сѐ повеќе станува единствена економија. Но во моментов има повеќе од 150 централни банки. Се враќаме на состојбата што политичарите од 17 век се обидуваа да ја надминат. Тоа значи проблеми за управувањето со инфлацијата. Ако една земја се обиде да ја запре инфлацијата со зголемување на каматните стапки, парите ќе се слеваат во таа земја, ќе предизвикаат зголемување на девизниот курс и ќе го намалат извозот. Така, секоја земја природно би имала помал ентузијазам да воведе заострување на монетарните политики отколку што сите би сакале колективно.
Како што важи во многу други области на јавната политика, потребна е подобра глобална координација за да се надмине овој проблем со колективната акција. Како најголема светска економија и издавач на нејзината главна резервна валута, САД ќе треба да преземат несразмерна одговорност за овој напор.
Каушик Басу е професор по економија на универзитетот „Корнел“ и соработник на институтот „Брукингс“