Пекарница што служи европски печива не е воообичаена за Сингапур. Таков е случајот со „југословенската пекарница“, именувана според државата што веќе не постои, отворена од брачниот пар Митре (53) и Катерина Крајоски (39) кои сакаа да ја претстават традиционалната храна на нивната татковина на овдешното население, пишува порталот „Ејт дејс“ од Сингапур.
Сопружниците отвориле кафуле во трговскиот центар „Катонг“ во јули, по што го прошириле бизнисот на втора локација во трговскиот центар „Ситилинк“ во април годинава.
– Ова не е вообичаена комерцијална пекарница. Ние ги следиме домашните рецепти за кои е потребно подолго време за подготовка, но се подобри. Има слатки што вообичаено се прават во чест на прослава – вели Митре Крајоски.
Пекарницата нуди печива во кои би можеле да уживате при посетата на македонски дом во специјална пригода, но во понудата има традиционални специјалитети од цела поранешна Југославија, како што се бурекот и бајадерата, па така пекарницата го добила и името „Југославија“, како што објаснува сопственикот.
– Пекарницата секојдневно прави речиси 20 вида печива и слатки кои значително се разликуваат од азиските печива – пишува сингапурскиот портал.
Митре, кој се доселил во азиската држава пред 17 години за да заврши пилотска обука, сега работи како пилот за „Сингапур ерлајнс“.Неговата сопруга е дипломиран економист, но не сакала да работи канцелариска работа, туку имала страст за пекарството, па одлучила да отвори пекарница. Тие имаат две деца заедно.
Митре планира да ја прошири пекарницата на пет локации низ Сингапур, а во неговите планови е и ангажирањето на пекар од Србија што би можел да го обучи персоналот од Сингапур да подготвува традиционални печива од овие простори.