Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ од Скопје објавува повик за учество во аматерската филмска работилница ОКО. Работилницата ќе се одржи од 13 до15 мај 2022 година, во просториите на културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“.
Концептот на работилницата е формирање семејни екипи, составени од два члена (дете и родител/старател, дедо или баба…) и преку заедничко учење, гледање филмови, разговори и дружење, секоја екипа да создаде, сними и монтира своја филмска приказна. Филмот може да е инспириран од семејните албуми, од соочувањата со генерациските јазови или од секојдневните современи предизвици, како на пример урбанистичката промена во градот, екологијата и животната средина, социјалната правда итн. За учество во работилницата не е потребно никакво предзнаење или техничка опрема. Добредојден е секој што сака едно поинакво семејно дружење и трансгенерациски предизвици.
Работилницата ќе заврши со финален настан за презентација во „Центар-Јадро“.
– Доколку сакате да бидете дел од оваа работилница, испратете и-мејл со ваши податоци на: [email protected]. На работилницата ќе можат да учествуваат првите пет екипи што ќе се пријават на повикот. Повикот е отворен до 10 мај – информираат од „Јадро“.
Работилницата е предводена од Марија Џиџева. Џиџева е родена во Гевгелија, на 24 декември 1970 година. Основно и средно образование завршува во родниот град. Студира на Филолошкиот факултет во Скопје и во 1994 година дипломира на Катедрата за македонска книжевност. Истата година ги започнува студиите на Факултетот за драмски уметности и во 2000 година дипломира на Катедрата за филмска и ТВ-режија. Работи документарни и играни филмови. Учествува на голем број семинари и работилници, каде што се надградува од областа на филмот и филмската едукација, како и на талент-кампуси и пичинг-форуми, каде што ги презентира своите проекти. Авторка е на филмовите: „Мис Амнезија“, „Списокот на Тони Манџа“, „Погледни го животот низ моите очи“, „Барајќи ја среќата“, „Некои поинакви приказни“, „Втора шанса“, прикажувани и наградувани на повеќе филмски фестивали. Работи и на повеќе телевизиски документарни проекти. Во периодот од 2015 до 2018 година е ангажирана на Филмската академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Активно учествува и во филмска едукација на деца и млади, со креирање и реализирање филмски работилници.